Скопје Креатива по втор пат ги отвори вратите за македонските креативци

11 октомври 2013

Со неколку работилници, изложби и ексклузивен концерт на „Летечки пекинејзери“, вчеравечер во Универзалната сала по втор пат свечено беше отворено изданието на овогодинешниот фестивал на креативни индустрии „Скопје Креатива“.

Како и што се очекуваше, на свеченото отворање и во текот на целиот ден, скопјани имаа можност да уживаат во едно поинакво и повисоко ниво на креативност што зрачеше од учесниците кои оваа година решија да ги прикажат своите дела на фестивалот.

Во Универзалната сала бевме сведоци на неколку креативни настани почнувајќи од сликарски работилници, работилница за анимиран филм, изложби од студентите на архитектонскиот факултет, изложба на уникатен мебел дизајн на македонската компанија „Смарт ливинг“, како и интересни велосипеди од продавницата „Драгон Кастм“.

Она што дефинитивно беше за издвојување вечерта, беше презентацијата на првата македонска видео игра „Освојувањата на Александар Велики“ подготвена од младите креативки Елена Попова, Сандра Николовска и Дуња Иванова.

Директорот на фестивалот, Миодраг Костиќ сосема задоволен ни говореше за она што за него претставува Скопје Креатива и што очекува од второто издание.

„Она што е поразлично од минатата година, е тоа што оваа година можеме да видиме конкретни проиводи и услуги. Првото издание имаше мисија само да ги селектира сите креативни производи и услуги што сметаше дека треба да и бидат презентирани на јавноста, а оваа година се прават конкретни производи од млади креативци од сите области“, вели Костиќ, додавајќи дека оваа година се создава и нешто поинакво, односно цела една база на податоци за младите креативци, каде тие ќе бидат евидентирани и во иднина ангажирани за некои цели.

Тој им порача на младите креативци што оваа година не стигнале да се пријават за учество на фестивалот, истото задолжително да го направат следната година.

„Младите креативци задолжително треба да излезат од дома и да и го прикажат сиот свој потенцијал на јавноста. Додека јавноста не го дознае она што тие го поседуваат, едноставно нивниот квалитет како и да не постои“, вели Костиќ за fashionel.mk.

Директорката на Универзалната сала Вера Бошковска, задоволна од тоа што настан од ваков калибар се одржува во нејзиниот „дом“, вели дека овој фестивал е многу поразличен од сите други настани во Скопје.

„Ние работиме на неколку сегменти. Скопје Креатива е едукативен проект што ги едуцира новите креативци. Ние ги создаваме производите и ги промовираме. Ние почнуваме од самиот почеток, нешто што се стремиме да го оддржиме во овој проект“, вели Бошковска за фестивалот. Она на што е горда е фактот што фестивалот оваа година се одржува токму во Универзалната сала, за што ќе каже дека е вистинското место за еден ваков настан.

Околу целата организација на самиот настан, разговаравме со Мимоза Наумовска, координатор на проектот Скопје Креатива, која вели дека последните денови работеле со полна пареа за да постигнат беспрекорна организација.

„Скопје Креатива оваа година ќе понуди еден настан во три дела. Тука ќе можете да видите работилници што се одвиваат секојдневно, изложби каде има неколкумина изложувачи, како и базарот кој што ќе се случи во сабота, во соработка со МАТА. Ние сметавме дека со понудата на овие работилници ќе го зголемиме интересот, а тоа и се покажа така бидејќи имаме пријавени голем број на учесници оваа година што и беше нашата основна цел“, вели Наумовска.

Подеднакво креативни како останатите учесници оваа година беа и волонтерите/организатори, што работеа на самиот фестивал. Токму со Нина Милановиќ поразговаравме за тоа дали во Македонија има креативци што можат да го изложат својот потенцијал.

„Во Македонија има многу голем број на креативци и тоа од сите области. Без разлика дали се сликари, музичари, дизајнери на ентериер... Оваа година архитектонците направија супер објект и истиот е изложен пред Универзалната сала, а супер се и исте останати изложби. Мислам дека вистинските луѓе, креативци што сакаат да дојдат на ваков настан, вечерва се тука и сигурно ќе дојдат и следните денови“, вели Нина.

Она што дефинитивно не треба да се пропушти оваа година на овој фестивал на креативни индустрии е всушност третиот ден кога и ќе се случи долгоочекуваниот базар, каде ќе можете да најдете најразлични модни додатоци, накит, беџови, магнети и што уште не. Интересното во целиот базар е фактот што за да добиете нешто од производите, задолжително ќе треба да се „ценкате“ за истите.

Скопје креатива и оваа година гарантира уживање за очите, а доколку не бевте дел од фестивалот на неговиот прв ден, задолжително сторете го тоа овој празничен викенд.

Објавено:
11 октомври 2013
Категорија: 
Стории