Приказни од градот

Лара Иванова: Сакам светот да дознае за мене!

19 април 2021

За првпат ја видовме на „Макфест“ во 2019 година, но вистински публиката ја забележа и слушна минатата година кога ја претстави песната „Некогаш ќе помине“. Сега е актуелна со „Кој е сега крив“, а додека е во подготовка новата песна што ќе ја презентира наскоро, ние посакавме да поразговараме и да се запознаеме со оваа млада и мошне талентирана пејачка од новата генерација на македонската музичка сцена - Лара Иванова.

Се сретнавме во паркот „Ибни Пајко“ во близина на Музичко - балетскиот училишен центар „Илија Николовски - Луј“ , каде Лара е втора година средно, на балетскиот отсек.

Расположена за разговор и среќна што ќе може пошироката публика да ја запозне, Иванова уште на почетокот ни рече:

„Личност сум што многу ја сака уметноста, учам во Балетското училиште, пеам, се занимавам и со глума, но луѓето не се толку запознаени со таа моја љубов. Посетувам и часови по мјузикл, па таму ги спојувам овие три работи и тоа ме прави среќна, бидејќи во тоа најмногу се пронаоѓам. И во иднина би го следела токму тој правец. Многу сум дружељубива, фина, а тоа го кажувам бидејќи некој нема доволно изградено мислење за мене, сепак сум нова на македонската сцена, па понекогаш гледам коментари дека сум вообразена и арогантна. Но, навистина не сум, секогаш сум расположена за разговор и се трудам да одговорам на секое прашање и на сите што ми пишуваат на социјалните мрежи“.

Пред месец дена на публиката ѝ ја претстави „Кој е сега крив“ која претставува стилско продолжение на првиот хит „Некогаш ќе помине“.

„Кога ја создававме „Кој е сега крив“, се двоумевме дали да ја правиме во тој стил, имаќи на ум колку добро помина „Некогаш ќе помине“. Сепак, одлучивме дека тој е стилот до кој што ќе се држиме, барем за сега. Реакциите кои ги добивме до сега, покажуваат дека повторно сме направиле нешто добро. Сепак, песната е уште „тазе“, но и претходната исто се движеше и во поглед на прегледи и коментари, па можеби и ќе ја достигне“, се надева Лара.

На прашањето пак, како се случило воопшто „Некогаш ќе помине“ и одлуката да има соема поинаков музички израз од останатите, ќе каже:

„Ние буквално влеговме во студио и не знаевме што ќе се случи. Имаше еуфорија и едноставно тргнавме во тој процес. Од прва ја снимивме – прво пеење, текст, сè погодено! Морам да бидам искрена дека од сите песни, таа најмногу мерак ми правеше, бидејќи ми дојде како нешто ново, но не знаев како ќе реагира публиката, не знаев што да очекувам. И кога ја пуштивме, буквално избувна, многу луѓе дознаа за мене, имаше многу позитивни коментари и тоа ми е голема мотивација. Во такви моменти си среќен и си велиш: „Дај да работам уште, да им давам уште повеќе!“.

 

Амбициозна и со желба што повеќе луѓе да слушнат за неа, сепак сака првин добро да ѝ се претстави на домашната публика.

„Сакам уште да се покажам тука, имам 16 годни, планирам така да остане барем уште две години, би сакала тука да се изградам како артист и да ме запознае публиката. А потоа кој знае. Плански ми е ова што го правам, сакам да докажам, претпоставувам како и сите млади, дека има естрада во Македонија  и дека можат да се прават повеќе стилови. Последните две песни се во дип хаус стил, кој многу малку го слушаме на нашата сцена.

Сакам да донесам нешто ново, да оставам посебен печат тука. И да ми се пружи шанса да отидам во странство и на светска сцена, би прифатила, сакам светот да ме дознае, не само Македонија и Балканот“.

Во тој контекст, позборувавме и за разните талент формати низ светот, кои честопати знаат да вивнат некого во ѕвездите.

„Да, сум размислувала за шоуа како „Америка има талент“ и слични нему, но често добивам прашања на социјалните мрежи за „Ѕвездите на Гранд“ и слично – таму не се пронаѓам сосема, но да ми се укаже шанса за некое светско претставување, зошто да не“, вели Лара.

Уште една од работите за кои размислува е и „Бродвеј“. Не ги насочила сè уште големите соништа сосема натаму, но фактот да може истовремено да ги спои трите уметности во кои неизмерно ужива, за неа би било секако остварување на сонот.

„Верувајте, сум размислувала за тоа многу и би била среќна да сум во било каков мјузикл. Многумина и ми рекле дека ме гледаат во таква форма“.

Инаку, никој од нејзиното потесно семејство не се занимава со музика, но сепак е присутен музичкиот ген.

„Мајка ми има завршено нижо музичко, татко ми знае да свири гитара, но никој не се осмелил да се занимава професионално со музика. Јас го пробивам ледот. Тие и ми даваат најмногу совети, тие ми се главната поддршка и со нив разговарам за сè. Но, тука се и продуцентот, Иле Спасев, со него се консултирам по однос на музика и текстописецот Робин Зимбаков,  како тим сме ептен сложни и заедно се носат одлуките. Никогаш не размислувам однапред: „Леле како ќе биде, па дали треба, не треба...“ ако одлучиме нешто, тогаш тоа е тоа“, објаснува Лара.

Кога е модата во прашање, ја следи и интересно ѝ е да испробува нови стилови, иако признава дека нејзиниот личен е обоен во три нијанси.

„Мојот гардеробер е составен од црна, бела и сива, но сега се трудам, кога станувам повидлива за публиката да вметнувам и повеќе боја“.

А во однос на публиката, освен со песните, комуникацијата ја одржува и преку социјалните мрежи.

„Најмногу користам Инстаграм, најинтересно ми е, затоа што таму можам најмногу информации да видам. Се трудам да сум активна. Помладите повеќе се на Инстаграм, но 40+ се на Фејсбук, па се трудам да сум подеднакво активна. Се обидувам и сакам да да бидам блиска до луѓето, да ми поставуваат прашања да им одговорам, бидејќи сè уште никој не ме знае. „Тик ток“ е актуелен, но јас не сум го разгледала доволно, што може интересно и таму да се прави. На Инстаграм најчесто ме прашуваат колку години имам, каде сум родена, кога сум родена, кои ми се омилени артисти, каква музика слушам, дали планирам дует со некој, дали ќе има нови песни, албум и слично и многу пофалби има, што навистина многу ми значи“.

А кога сме кај новите песни, најави дека наскоро ќе објави уште една.

„Следната песна ќе биде во јуни. И за оваа го задржувам истиот стилски музички израз, а потоа очекувајте нешто сосема ново!“, ни отрки Лара.

Ѝ посакуваме успех!

Објавено:
19 април 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
780 пати
Тагови: 
Лара Иванова