Убавината не е доволна за да бидеш модел!

7 декември 2015

Едно од најчестите прашања што ги добиваме на нашата адреса е дали сме модна агенција. Неретко се случува и да добиеме и бројни фотографии со коментар дека се расположени да ги фотографираме или пак ги интересира дали се квалификувани да бидат модели.

Затоа Fashionel.mk одлучи да се позанимава повеќе со темата модни агенции. Со оглед на тоа дека многу млади сакаат да бидат модели и манекенки (честопати и се мешаат овие два поима), а и родителите имаат бројни предрасуди за тоа како функционираат овие агенции, решивме да ги појасниме работите.

Со нашите соговорници разговаравме за тоа како функционира една модна агенција, какви се критериумите што треба да ги поседува еден потенцијален модел, односно манекенка, како и за заблудите за овој дел од модната индустрија.

Многумина веројатно се запрашале, што прават модните агенции. Модната агенција ги презентира моделите/манекените и се грижи за нив при нивните модни ангажмани. Всушност, вистинската перцепција е дека агенциите треба да работат за моделите, а не обратно.

Во задачите на агенциите спаѓа и претставување на моделите пред клиентите, тие разговараат и преговараат во корист на моделот. Ги договараат датумите и типот на ангажманот – сликање, ревија, реклама... Светските топ агенции работат со маркетинг агенции што располагаат со огромен буџет како и со модни дизајнери. Агенцијата треба да обезбеди доверливи и сигурни клиенти.

Сериозните модни агенции треба да спроведуваат кампањи за модели со цел промовирање на нови лица, даваат совети за физичкиот изглед и вештините на моделингот.Во обрврските на една модна агенција е да обезбеди и неопходен маркетиншки материјал со кој моделот/манекенот ќе се претставува пред клиентот.

Ако зборуваме за сериозни агенции и професионално занимање со оваа професија, тогаш мора да се нагласи дека односот помеѓу моделот и матичната модна агенција е деловен и изискува договор. Преку матичната пак, моделот потпишува договор со странските агенции, при што матичната агенција потпишува посебен договор со агенцијата од странство. Моделот може да соработува со повеќе агенции, но да има само една матична.

Сепак, Алек Наумовски, еден од првите македонски машки модели,кој  е и менаџер и букер на агенцијата „Моделс Ин“, потенцира на тоа дека критериумите во Македонија не се на исто ниво со оние во странство :

Алек Наумовски

-Условите или критериумите за разлика од интернационалните агенции кај нас се далеку поблаги. Во крајна линија, ние ги застапуваме моделите, а крајниот избор е секако на луѓето од маркетинг агенциите кои ги „букираат“ моделите за одреден ангажман  - објаснува тој.

Света Богова Јовановска од агенцијата „Подиум“ укажува на тоа дека криетирумите зависат и од економијата, но кога се моделите во прашање и нивната обука, потенцира и на потребата од совладување на манекенството, за што е задолжена матичната агенција:

Света Богова Јовановска

- Каква е економија и модниот пазар - таква е и побарувачката. Овие две работи зависат една од друга. Во нашата агенција „Подиум“ девојките манекенството го „научија“ од добро познатата и почитувана  манекенка и кореограф Ирина Илиевска и знаат што значи дисциплина и професионален однос кон работата. Откако ќе се помине школата за манекени, потоа веднаш е јасно во која насока секоја од девојките има потенцијал – за фотосесии, реклами, за ревии или за сè.

Мики Црнокрак пак, сопственикот „Модно студио Црнокрак“ вели дека основната цел на една агенција, а со тоа и нивната е извоз на убавината во светот. Во конкретниот случај, извоз на македонската убавина.

-За да бидеме успешни во тоа, имаме задача нашите членови максимално добро да ги подготвиме за сите предизвици што ги чекаат во работата, како дома така подоцна и во странство. Кога се одржуваат модни настани, како агенција должни сме да ги обезбедиме сите услови за непречена работа – превоз, шминка, фризура, сместување, храна, облека, хонорари, а пред и после тоа адекватна обука, тренери, теретани, козметички третмани... Сè она што ние сме го имале кога сме работеле како манекени и фотомодели пред 15-20 години, но сме морале да се снаоѓаме сами.

