Што содржи гардероберот на Јапонките?

31 јули 2014

Младата дизајнерка Ана Бутусова по потекло од Русија одреден период престојуваше во Јапонија и ги истражуваше локалните навики на облекување на Јапонките. На пример, таа востанови дека трендсетерките во Осака многу повеќе обрнуваат внимание на својот стил, од оние во Токио. Во својот дневник таа ги запишува и открива своите модни забелешки од патувањата.

Со светлата и надмена Јапонија како што ја опишува во својот дневник, дизајнерката прв пат се „запознала“ читајќи статија во едно списание. Тоа било доволен стимул за и самата да отиде и да се увери за посебниот животен стил кој го наметнуваат Јапонките. Според Бутусова просторот околу трендовските продавници на големите светски брендови, плоштадите кои се заокружени со илјадници облакодери и улиците каде може да се најде одлична храна и скапи пијалаци, се полни со стилски жени и девојки.

Дизајнерката вели дека Јапонија е синоним на разновидност и мешање стилови. Ова е земја каде модерните момчиња често комбинираат хеланки со шорцеви и тоа не само кога одат во фитнес сали за вежбање, туку и кога шетаат низ градот. Интересен е фактот што Јапонците знаат како да прават баланс во изгледите. Бутусова забележа дека, доколку чевлите што ги носат им се впечатливи и презентираат агресивна визија, тогаш облеката им е поедноставна и обратно, што на неа како модно освестена личност, многу и' се допаѓа, бидејќи смета дека се' што е претерано не е добро.

Јапонската улична мода често се споредува со зборовите футуристичка, откачена и чудна. Како и да е, тоа не важи за Токио каде сè уште може да се почувствува јапонската традиција. Во Осака пак, дизајнерката вели дека во целост царува  модниот ритам на Америка. Воопшто не треба да изгледа чудно тоа што девојките во Осака носат џемпери и маички со големина XL, како фустани.

Јапонските жени чувствуваат некаква aверзија и индиферентност кон европската култура, без разлика дали станува збор за моден израз или некоја друга уметност. Јапонките обожаваат да носат панталони под мини здолништа или под долги џемпери, тоа се нарекува „nyash-nyash“ тенденција или „meow-meow“ на јапонски. Она што најмногу изненадува е глетката во метрото на машки стајлинзи особено во Токио. Млади момчиња облечени во костуми кои зборуваат на телефон декориран со приврзок или маска на Hello Kitty е вообичаено модно секојдневие. Понекогаш цртаните јунаци во Јапонија можат да се претворат во фанатизам и целосна преокупација, како и посветеност на ликот и делото на анимираниот лик.

Во принцип, јапонскиот стил се смета за многу одважен. Зошто? Затоа што Јапонките имаат храброст сето она што ние го сметаме несоодветно за одредена прилика, да го носат со многу стил. На пример, во моментов се мошне актуелни здолништата изработени од тул и се омилено модно парче на голем број девојки во оваа држава. Волуменозните здолништа тие ги комбинираат со свежи бои, многу накит, кожени јакни и старки. За некои оваа комбинација е смешна, модните експерти сигурно не би го оправдале ваквиот начин на модна експресија, но сепак, Јапонките гордо и смело чекорат по градскиот асфалт наметнувајќи по малку бунтовнички уличен моден израз.

Исто така, комбинација која ќе ја забележите низ улиците во Јапонија е школската униформа. Класичната бела кошула, кратко елече, кратко плисирано здолниште и чорапи кренати до колена е фетиш на голем број девојки во Јапонија, кои не се срамат да прошетаат вака облечени низ градот.

Во Јапонија освен школските униформи, здолништата со тул, модните додатоци со анимирани ликови, голема популарност уживаат женските и машките музички бендови. Бутусова открива дека ова е вистински феномен во Јапонија кој има создадено моќен маркетинг, бидејќи се креираат кукли со ликовите од бендот, маици, дискови и слични реквизити. Ана констатира дека сите членови на ваквите бендови се многу слични не само во својот физикус, туку и во стилот и смета дека ова движење е креирано како одраз на желбата за одредена сличност и униформираност.

Нешто што ја фасцинира дизајнерката е фактот дека Јапонките позајмуваат облека и од машкиот гардеробер. Андрогениот стил зема се поголем замав, а дамите во Јапонија знаат одлично да го искомбинираат за да изгледаат фенси, шик и модерно.

Кога станува збор за шминката, Ана вели дека мора особено да напомене дека Јапонките посветуваат големо внимание на нивниот make up. Посетуваат козметички третмани  неретко се одлучуваат да направат дури и третмани за трајна шминка. Некои дури и претеруваат бидејќи фацијалната експресија на Јапонките е ситна. Нивните очи се мали и не трпат тешка шминка, а девојките знаат понекогаш и да претераат. Исто така, главен моден реквизит кој обожаваат да го носат јапонските дами се реј бан очилата како за сонце, така и оние со диоприја. Некои дури ги носат и покрај фактот што немаат проблем со видот.

Според Бутусува во секој случај станува збор за генијален спој на мода, и креирање на визија која само јапонките можат да ја создадат. Тие понекогаш во екстреми, на пример 50-годишна жена може да ја видите облечена во маичка на кратки ракави со принт, тексас искинати фармерки, шапка и широка кошула, а младите девојки пак, знаат да промовираат елегантен стил за жени. Истото важи и за мажите. Она што не и' е јасно на дизајнерката, е што Јапонците генерално без разлика дали се мажи или жени, сакаат да носат чевли за еден број поголеми од нивната точна бројка. Друга работа која ја забележала дизајнерката, а е дел од модното секојдневие на Јапонците се малите крпи кои буквално можете да ги купите насекаде.

И за крај Бутусова открива дека во Јапонија луѓето се многу тактични и свои.

Објавено:
31 јули 2014
Категорија: 
Стории