Сакам да излегувам од комфорната зона

29 ноември 2018

Она што можеби најчесто се прави на почетокот на ноември како Месец на машкото здравје, ние се одлучивме да го направиме на крајот – разговаравме со маж на кој не му се проблем ниту носењето мустаќи ниту пак прегледот кој за многумина е стрес.

Јанко Смилевски е нашиот нов соговорник. Неговиот лик повеќепати досега сме го виделе во разни реклами и кампањи, а овој пат се согласи да излезе од комфор-зоната, согласувајќи се да се фотографира во комбинации кои се сосема спротивни на неговиот стил.

Нашата цел беше, во последните денови на ноември да порачаме дека со завршувањето на овој месец, не треба да престане грижата за машкото здравје, дека и одењето на доктор за многумина претставува излегување од комфорната зона, но сепак е нешто што може да ви ја смени перцепцијата за животот и здравјето.

-Приклучувањето на Мовембер со носење мустаќи започна од естетска гледна точка, сè уште не бев доволно информиран околу тоа што е всушност значењето на овој месец. Но, кога малку повеќе навлегов и прочитав која е приказната зад сето тоа, редовно се прегледувам. Не знам колку кај нас практикуваат да се прегледаат и колку се внимава на машкото здравје, претпоставувам дека тоа е нешто индивидуално. Но, носењето мустаќи во текот на цел ноември е доста застапена практика меѓу мажите - сподели Смилевски со нас на почетокот од разговорот за новите „Приказни од градот“.

Исто така призна дека за мажите одењето на лекар навистина преставува стрес:

-Точно е дека мажите се потешки на одење на лекар. Тоа можам да го кажам и од лично искуство. Многу ми требаше додека да појдам, си наоѓав изговори, но кога ќе отидеш и кога ќе видиш дека не е ништо страшно, напротив, дури е и добро да се направи, и уште ако резултатите се супер, тогаш те охрабрува да продолжиш да го правиш. Сфаќаш дека за тебе се работи. Затоа и треба да продолжи да се практикува и по завршувањето на овој месец.

Средбата ја договоривме во берберница, па го прашав и ужива ли во таквата нега:

- Одам на бербер да и тоа на исто место, кое е во сопственост на мои другари. Инаку фризурата ми е многу едноставна, „пери-носи“, па не поминувам многу време и нема потреба од дополнителни техники.

Во ноември се забележува малку поголема раздвиженост и желба за средување мустаќи и брада кај мажите. Но, за разлика од претходните години, сепак послабо. Популарноста на брадите трае, но од друга страна и почнува да опаѓа, особено на тие подолгите. Изгледа мажите се изморија од таквиот изглед кој бара да се негува брадата. Од друга страна, кратката средена коса, со „нула" степен од страна е сè поатрактивен и баран кај мажите. Јас сум „стара школа", и се трудам да работам по стар начин. Балсам за нега е одличен за брада, за лице, за црвенила. Убаво е да се става за да биде кожата мека и уредна – советува Даниел Спасеноски, сопственикот на „ Daniel's BarberShop"

Во контекст на ова прозборувавме и за стилот. Не крие дека иако облеката што ја носи на фотографиите му е сосема привлечна и убава, сепак тоа не е нешто самиот би го купил.

-Јас сум многу различен од мажите од моја генерација. Имам 39 години, не сум толку млад колку што изгледам :  ).  Мојот начин на работа, облекување може да се рече дека е во тинејџерски манир. Не носам кошули, сакоа, одела, освен ако нема некој свечен настан. Фармерки, маици, ако е кошула е карирана, опуштена, сакам шушкавци, имама една зимска јакна за екстремно студено време и од тоа се состои мојот гардеробер.

И колку и да звучи контрадикторно со оглед на досегашното искуство, позирањето пред фото објектив не му е една од омилените работи.

-Ангажманите со фотографирање или снимање ги доживувам како авантура. Како некој што снимил повеќе реклами, можеби ќе звучи чудно, но срамежлив сум и не сакам многу да се експонирам, но едноставно кога ќе дојде моментот да се опуштам, потоа сè оди полесно. Кога треба да бидам во центар на внимание навистина знае да ми биде непријатно, што знам дека е контрадикторно. Едно време фотографијата ми беше хоби и многу поудобно се чувствувам од зад објективот, отколку пред него.

За тоа дали таквите ангажмани му влијаеле врз самодовербата, ќе рече:

-Не, напротив, на тој начин се тестирам. Предизвик ми е. Кога со нешто не сум сигурен или комотен, сакам да пробам да го направам, да видам до каде ми се границите и се тестирам зошто ми е непријатно да го направам тоа. Си барам одговори за себе – искрен е Јанко.