Мики и Светлана Црнокрак

И покрај големата желба на многу девојки, па и момчиња, сепак постојат одредени критериуми за да се стане дел од една модна агенција.

-Два пати во годината одржуваме големи кастинзи и курсеви за манекени и фотомодели од кои излегуваат нови лица потребни за нашата работа. Кога се работи за манекенство, постојат одредени стандарди кои треба да се почитуваат, а тоа се убав изглед пред сè, висина за девојките над 170 см и димензии 90-60-90 или приближно на тоа, возраст до 25-30 години. За момците пак, висина над 180 и возраст до 30-35. За фотомоделството нема некои стриктно определени стандарди и секој што е фотогеничен може да биде фотомодел, без разлика на годините или висината – објаснува Црнокрак.

За откривање на добар модел се потребни скаути, на што потенцира и Света:

Ивана Гелева - Агенција “Подиум“

-Често правиме отворени кастинзи за нови лица а имаме и скаути кои се постојано во потрага по нови лица низ улиците, јавните места и социјалните мрежи. Тие што сакаат да се занимаваат со оваа работа, треба да бидат единствени, интелегентни и да го сакаат она што го работат. Моделингот бара љубов кон професијата.  Исто така, неопходно е да имаат желба за работа и секако искуството е добредојдено.

Освен физичкиот излгед и љубовта кон работата, Алек посочува на уште една мошне важна работа:

- Пред сè преку разговор треба да оцениме колку некој навистина има желба да се занимава со мода. Но, од самиот почеток мораме да објасниме дека кај нас модата е сè уште хоби, а на прво место кај идните модели се нивното образование и едукација. Моделот не треба да е само убав туку треба да биде комплетна личност и успешен на повеќе полиња. Ги поттикнуваме да се занимаваат со спорт поради дисцилината, да учат јазици и да бидат успешни ученици. Покрај талентот, нашите модели мора да поседуваат култура, лична едукација и дисциплина – потенецира Наумовски, со што ќе се согласат и останатите соговорници.

Елена Трајановска од „Моделс Ин“

Со оглед на тоа дека македонската мода сцена е мала, па и млада, соработката на модните агенции со модните дизајнери се наметнува како една од главните.

Ги прашавме соговорниците како се задоволни од таа соработка.

Модели од „Модно студио Црнокрак“ на годишната ревија на „Академија Италијана“ минатата година во април

И додека Црнокрак смета дека соработката со домашните дизајнери, со чест на исклучоци, речиси и да не постои, бидејќи според него, нашите дизајнери сè помалку ги претставуваат своите нови колекции преку модни ревии или фотосесии, Света е презадоволна.

- Нашите дизајнери се нашите најдобри клиенти. Постојано ги следиме нивните желби и потреби во однос на тоа кој тип на убавина и изглед им е потребен за да ги презентираат своите колекции на најдобар начин.

Фаниа Гиачо од агенција „Подиум“ дел од едиторијалот за последната колекција на дизајнерката Ирина Тошева, „Дома“

Алек смета дека поврзаноста на агенциите со дизајнерите е неминовна, а оттаму и соработката:

-Дизајнерите секако многу придонесуваат за развојот на модата, оттука секое промовирање на нова клекција и следење на светските тенденции е одлично за нас агенциите. Секое нивно претставуавење на колекција значи и ангажман за нашите модели, покрај ревиите, тука има значаен дел и изработката на каталог и ангажиеање на заштитни лица на истиот. Еве да потсетам, на новата колекција Impact на Елена Лука заштитно лице беше нашата Ана Калачоска. Дизајнерката Ивана Кнез имаше инспирација за изработка на чанта од нашиот модел Елена Реи. Дефинитивно сме дел од синџирот, па како алка придонесуваме за подобар пласман на дизајнерот на модниот пазар.

Ана Калачова заштитно лице на Impact на „Елена Лука“

Соработката и ангажманите и надвор од Македонија се нешто кон што се стремат и модните агенции, но и моделите што сакаат попорфесионално да се занимаваат со оваа професија.

Името Света Богова Јовановска секако се поврзува и со единствената Модна недела во Македонија, која отвора можност за моделите да излезат од домашните граници.

