
Кога ќе се спомене џентлмен, првата слика веројатно ви е некој Британец. Тие ги имаат совршено скроените одела, но и манири.
Еден таков е и моделот Дејвид Ганди. Денеска полни 38 години, а случајно „налетавме“ на еден негов текст од пред неколку години, каде тој ја објаснува дефиницијата за тоа што е џентлмен.
Денешните жени, особено кај нас, ќе речат дека мажи џентлмени веќе и не постојат. Дали е навистина така и што на оваа тема има да каже познатиот модел, ви пренесуваме во (дел од) текстот во продолжение:
„На погребот на дедо ми, некој го опиша како “дефиниција за џентлмен“. И јас би го опишал татко ми на истиот начин.
Често, барем во медиумите, мажите се опишувани како џентлемни поради начинот на кој изгледаат – неговото одело и однесувањето. Во модната индустрија сум повеќе од 10 години и ја имав привилегијата да се запознаам со некои од најмоќните мажи, не само во модниот свет, туку и од светот на бизнисот, филмот, музиката... Така учиш дека не сите моќни и добро облечени мажи можат да се дефинираат како џентлмени – со чест на исклучоци.
Она што јас го научив е дека да се биде џентлмен не е само во тоа што работиш или што носиш, се работи за начинот на кој се однесуваш и кој си всушност ти.
Светот денеска аплаудира на момчешкото однесување, а вистинските британски џентлмени стануваат реткост. Положбата во општеството и успехот се базирани врз основа на тоа што поседуваш и што носиш, а не на тоа како се грижиш за себе низ животот и што си постигнал.
Сето ова ме наведе да размислувам – имаат ли свое место џентлмените во денешниот свет? И ако да, кои се атрибутите што севкупно го прават вистинскиот британски џентлмен?
Стил и појава
Една од претпоставките е дека ако можеш да си дозволиш да се облечеш во скапо триделно одело и да ја зачешлаш косата на патец, некако си заслужил да бидеш класифициран како џентлмен. Но, тоа не е точно. Старата добра вели, „Можеш да купиш мода, но не можеш да купиш стил“. Тоа е нешто што или инстинктивно во себе го носите, или мора да го научите, но не се купува.
Џентлменот не следи мода. Тој е индивидулаец, отстапува, со самодовербата оди против толпата, без да се грижи што другите ќе речат за него. Луѓето денес се следат едни со други и тоа премногу често. Потребно им е одобрување од нивните другари, врсници, се однесуваат како овци. Еден ќе направи нешто, а другите слепо го следат. Племенски начин на однесување.
Еден господин никогаш не е “стилизиран“. Тој зрачи со стил, без да се труди. Еден џентлмен знае да се облече прикладно за секоја пригода и подеднакво е елегантен и со стил и во џинс и маица, колку што би бил и во одело.
И татко ми и дедо ми потекнуваат од семејства и доаѓаат од времето кога не било дозволено да се трошат премногу пари на облека, но тоа не ги спречило да имаат горда и достоинствена појава. Нивните чевли секогаш беа беспрекорно исчистени, а вратоврските совршено врзани. Тие беа суптилни и ненаметливи, а сепак се издвојуваа од толпата токму со нивното присуство. Можевте веднаш да заклучите дека постоеше нешто посебно во врска со нив.
На крајот, џентлменот ги поставува трендовите. Но, сигурно не ги следи.
Работа
Џентлменот не се ограничува. Тој не ги прифаќа зборовите „Не може да биде сработено“. Тој не се откажува. Кога се соочува со предизвици, наоѓа решенија, работи уште повредно, работи помудро.
Тој ги руши границите на сè она што го работи. Свесен е за атрибутите што ги посетува и за можностите, но сепак постојано се стреми кон подобрување на истите.
Држи контрола, но не стравува да учи и да прифати совет. Има почит кон другите, а за сите постапки ја прифаќа одговорноста и тоа смирено. Тој ги инспирира луѓето во работната околина и им дава пример.
Статусни симболи
Ретко кога ќе видите џентлмен кој се расфрла со неговиот успех или богатство. Попрво ќе го видите повлечен од метежот. Вистинскиот џентлмен преферира да биде оценет врз основа на неговата репутација, а не богатство. Тој наоѓа вредност во нештото врз основа на приказната, историјата, наоѓа убавина во нешто што го поседува со години или нешто што има сентиментална вредност за него.
Пораз
Вистинскиот џентлмне никогаш не се плаши од пораз. Тој сфаќа дека повеќе се постигнува преку порази отколку само преку успеси. Најслатките победи се оние најтешките – и во работата и во личните врсти и во пријателствата.
Џентлменот никогаш не игра на сигурно, никогаш нема да се исплаши на патот да достигне и постигне нешто, само затоа што би можел да доживее пораз.
Принципи
Чудно е да цитирам жена, кога темата е за џентлмените, но во тоа време Маргарет Тачер веројатно беше најголем маж од повеќето. Таа еднаш рече: „ Кога ќе заминам од Dowing Street, ќе основам компанија кога ќе се вика „Изнајмете си ‘рбет“.
Џентлменот не е без’рбетник, тој има принципи и морал и нема да ги продаде за ништо на светот. Тој не се плаши да им каже „НЕ“ на луѓето. Тој не се плаши од тоа дали ќе ги вознемири со тоа што ќе им даде совет што не секогаш сакаат да го слушнат. Тој сфаќа дека не може да ги задоволи сите. Пол Њуман еднаш рече: „Покажете ми маж без непријатели и јас ќе ви покажам маж без карактер“.
Манири
Некои од најмоќните мажи во историјата секогаш имаат жена која ја почитуваат и ценат. Жена која е нивна поддршка и сила. Џентлменот знае дека партнерката што ја одбрале го обожава и за возврат тој ѝ верува во целост, го дава животот и срцето во оган за неа.
Манирите и доброто однесување се дел од него. Ја придржува врата на луѓето, отстапува место, го придржува капутот на дамата или го дава неговиот доколку ѝ студи. Сè уште верува во сега, старомодните манири, и покрај тоа што светот многу се смени.
Дали се стремам кон тоа да бидам џентлмен? Веројатно да. Му се восхитувам на татко ми, на дедо ми и другите џентлмени што имав среќа да ги сретнам во мојот живот и се трудам да бидам повеќе како нив.
Дали сум успешен во тоа? Не секогаш, но постојано се трудам и учам уште повеќе. Почестен сум што луѓето ме опишуваат како џентлмен. Многу луѓе денес можеби мислат дека да се биде џентлмен е нешто застарено, “укочено“, досадно. Но, јас не се согласувам.