Многумина го сметаат за урбан лик, што беше повод и да го прашам што за него претставува урбан маж.

-Искрено, не сум размислувал многу на таа тема. Едоставно, маж би требало да биде „обичен“. Да не прави не што што не е. Да не е претенциозен во својата појава и однесување. Да има манири, подготвен да помогне... Веројатно манирите играат голема улога во перцепцијата на мажот. Тие се резултат на домашно воспитување. Некои ги имаат, некои не. Едноставно, мене не ми пречи да сум учтив, да кажам и „благодарам“ и „извини“, но има луѓе кои не се однесуваат така и настапуваат надмено, од позиција на сила, со цел да покажат моќ, машкост можеби...

Со Јанко и претходно бил наш соговорник, кога зборувавме со неколкумина девојки и момци на кои велосипедите им се љубов и добри и естетски привлечни модели. Вели, уште го има истиот велосипед, а физичката активност е нешто без што не може да си го замисли денот.

-Вежбам три пати неделно, порано играв фудбал рекреативно и тоа доста често, сега вежбам комбинација на крос-фит и мултифункционален тренинг. И тоа го правам поради себе – за здравје, фит сум, добро е чувсвувам после тоа, тој вишок енергија излегува таму и потоа сум многу поопуштен и порасположен во текот на денот.  Ми годи од секој аспект.

А токму со велосипедот го поминува секојдневно и омилениот дел од Скопје  – Дебар Маало.

-Ако треба да одвојам некој дел од Скопје што го сакам посебно, тоа ќе биде токму Дебар Маало. Не толку поради некои приказни, колку поради тоа што најголемиот дел од времето го поминувам таму. Таму ми е сè, таму секогаш ме носи патот. Скопје е интересен збир на секаков тип на ликови и карактери. На едно место можеш да видиш и млади луѓе од 18 години, и возрасни што дискутираат за својот живот, има дотерани и опуштени... Но, за жал во последно време во Скопје доминираат лошите работи. На сметка на онаа изрека „Паметниот попушта“, веројатно доаѓаат до израз оние лоши работи, затоа што сите се повлекуваат и сфаќаат дека нема поента да е дискутира, да се бори и секој си го гледа својот дел од животот.

Освен што е ангажиран околу угостителскиот објект каде е ко-сопственик и физичката активност, Јанко е и голем љубител на стриповите и музиката.

- Пуштам музика, тоа ми е како втора работа, повеќе од хоби бидејќи и заработувам од тоа. Тоа е она што ме опушта. И стриповите. Иако имам 39 години, опседнат сум со стрип јунаци, тие се хероите на кои се огледувам, бидејќи повеќето од ликовите што ми се интересни се трудат да направат нешто добро, се борат против злото. Неодамна почина и Стен Ли, и навистина е феномен што секој пат кога ќе почине некој, социјалниве мрежи се преплавуваат и сите стануваат обожаватели, па постираат трибјути, пораки и слично. Од една страна е добро што и постхумно ќе се запознаат со делото на тој што го нема, како во случајот и со Стен Ли, но од друга страна, ако до тогаш не си знаел кој е тоа, што е сега поентата во објавувањето, како да си директно засегнат од неговото заминување, па ти остава празнина во животот. Малкумина знаат дека тој е креаторот на сите тие ликови и херои кои ние денеска ги знаеме и ги сакаме.

На крајот од разговорот, гледајќи ги фотографиите, повторно се навративме на мустаќите. Го прашав, од искуство, сакаат ли девојките мажи со мустаќи:

-Мислам дека девојките повеќе сакаат мажи без мустаќи. Девојките не пропуштаат да кажат што мислат, па ако не им се допаѓаат мустаќите што ги носите, ќе ви го кажат тоа веднаш. Но, мене ми се допаѓа таа промена. Првите денови и јас сум си чуден, си се смеам сам на себе, но потоа се навикнувам и си се допаѓам така. Иако имам детско лице, сакам предизвици. Ако 365 дена во годината изгледаш исто, мислам дека ни тоа не е добро. Секоја промена носи нешто ново - вели Јанко.

А ако сè уште не сте  направиле никаква промена во својот живот, почнете и грижете се за своето здравје во текот на целата година.

 

Реализација: Fashionel.mk

Облека: Fashion Group Macedonia/Bitsiani/Springfield

Место: Daniel's BarberShop

 

Објавено:
29 ноември 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
777 пати