- Агенцијата „Подиум“ ја отворивме и функционира под менторство на Моден викенд Скопје. Идејата и мотивите за отворање на агенцијата беа за да бидеме сигурни во квалитетот на услугата. Сметам дека имаме убава соработка со сите модни агенции од регионот – посочува Јовановска.

Црнокрак укажува на речиси 15-годишното искуство на агенцијата, со кое им овозможиле бројни ангажмани на моделите и надвор од државата.

-Моментално „Модното студио Црнокрак“ брои околу 100 женски и 70 машки модели и преку 200 дечиња модели. Соработуваме со преку 150 модни агенции од странство, меѓу кои е и офоцијално најдобрата модна агенција во светот во последните 10 години, Women Menagement од Милано, која има свои ограноци во Њујорк, Париз, Лоднон и Токио. Исто така, имаме лиценци за испраќање наши девојки, момци и деца на 32 национални избори за убавина и модели ширум светот, а досега сме освоиле преку 50 титули на тие избори – вели Мики.

Симона Станковска од „Модно студио Црнокрак“ беше дел од бројни избори за убавина, „Мис Медитеран“ е за оваа година, а на „Мис Глуб“ во 2013 година го освои 4-тото место

Алек пак, не крие дека успехот на моделите го доживува и како личен успех. Тие заедно со Надица Ѓоргиева се трудат сето знаење и искуство да им го пренесат на нивните модели. Успехот на Елена Трајановска во светски рамки е само една од приказните со кои „Моделс Ин“ се гордее:

-Убавината во оваа работа повеќе ја гледам низ познанствата со моделите, работата како дел од процесот, нивниот пат до успехот и за крај секако нивниот успех кој го гледам и доживувам како личен. Секако, овој на Елена Трајановска не е нашиот прв успех. Ние и претходно имавме и други лица што ги освоија светските модни центри. Мартина Павловска беше меѓу првите наши модели која потпиша договор со Women Model Menagement. Можеби и Андреј Клинчарот беше првиот машки модел кој го застапуваат светски модни агенции како Urban Model Menagement или Ave Models. Тука сме исто така горди и на Ана Калачоска која долги години работи во Азија под водство на FMI Models. Елена Реи можеби е најдобриот модел во последно време која докажа дека има капацитет да биде лице на Келвин Клајн. Со тоа докажа дека нашите модели имаат предиспозиции да бидат светски моден бренд. Нашите модели во вистинска смисла се амбасадори на својата земја. Во крајна линија, не е мала работа да имаш ревија пред јапонската кралица.

Елена Трајановска како дел од ревијата на Келвин Клајн

На крајот, дојде на ред и прашањето за предрасудите и заблудите околу модните агенции, односно работата на моделите.

-Кај нас, како и за сè друго, така и за оваа работа постојат многу заблуди и предрасуди и некогаш навистина е многу тешко да им се објасни на децата и на родителите што имаат желба да бидат дел од модните агенции, како ние функционираме. Но, тоа е секако дел од нашата работа и успеваме и во тоа. Голем процент од оние што ќе решат да пробаат набрзо сами да ги согледуваат работите и доаѓаат до сознанија дека манекенството и фотомоделството се навистина убави професии – потенцира Мики Црнокрак.

И Алек се согласува дека понекогаш е тешко да се разбијат предрасудите.

-Заблуда од страна на моделите е дека се доволно убави, па можат да направат светска кариера. Друга заблуда е дека може да ти биде примарна работа во нашата земја. А предрасуди постојат кај луѓето дека агенциите не се доволно професионални или пак се занимаваат со друг вид работа во што лично не верувам, ако се земе предвид колку мала земја сме и колку малку имаме работа. На крајот, моделите се тие што знаат да ве наградат или казнат во зависност колку сте биле професионални и доследни во работата – посочува Алек.

Со ова секако не ги исцрпивме сите прашања, проблематики и предизвици што ги носи оваа професија, но барем за почеток разграничивме некои работи. Прозборевме за тоа како функционира една модна агенција, кои се нејзините задолженија, како работат домашните, а потенциравме и на тоа дека убавината не е сè што ви е потребно за успех.

Објавено:
7 декември 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
5.231 пати