Периодот после Втората светска војна, може да се рече дека е период на расцут на македонската текстилна индустрија. Така, развојот на оваа гранка во овој период сè до 1990-тата година, може да се подели на три дела.
Со програмата на петгодишното планирање, владата на СФРЈ одлучува да ја промени македонската економија од занаетчиска во индустриска. Според тој план околу 16,7 % од инвестициите биле во текстилната индустрија (период од 1947 до 1953). Тоа е првиот позитивен импулс, а во 1950-тата година кога е изградена и пуштена во редовно производство – фабрика за свила „Нонча Камишова“ во Велес. Ова е период кога во Македонија се создаваат два големи капацитети – Фабриката за преработка на волна, платна и штофови – Тодор Виповски Мерџан (односно Тетекс) во Тетово 1951година, а во 1951/1952 година започнува со работа и фабриката за преработка на памук, односно предење на памучно предиво и ткаење на памучни штофови „Македонка“ во Штип. Всушност, во овој поствоен период Штип се истакнува како центар на текстилната индустрија.
Фабрика Македонка
Вториот позитивен импулс трае од 1958 година до 1966 година, кога се изградени 22 текстилни фабрики во сите делови на државата. Во овој период, односно во 1962 година почнува со работа и „Астибо“. Оваа фабрика првин била одделение на „Македонка“, односно имала производствена линија токму на „Македонка“.
Третиот импулс е од 1970 до 1985 година кога се изградени и пуштени со работа 14 фабрики. Но, и покрај овој генерално позитивен импулс, проблемите за „Македонка“ започнуваат токму од 1970-тите. Фабриката сè повеќе зависела од увозот на памук, бидејќи производството на истиот во Македонија значително опаднал.
Во 1970-тата се реализира идејата за здружување на сили со други текстилни и конфекциски фабрики, па „Македонка“ станува дел од „Интекс“ конгломератот.
Но, не само „Македонка“, после 1985 година, почнуваат проблемите во македонската текстилна индустрија.
Токму за овој период позборувавме со Зорица Младеновиќ, жена која учествуваше и беше сведок на работењето на оваа гранка во споменатиот период, како и нејзиното пропаѓање. Зорица е една од првите Македонци кои дипломираа на Факултетот за применети уметности во Белград, а патот на образованието ја носи и во големиот моден центар, Париз, каде учи од Ивон Деландре. Но, освен што одблиску имаше можност да ја почувствува и доживее Високата мода, Младеновиќ враќајќи се во Македонија почнува да работи како костимограф (за што и дипломира), но и да биде дел од производството на голем број фабрики во Македонија во тој период како еден од малкуте модни дизајнери.
Делови од машините од Македонка после пропаѓањето на фабриката
- Кога јас се запишав на Факултетот за применети уметности во Белград во 1962 година, тогаш за прв пат примија седум студенти од Македонија. Многу малку се школуваа за костимографија. За мода речиси и да немаше. Повеќе на Запад можеа да се сретнат училишта за моден дизајн, затоа што таму има не само текстилна индустрија, туку постоеја и модни куќи со традиција. Имав стипендија, па отидов во Париз да се дошколувам. Професорка по костимографија ми беше Ивон Деландре. Благодарение на тоа, имавме можност да ги гледаме сите модни ревии и да влеземе во сите модни куќи. Најмалку 10 модни ревии сум гледала на Висока мода. Таа беше собирач на старите облеки од Висока мода и 1980-тите го отвори музејот во Лувр за костим.
Модна (р)еволуција во Музејот за костим
Кога имавме предавања со неа, нè носеше во нејзините магацини да ги почувствуваме ткаенините, кроевите да ги видиме, начинот на шиење, целата мода во Франција. Не била висока мода, но била мода за богатите. Во нејзиниот музеј 80 проценти од облеката што била презентирани, била нејзина лична сопственост. Имав среќа да бидам во центарот на модата. Иако не сум се занимавала многу со неа, имав можност да видам што е Висока мода и каде се движи. Кога се вратив во Македонија, бидејќи бев стипендист во МТВ, почнав да работам како костимограф. Иако сè уште немав завршено факултет, го правев својот прв филм со костимографија. Се одвлеков повеќе на таа професија, макар што и Високата мода и модата и костимот е едно те исто. Работата е само, како ќе го интерпретираш и за кого е наменето. Секаде има креативност, има возбуда во тоа да направиш, создадеш нешто – вели Младеновиќ за своите студентски денови и почетоци.
Но, со враќањето во Македонија ѝ се отвораат и нови можности, а со тоа и нови предизвици.
-Кај нас, во социјалистичко општество, се правеа големи индустрии, каде работеа по пет до десет илјади вработени. Од 1979 година почнав да работам во СОЗТ Интекс (памучна иднустрија), каде создадовме центар за мода и креација. Бевме две креаторки, па со моја колешка која исто така се школуваше во Париз, бевме праќани во сите фабрики во Македонија да создаваме колекции. Тогаш секако, не се мислеше на Висока мода, туку на облека што ќе се произведува, продава и што ќе се носи. Масовно производство. Во 1987 година имаше 65 фабрики, од кои 30 со коннфекционирање.
