Приказни од градот

Света Барибина - Русинка која прави модни додатоци од природни текстилни влакна

10 септември 2020

Секогаш ни е драго кога можеме да проследиме и посведочиме на интересна креативна приказна. Денешнава ни е руско-македонска.

Света Барбина во 2011 година го запознава својот сопруг Македонец. Веќе следната година одлучуваат да стапат во брак, а таа од Русија доаѓа и започнува живот тука.

Креативната работа отсекогаш ја привлекувала и била мошне вешта со рацете. Тоа умештво го користи и денес, а нашето внимание го привлече на фејсбук групата „Креативница“ каде презентираше шапки изработени од природни влакна.

„Во Русија научив да работам со природни влакна, а таа работа ја продолжив и тука. Работам само со квалитетни влакна – тенка волна, свила, коприва, бамбус, лен, памук, соја, вискоза“, вели Барибина.

Начинот на изработка на шапки го открила откако самата посакала една.

„Некогаш ми требаше летна лесна капа... Седнав и се обидов да направам. Направив урнек, основа за обликот на капата, одбрав влакна и ја направив својата прва летна капа. Беше комплетно бела. Но, потоа се охрабрив и почнав да правам и во боја, односно и шарени“, објаснува Света, која додава дека за изработка на една капа односно шапка ѝ се потребни од три до пет дена.

Таа вели дека жените, без разлика на која возраст се, сакаат да бидат модерни и елегантни.

„А јас отсекогаш сакав да им помогнам во тоа. Во мојата глава има многу различни идеи и проекти... Самиот живот нуди многу можности и инспирација, како и природата, луѓето...“, дополнува Света.

Неодамна имала чест да изработи невестински шапки по порачка.

„Беа нависитна прекрасни, мали и уникатни. Секоја невеста сака да биде невообичаено убава на тој ден, а среќна сум што и моите шапки помогнаа“.

Инаку, со волна и другите природни влакна, умее да изработи речиси сè – накит, шалови, марами, предмети за ентериер, дури и облека. Но нејзината креативност не застанува тука.

„Се занимавам и со сликање на платно, чинии, а шијам и кукли. Би сакала да ги научам и другите жени професионално да работат со волна и влакна, но за жал материјалите не се продаваат во Македонија. Јас конкретно ги порачувам од Австралија, Нов Зеланд, Германија, Узбекистан... и навистина се скапи, но навистина сакам и работам само со квалитетни материјали“, посочува Барибина.

На крајот, смета дека токму таа недостапност и потребата да се вложи повеќе во материјалите е причина што некои жени се плашат да започнат да работат со волна или природни влакна. Но, исто така е оптимист дека времињата ќе се сменат и дека за осознавање на нови нешта е потребно време, трпение и труд.

Погледнете уште некои од нејзините изработки:

Објавено:
10 септември 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
368 пати