Прошетка низ „Хародс“

15 јули 2016

Веднаш до Хајд Парк е сместен еден од најексклузивните станбени и деловни лондонски квартови – Најтсбриџ. На оваа елитна адреса се наоѓаат дел од најдобрите и најексклузивни модни куќи во Европа, па и светот.

Еден станбен квадрат пред две години изнесувал повеќе од 100.000 долари. Еден квадрат. Не е важно дали станот има поглед на соседниот ѕид или е со големина колку една скромна студентска соба.

Тие што можат да си дозволат овде стан, мораат да бидат опкружени со луксуз. На улиците низ овој кварт можат да се видат некои од најскапите автомобили на светот. Барате нови очила за сонце? Можете да ги најдете во „Culter&Gross“, каде ги има најдобрите модели од „Гучи“, „Версаче“, „Армани“, „Шанел“, „Барбери“...

Еден од најпосетените трговски центри во квартот е секако „Хародс“. Иако многумина што влегуваат овде не купуваат ништо, само разгледуваат, богатите клиенти што живеат во околните згради и куќи не недостасуваат. Всушност, ова е местото за секојдневен шопинг на оние од високата класа.

„Хародс“ е една од најголемите и најстари стоковни куќи во светот во која работат повеќе од 10.000 вработени. Мотото е: „Сѐ за секого“, а понудата навистина соодветствува со мотото.

Интересно е тоа што, иако вратите на „Хародс“ се отворени за секого, сепак посетителите мора да бидат облечени во склад со правилата, затоа што враќањето од влезот за несоодветна облека не е реткост. Така, не можете да влезете доколку носите дрес или тренерка, како ни облека која премногу открива.

Мухамед Ал Фајед

Најпознатите сопственици на оваа стоковна куќа се браќата Фајед, особено Мухамед Ал Фајед, кој освен по големите бизнис афери е познат и како голем нарцис на кој никогаш не му е одобрено британското државјанство. Тие беа сопственици повеќе од две децении, а во 2010 ја продадоа за милијарда и пол фунти. Михамед е татко на Доди Ал Фајед, за кој велеа дека е љубовник на Лејди Ди.

Во подрумот на „Хародс“ се наоѓа споменик на трагично починатата принцеза Дајана и нејзиниот свршеник Доди. Всушност, не се работи за еден споменик, туку два. Еден зад друг. Еден е во облик на олтар со фотографии од принцезата и Доди, а другиот е во облик на статуа на трагично починатите љубовници, кои се држат за раце. Во подножјето на статуата пишува: „Невини жртви“, со што јасно се покажува ставот на Мухамед за теоријата на завера, според која кралското семејство е виновно за нивната смрт.

Денешниот сопственик е „Катар холдинг“ на цело со катарскиот емир. Новиот сопственик речиси и да не менува ништо, бидејќи работата од година во година носи сѐ поголем профит.

Некои оддели во оваа куќа се познати сами за себе. Таков е на пример Food Hall, кој се наоѓа во приземјето на „Хародс“, незаборавно место за секој гурман.

Помеѓу другото, особено популарна е и француската слаткара „Laduree“, каде можат да се најдат прекрасни шарени макаронс.

На истото ниво се наоѓа и одделот за убавина, каде можете да се почестите со некоја крема или шминка од водечките светски брендови.Славните египетски подвижни скали ќе ве однесат од врвот до дното на стоковната куќа, со што ќе имате комплетно уживање.

Многу од посетителите се воодушевени од ентериерот, па честа глетка се луѓе со подзината уста што ги разгледуваат плафоните или ходниците што ги поврзуваа одделите. Токму затоа, и не изненадува што во „Хародс“ секојдневно има бројни туристи што доаѓаат да ја разгледаат архитектурата и луксузот. Секој кат носи ново задоволство.

Подрум-нивото е резервирано за машка висока мода.

На првиот кат можат да се видат најновите колекции на познатите дизајнери. Можете и да пробате некои од фустаните на Оскар де ла Рента или Џамбатиста Вали. На овој кат е и бутикот за венчаници. Избор? Неверојатен!

Темперлеј Лондон

Ралф и Русо

 Ако се изморите и сакате да направите пауза, нема потреба да си одите од овој оддел. На чекор до вас е и „Veuve Clicquot Champagne “ барот каде може да се почестите со чаша од најквалитетниот шампањ.

Можете да се одморите и во некој од 28-те ресторани чија понуда оди од далекоисточна кујна, па сѐ до традиционална британска.

Вториот кат е резервиран за сѐ за домот.

Од посетлнини до дизајнерски додатоци за куќа или стан. Првокласен памук, сатен или кристал, крпи од најквалитетниот египетски памук, уметнички слики и фотографии, музички инструменти, кујнски апарати, книги, додатоци за канцеларија, како и оддел во кој ќе најдете сѐ што ви е потребно за патување.

Третиот кат е идеален за љубителите на технологијата, а можат да се најдат и детски играчки.

Овде може да се купи мебел од дизајнерски куќи како „Фенди“, „Лаго“, „Ботега Венета“... Најдоброто за најбогатите.

Следниот кат е посветен на детската дизајнерска облека, мебел за собите на новороденчињата и уникатни подароци за истите.

Петтиот кат е рај за секоја жена – чевли, чевли и само чевли. Всушност, така и се вика и одделот „Shoe Heaven!“. Обувките се изложени како во музеј, бидејќи на крајот на краиштата, секоја жена знае дека добри чевли се вистинска уметност.

На истиот кат можете да ја обновите и спортската опрема или да купите пушка, ако сте вљубеник во лов. Да, можете да купите оружје и комплетна опрема за лов.

На шестиот кат треба да се качите со посебни скали. А овде се наоѓа салон на парфеми. Белината на ходникот во кој се наоѓаат продажните салони делува дури стелирно, но со понудата на мирисите кои просто ве опиваат, белината всушност го смирува целото доживување.

За тие што уживаат во шопингот, „Хародс“ е едно од најубавите искуства. Ако имате прилика некогаш да го посетите, не ја испуштајте. И совет: доколку не сакате да потрошите многу пари, подобро земете само дел со вас, а остатокот оставете го дома, бидејќи колку и да не сте тип што купува, понудата и атмосферата ќе ве понесат.

Објавено:
15 јули 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.260 пати
Извор: 
modamo.info