Шармантната Кристина Андонова создава креативни парчиња накит за восхит!

15 октомври 2013

Кристина Андонова е исклучителен креативец со неверојатна енергија која едноставно зрачи во секоја нејзина појава. Таа милува да каже дека живее со уметноста од мали нозе. Без разлика дали станувало збор за сликање на најразлични портрети, креирање костими или пак изработка на интересно парче накит, таа секогаш била расположена за создавање на мало парче уметност.

Она што апсолутно воодушевува се нејзините мали парчиња накит што и доликуваат на денешната, модерна и шик девојка. Таа навистина умее да создаде вистинска уметност, а секое нејзино парче накит си раскажува своја приказна.

Кристина ќе каже дека она што најмногу и се допаѓа во креирањето и создавањето на парчињата накит денеска, е слободата во изразувањето во секоја смисла.

„Сакам мали промени во секој аспект од животот и тие за мене се многу значајни, бидејќи ми ја разбиваат монотонијата. Практикувам да работам на повеќе работи одеднаш, така сум најкреативна, а се што работам ми причинува огромно задоволство“, вели Кристина.

Кога ја замоливме да ја опише нејзината работа во само три збора, таа сосема скромно одговори дека повеќе од се би сакала другите да ја оценуваат нејзината работа, но кога би морала да избере три збора од нејзиниот речник и да излезе од границите на скромноста, зборовите би биле – предизвик, разновидност и секогаш перфекција.

Кога станува збор за црпењето на инспирација од нештата што ја окружуваат, Кристина вели дека истата секогаш ја наоѓа во луѓето за кого се наменети малите парчиња уметност што таа ги создава.

„Се трудам максимално, без разлика дали се работи за накит или нешто друго, да и се допадне на личноста за која е наменето и од таму и доаѓа инспирацијата. А скоро секогаш се работи за различни луѓе и прилики“, појаснува Кристина.

Кога се навраќа наназад низ годините говорејќи за првото парче накит што го создала, таа не може, а да не се сети на моментот дека истото го изработила заедно со нејзиниот сопруг. Таа ни објасни дека првото нешто што го создала заедно со нејзинaта љубов биле мали, слатки обетки во вид на лилјачиња што навистина и оставиле голем впечаток.

Во однос на процесот на изработка на парчињата накит, Кристина појаснува дека се започнува со идеја, нејзина разработка на скица, моделирање и печење доколку има елементи од фимо глина и потоа се спојуваат со металните елементи и на крајот доаѓа она на што секој уметник се гордее - готовиот производ и на крајот пакувањето. Бидејќи, како што вели и самата дизајнерка, се изгледа поубаво ако е совршено спакувано.

Изложбата на готовите дела е сонот на секој уметник, без разлика на тоа за каква уметност станува збор. Кристина вели дека се уште не стигнала до таа фаза – изложба на нејзините дела, но вели дека се радува на безбројните препорачувања од нејзините пријатели и тоа всушност е она што ја исполнува и и дава до значење дека завршила добра работа. Самиот факт дека нејзините пријатели и блиски го носат нејзиниот накит и му се радуваат на истиот, и причинува огромно задоволство.

Кога станува збор за работата ја замоливме Кристина да го сподели со нас најдобриот совет што досега го добила од било кој што и значи во животот, но таа ни одговори дека совет како совет не добила, појаснувајќи дека насмевката и задоволните лица, првата реакција кога некој ќе го отвори убаво спакуваното кутивче, кажува се.

„Затоа можам слободно да заклучам дека сработеното со љубов, а не само онака, кажува доволно за тоа дека сум насочена кон вистинскиот пат со мојата работа“, вели Кристина.

Во однос на плановите за во иднина, Кристина со нас сподели дека постојано работи на нешто ново, иако понекогаш и е потребно и подолго време за да креира нешто ново.

„Креирањето на нови парчиња ме исполнува целосно, иако понекогаш ми се потребни и неколку месеци за да понудам нешто ново. Креирањето ме исполнува и тоа е всушност начинот на кој си ги полнам батериите“, ни посочи Кристина.

Оваа млада и креативна уметница навистина има што да понуди, а од неа се очекуваат уште многу интересни парчиња накит и најразлични мали уметности со кои ќе ги радува припадничките на понежниот пол.

Објавено:
15 октомври 2013
Категорија: 
Стории