Производи на Астибо во време на СФРЈ
Иако, кога почнав да ги осознавам нештата тука, бев изненадена од тоа дека, тоа што шивачката ќе ти го изработи по мерка од некој добар материјал, чинеше многу помалку отколку да купиш конфекција. Конфекцијата почна да се создава во тие времиња. Не се знаеше што е моден креатор а што моделар. Моделари вооптшо не постоеја. Постоеше една школа во Марибор каде тие се школуваа, но во Македонија имаше многу малку и претежно беа во „Тетекс“ и „Астибо“. Тие беа поголемите текстилни индустрии. Тетекс за волна, а Астибо чиста конфекција, но зад неа стоеше Македонка со памучни ткаенини, кои не беа со висок квалитет, но и во двете се произведуваа парчиња секоја сезона. Овие парчиња се продаваа низ цела Југославија, па се извезуваа во Русија, па од едно парче потоа се правееше во илјадници – раскажува Зорица.
Тетекс во Тетово
Од тој поглед проблеми немало. Пазарот бил голем, работа имало. Но, на сметка на тоа се појавуваат други проблеми и состојби.
-На пример, во тоа време капутите ги правеше Драгица Спајиќ и повторно ќе кажам, имаше илјадници парчиња од еден капут. Тогаш постоеја голем број текстилни фабрики. Една од причините можеби е и затоа што текстилната е нискодоходовна гранка. Луѓето беа малку платени, па имаше големи комбинати. Но, овој стручен кадар од модни креатори и моделари имаше многу малку. Колешката моја и јас работевме во пет-шест фабрики истовремено кај нас – вели таа.
На прашањето колку е тешко да се функционира така, со оглед дека се работело за различни модни стилови, Зорица вели:
-Беше тешко со оглед на тоа дека треба да направиш нешто различно. Во „Стружанка“ на пример, работев со трикотажа и во „Пелистер - Битола“, од ноќниции до фустани, долна облека. Во „Иднина-Битола“, правев јакни, спортска облека. Во „Прогрес- Скопје“ сум работела и женска облека и машки спортски јакни. Во „Готекс“ се појавија ткаенини со “премаз“ кои не пропуштаа дожд, па сме правеле по не знам колку модели по сите фабрики од тој материјал, кој го имало во различни грамажи бои и дезени.
Беше предизвик да се работи. Се изборив, тоа беа пионерски времиња, да нè праќаат и нас креаторите да видиме што се случува надвор. Бидејќи јас бев упатена во тоа што има во Париз, имав можност да однесам луѓе, да им бидам на некој начин водич, кои работат на тие позиции во фабриките, а никогаш не се едуцирале на тој начин и немале можност да го видат тоа одблиску, затоа што немало школо. Имаше средно уметничко, но индустријата тогаш се развиваше и навистина немаше кадри. Но, имавме пазар – објаснува Младеновиќ.
производство на материјал во фабрика за трикотажа
Сега ситуацијата е поинаква. Кадар има, но нема пазар. Со распаѓањето на Југославија се затвораат сите фабрики, бидејќи нема пазар.
Зорица додава дека, на сметка на тоа, од 1990-тата никнуваат помали текстилни фабрики, каде сопственици се луѓе што претходно работеле во големите. Тоа се луѓе кои имале можност да ги испратат децата да се образуваат надвор (во Италија, Бугарија), што виделе каква е ситуацијата надвор, па со враќањето во Македонија им помагаат на своите родители.
-Тие се денес сопственици. Всушност, поентата ми е дека за нив се најде работа и работно место. За сите други е потешко и нема работа. Малите текстилни фабрики каде има и до 300 вработени, работат ЛОН систем. Низ нивните раце поминува сè до копче. Тие немаат потреба од моден дизајнер. Едно е да завршиш факултет, а друго потоа да се до-специјализираш, да ги научиш сите тајни на работење, размислување. Образованието е добро, но ако немате каде да работите, тогаш е џабе...
Иако денес често можеме да слушнеме дека во текстилните фабрики во земјава постојат отворени работни места, младите не прифаќаат.
-Не прифаќаат затоа што им се нудат малку примања за многу работни часови. Во оваа работа нема креативност. Има брзина и умешност. Но, сметам дека на модните креатори не им е место само во производството, туку и во продажбата. Треба да го стекнат искуството, да знаат клиентелата што бара. Во големите модни куќи, модниот дизајнер е во контакт со своите клиенти. Тој ги чувствува и знае што сакаат. Веројатно и денеска е така. Богатите личности што имаат можност да си дозволат висока мода, се приклонуваат кон еден дизајнер. Тој ги има нивните мерки. Дури се направени и кукли според пропорциите на клиенти, и тие телефонски го договараат моделот. И тоа е добро платени.
