Што сè не смеат жените во Иран?

6 март 2020

Голем број жени на прашањето дали се чувствуваат слободни по различни основи, би дале афирмативен одговор, но сепак, иако сме во 21 век, не е мал бројот на жените чии права и слободи се ограничени.

Едни од нив се жените во Иран.

Британскиот „Телеграф“ пред неколку години посвети текст на тоа што жените во Иран не смеат. Во текот на нивниот живот, Иранките мораат да се снаоѓаат во комплексната мрежа на забрани, наметнати закони и обичаи. Секој аспект на нивното постоење, од тоа како се облекуваат во јавност, до предметите кои ги изучуваат на универзитет или професиите со кои се занимаваат, проаѓаат низ строга процена/дозвола.

Еден од примерите што предизвика бура во јавноста беше забраната на капетанката на женскиот ирански фудбалски клуб да го продолжи пасошот за да отпатува на Азискиот куп. За да добие пасош, првин морала да добие потпис од сопругот дека тој се согласува, што не се случило.

И ова е само еден од проблемите со кои жените во оваа земја се соочуваат и денес.

Образование:

Постојат и добри вести. За разлика од Саудиска Арабија, во Иран на жените им е дозволено да имаат возачка дозвола и возат релативно слободно. Исто така, немаат ограничувања за образование во основно и средно училиште. Сепак, на универзитетите постојат забрани за присуство на жените на одредени предавања, а тоа најчесто се однесува на предметите кои се однесуваат на технологија и инженерство.

Политика

На жените им е дозволено да бидат членки на парламентот. Претседателот Хасан Руани направи важна работа кога на власт постави неколку министерки, а една од нив, Масумех Ебтекар е една и од 12-те ирански потпретседатели. Во текстот на „Телеграф“ од 2015 година се вели дека до сега, сите жени кои се обиделеда се кандидираат за позицијата на претседател се одбиени од страна на совет кој ги проверува сите кандидати пред официјалната кандидатура.

Работа

Жените генерално се добро прифатени на работните места во Иран, иако сепак постојат некои рестрикции. Постои еден член во цивилниот код според кој на мажите во Иран им е дозволено да ѝ забранат на жената да работи доколку сметаат дека тоа не е во склад со интересите на семејството или ако се коси со достоинството на жената.

Облека

Жените кои излегуваат надвор, мора да имаат марама со која ќе ја покријат главата, како и долг мантил познат како „манто", а алтернатива е црна ткаенина која го сокрива поголемиот дел од телото, која се нарекува „чадор". Овој закон се толкува на различни начини, во зависност од многу фактори, меѓу кои и во кој дел на градот живеат жените. Во поурбаните средини, како главниот град Техеран, жените често носат шарени марами со интересни принтови, додека во руралните средини чадорот е поприсутен.

Во однос на облеката, пред нешто повеќе од година дена, Кимиа Надерзаде(19) од Исфахан се обиде да им пркоси на законите и да си ја овозможи слободата. 

Така, во Иран жените треба јавно да се извинат доколку на социјалните мрежи објавуваат „не-исламски“ селфи фотографии и “промискуитетни“ видеа како танцуваат. 

Кимиа, која е визажист и модел, како и милион други жени од исламскиот свет, прифаќа дека мора да ги следи строгите правила кои ѝ диктираат како ќе го живее животот, но и тоа како смее да се облекува во јавност. Таа носи хиџаб кои ја сокрива нејзината коса и врат, во склад со учењето на Куранот.

„Некои луѓе во нашето општество веруваат дека доколку постои тотална слобода на жените, ние би чекореле по улица голи. Тоа е бесмислица. Како и да е, правилата за жените се јасни и ние се прилагодуваме на нив, ги копираме и дури, ги прифаќаме“, објаснува младата Кимиа за „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

Мини-здолништата, шорцевите, тесните фармерки, па дури и бикините, некогаш беа модерен и прифатен моден избор за жените пред 40-тина години. Но, со основањето на Исламската република во 1979 година, женските права се силно ограничени, вклучувајќи ги и оние за тоа како треба да се облекуваат.

Тоа можат да бидат формални законски ограничувања, како носење хиџаб на јавни места, задолжително правило кое го спроведуваат десетици илјади „морални полицајци“ како дел од исламското строго „барање“ на скромност од жените. Можат да бидат и културолошки или социјални забрани кои немаат некоја специфична релација со диктатот на владата, па затоа се применуваат нерамномерно.

Меѓу правилата кои им се наметнуваат на жените во Иран се и:

-мажот е глава на семејството и неговата жена е должна да го слуша.

-мажената жена не може да ја напушти земјата без дозвола на сопругот (тоа што ѝ се случи и на споменатата спортистка)

-полигамијата и „привремен брак“ што му даваат на лицето што не е во брак право да има колку што сака сексуални партнери, се дозволени за мажите, но не и за жените.