А кај нас? Дизајнерите имаат една модна недела, тука ќе се појават со 10-тина модели, дали ќе ги продадат-дали не, тие од тоа не можат да живеат. Мора нешто да се работи, за да можеш да си ги покриеш основните трошоци. Модата е скапа. Таа е луксуз. Ние се трудиме да влеземе во ЕУ, а таа гледа да најде свои работници и евтино да ги плати, а ние спаѓаме во тие – заклучува костимографката, професорка и дизајнерка.
внатрешноста на фабриката за конфекција Астибо
Но, не сме единствените што се вртиме кон конфекциското односно сериското производство. Големите модни куќи сфаќајќи дека не можат да опстанат од Висока мода, се вртат на друга страна.
- Во 1980-тите се појавува прет-а-порте. Зошто се појавува? Настанува нова генерација на потрошувачи, тоа се луѓе кои имале можност да се едуцираат, имаат нов начин на живеење, имале можност да купуваат, да гледаат, да бидат сопственици на својот вкус и да знаат што сакаат. На пазарот постоел глад на од нови производи, што ќе бидат наменети за младите генерации. Бидејќи модните куќи не можеле да опстојат само со Висока мода, имале по 70 работници кои требало да се платат. Бидејќи работната рака била скапа, тие почнуваат да се шират. Во Кина бев во 1989 и сите големи француски куќи имаа свои фабрики, кои што ги произведуваа прет-а-порте моделите што се продаваат во бутиците. И ние сме дел од тоа што, евтината работна рака е кај нас и на некој начин се прави експлоатација. Но, тоа не е само во текстилната. Така е речиси во сите индустрии кај нас. Во Франција ќе го платат 1000 евра, кај нас 200 – смета Зорица.
текстилна фабрика во Кина
Имајќи го сето ова предвид, таа не е оптимистична по прашање на развитокот на текстилната индустрија, но уште повеќе за кадарот што се образува за оваа гранка.
-Има неколку примери на модни дизајнери од Македонија кои беа надвор, некои од нив и успеаја, но тоа е многу тешко. Лидија Георгиева се дошколуваше во Париз, Маријан Пејовски остана во Лондон, а има бутик и во Париз, има ателје и на Бали, Бимбиловски изработува тука, но работи преку Париз, продава во Америка, Јапонија, Франција... Многу е тешко да се пробие на Запад... Сепак, мене ми е жал за младите модни дизајнери, бидејќи овде, тие не можат да го работат она за што сонувале и се надевале. Односно поголемиот дел од нив – вели Младеновиќ.
Како некој што бил надвор и може да направи споредба, ја прашавме и Лидија Георгиева каде го гледа проблемот за ваквата состојба на текстилната индустрија и нејзиниот кадар кај нас.
Лидија Георгиева
-Несомнено е дека треба да се запрашаме зошто традицијата не ни е гаранција за понатаму да се развиваме. Но, сметам дека на тоа влијаат неколку фактори. Секако не може да се занемари распаѓањето на една земја, а со тоа и на еден систем. Понатаму, гигантите се поделија на погони, во индустријата се прекина континуитетот на работење на професионален начин, па се продолжи со шиење по ЛОН систем, а тоа не е исто. Новите сопственици на погони наивно мислеа дека моделар може да извршува функција и на креатор, или едноставно не ги разликуваа тие две сосема различни позиции... Сè додека сопствениците на погоните не разберат дека не можат да го исклучат креативниот ум, нема да имаме голем напредок, без оглед што имаме млад образован кадар. Денес пазарот е екстремно конкурентен и потребно е прецизно позиционирање за успех. Ние имаме голем квалитет и предности. Но, она што можеби е грешка е што искуството го градевме само со совршена изработка на производи, но не и во создавање брендови – смета Лидија.
А како се задоволни текстилните здруженија од друга страна? Според последните информации што ги објави Стопанската комора на Македонија, а поврзано со оваа гранка, работите не се добри.
Текстилното здружение потенцира на тоа дека текстилната индустрија е пред колапс.
На состанокот одржан на 31. Јануари, претседателот на Здружението на текстилната индустрија и конфекцијата при Стопанската комора на Македонија, Ангел Димитров ја изрази моменталната состојба:
- Се намалува извозот и бројот на вработените. За текстилната индистрија како една од носечките гранки треба да се преземат антикризни мерки во смисла на одредени стимулации во функција на одржување на индустријата, зошто во спротивно текстилната индустрија ќе замре - истакна претседателот на Здружението.
Помеѓу другите барања, од Здружението бараат поддршка да се изврши пренамена од „ЛОН“-производство во класично производство, односно формирање на сопствен бренд кој ќе биде наменет за извоз.
На крајот, распаѓањето на еден систем, транзицијата, недостатокот на кадар, односно поволни или основни услови за работа, придонесуваат за состојбата да биде ваква. А, дали алармантната состојба, како што ја опишуваат и оние што се директно вклучени во оваа гранка, ќе придонесе за ново и подобро време и развиток, останува да се види. Всушност тоа ќе биде следниот историски период кој што ќе треба да се забележи.
*дел од податоците се искористени од студијата на Центарот за истражување и креирање политики, „Историјата на македонската текстилна индустрија со фокус на Штип“, 2005, Скопје
*Стопанска комора на Македонија