-во правен спор, сведочењето на жена (како сведок) се смета за половина вредно од она на машкиот сведок. 

-тие што ќе бидат прогласени за виновни и што не го почитуваат законите можат да се извлечат со мала парична казна. Или може да им се одреди долга затворска казна. Иранската морална полиција рутински ги приведува младите, немажени жени кои се држат за раце со маж во јавност, поради тоа што имаат состанок во јавност или поради тоа што се поврзани со маж со кој не се во врска. 

На средбата на „Ју-Ес-Еј Тудеј“ со Надерзадех, таа се појавува во хиџаб со принт од модната куќа „Фенди“, кој е лежерно врзан и открива дел од косата. Таа носи црни хеланки и сандали, има пудра, сенка за очи и кармин, а ноктите ѝ се излакирани во светлорозова нијанса. Во едната рака држи голем ајфон и следи Инстаграм.

„Ме нервира носењето хиџаб на жешко време. Тоа значи постојана борба за да го наместите правилно. Но, како и да е, правилата мораме да ги почитуваме.

Фатемен Сахари (18), која се погтотвува за упис на факултет за уметности, цели дека покажувањето на убавината не значи дека мора да ја покажеш својата ксоа.

„Можеби само мал дел од неа за да ја истакнете бојата на своето лице. Сметаме дека жените се убави дури и со хиџаб на нашите глави.

Пријателката на Сахари пак, Захра Салехиан (18) која сака да студира англиски јазик, носи црн чадор.

„Некои жени во Иран сметаат дека хиџабот не е нешто важно, но всушност е. Тој доаѓа директно од советите на месијата (Мухамед), така што мора да се носи. Нам всушност ни се допаѓа, сè додека не е премногу тесен.

Момче од 26 години потенцира дека единственото место каде што се чувствува безбеден е неговиот дом.

-Во Иран, најбезбедното место во државата е вашиот дом. Тоа е место каде што можете да правите сè што сакате. Јас сум добра личност. Сакам да живеам правилно, но и да се забавувам.

Неговата 25-годишна девојка вели дека често ги лаже родителите каде се наоѓа кога е со своето момче.

-Тие мислат дека сум на работа или во посета на другарки. Јас не го сакам хиџабот. Секогаш кога можам го тргам, а кога некој ќе ми приговори, едоставно велам: „Ох, се слизнал, не сум забележала. Извинете многу“, и тоа е најчесто доволно за да ме остават на мир - вели таа.

Но, не секогаш.

Во мај минатата година, Шапарак Шајаризаден, активистка која го тргнала хиџабот додека стоела на улица, во центарот на Техеран, во знак на протест на законот за задолжителен хиџаб, беше казнета со две години затвор. Исто така, добила и дополнителна 18-годишна суспензија (условна казна) наменета да се осигура нејзиното молчење. Шајаризаден после тоа бега од Иран.

Во јуни пак, адвокатот Насрин Дотоудех кој ги брани човековите права и кој бранеше и неколку жени кои протестирале против хиџаб, задржан е и осуден на пет години затвор. Следниот месец, уапсена е и Маедех Хојабри, иранска тинејџерка која на Инстаграм собрала илјадници следбеници со видеа како танцува на иранска и американска поп-музика. Нејзиното „привидно“ признание на вината е емитувано и на државната телевизија.

Без разлика на забраните со кои се соочуваат, жените во Иран не седат мирни и им пркосат на тамошните закони, се борат за своите права.

Во контекст на ова говорат и податоците дека на водечки позиции во компании и политика жени има повеќе од било кога. Истражувањето на „Иран Талент“, веб страна за работа, открило дека околу 17 проценти од главните менаџери во големи компании во Иран се жени. Во САД тој процент изнесува 22.

Иран е на дното (140 од 144 земји) во глобалниот родов извештај презентиран на  Светски економски форум во 2017 година.

Иако ниту една жена не може да се кандидира за претседател, таа улога им припаѓа само на мажите, земјата има 17 застапнички во парламентот кој брои 290 членови, што е најголем број од револуцијата во 1979 година. 

Многу од жените во Иран имаат приватни компании, вклучувајќи фармацевтски и козметички компании, фирми за односи со јавности и маркетинг.

На чело на националниот авио-превозник, „Иран Ер“ за првпат се наоѓа жена, како и на Националниот центар за теписи. „Жените постигнаа голем напредок во високотехнолошките полиња (наука, технологија, инженерство, математика)“, тврди Барбара Славин, поранешна новинарка на „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

„Жените во Иран се важен глас таму за многу различни прашања, кои не се однесуваат само на правата на жените или семејните права. Иран има неколку моќни жени во парламентот, но и надвор од него“, смета новинарката.

 

Објавено:
6 март 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.588 пати