Умерена новогодишна шопинг треска по гардероба низ Скопје

29 декември 2013

До крајот на годината не дели уште многу малку време, а бидејќи овој период  е познат и го паметиме по тоа дека речиси сите се преокупирани со купување облека за најлудата ноќ, решивме да прошетаме низ трговските центри во Скопје и да ја согледаме годинешната состојба. Ги прашавме граѓаните, како жените така и мажите: Колку се преокупирани со новогодишниот изглед и дали се излезени со конкретна намера во потрага по вистинската комбинација.  Ако години наназад бевме навикнати да чекаме редици пред гардеробите и касите од бутиците, оваа 2013-та се забележува релаксираност и опуштена атмосфера без многу турканици, а облеката што се купува е кежуал.

Меѓу најпопуларните брендови од кои повеќемина посакуваат да си купат некое парче, се оние комерцијалните, а во останатите не толку познати еуфоријата речиси и да ја нема. Но, секако не може да се изземе фактот дека новогодишната ноќ за кого како, е момент  за да му се придаде особено значење, па така потрагата и желбата да се купи некое ново парче облека е индивидуално, најмногу поради начинот и местото на кое се дочекува последната ноќ од годината, а се разбира и поради економската состојба од која луѓето најмногу чекаат попусти и не купуваат во период кога цените се повисоки. Испитаниците од нашата анкета имаа заеднички мислења, дека не излегле да  бараат специјална комбинација за најлудата ноќ, еуфоријата не ја доживуваат и гледаат, а  ќе облечат нешто што веќе го имаат во гардероберите. Ретки беа оние со конкретна намера за шопинг, а на прво место ја ставија потрагата по попуст.

-Новата година ќе ја пречекам со најблиските, а за гардероба знам дека ќе облечам нешто што веќе го поседувам во гардероберот. Излезена сум низ бутиците чисто да разгледам какви модели на облека имаат на закачалка.

-Секако убаво е човек да се поднови со некое ново парче. Избрав две комбинации црна и бела, но очигледно е дека луѓето не се еуфорични како некогаш вели една од анкерираните.

-За мене нова година не претставува посебен ден за да купам нешто ново, иако сме близу до тој ден не сум размислувал што ќе носам, но тоа сигурно ќе бидат класични парчиња што веќе ги имам, вели Никола Пенков

-Цените се навистина голем проблем, слушнавме дека во Скопје има повеќе попусти и затоа дојдовме тука за да ги купиме некое ново парче гардероба. Во потрага сме по елегантни фустани кои се надеваме ќе ги најдеме по достапна цена, изјавија група другарки дојдени од Тетово

-Новата ќе ја дочекам во домашна атмосфера, а за тоа не ми треба посебна облека. Денес сум во потрага по некое парче што ќе ми послужи за други денови.

- Веќе имам резервирано во ресторан, таму ќе ја дочекам новата, но не сум преокупиран со изгледот, знам дека сакам да носам нешто свечено, но сега не размислувам за тоа, вели Давид Боцевски

Одговорните од бутиците на популарните брендови велат дека поретко се трошат свечени парчиња и побарани  се секојдневните, но секако има и поединци што сакаат да носат нешто посебно за новогодишната ноќ, а како модел што најмногу го купуваат припадничките на понежниот пол, се фустаните и здолништа со шљокици.

- Се купуваат светкави фустани и тоа е најактуелно овој период, а секако се трошат и кежуал парчињата како фармерки, кошули и актуелните хеланки со кожа. Кога би направиле една споредба со изминатите години, за оваа еуфоријата ја нема. Луѓето пред се купуваат дневни парчиња, кои не им се наменети за новогодишната ноќ, изјавуваат од бутик во трговскиот центар Сити Мол.

Од продавницата на шпанскиот бренд Зара, пак велат дека кај нив се чувствува зголемената побарувачка на парчиња за посебни прилики и имаат колекција што им е позната на личностите кои  преферираат класика и софистициран изглед.

- Не може да кажеме дека еуфоријата ја снемало во целост, луѓето купуваат, барем кај нас. Припадничките на понежниот пол бараат макси фустани и здолништа. Ние ги препорачуваме и оние со впечатливи детали како и со животински принт, додека машкиот пол најчесто купува блејзери, дури оваа година знаат да изненадат со барањата на нешто што не е комерцијално. Секако, класичните парчиња како костумот се незаменливи и мажите го преферираат класичниот изглед за новогодишната ноќ, изјави Ангелина Петковска.

За тоа како се одвива побарувачката од оние клиенти што сакаат да носат уникетен модел изработен од рацете на вештите македонски дизајнери, ги прашавме дизајнерките Олгица Ѓерогиева, Мила Кадриу и Елена Пандева-Китрозоска. Според нив, индивудуалци со изграден стил, секогаш има.

-Имаме поголем асортиман на луксизни модели и природна состојба на празнична еуфорија. „Елена Лука“ има повеќе продажни места и секако од година на година ме радува фактот дека се повеќе се почитува македонската мода, а како Макдонците така и странците обожаваат да ја носат. Секако, се зависи од индивидуалното чувство. Некои луѓе поеуфорично ги доживуваат овие празници, за разлика од други кои не придаваат толку големо значење. За креациите на „Елена Лука“ секогаш има интерес, бидејќи тие што ќе се одлучат да ги прослават празниците во некој специфичен амбиент, бараат креации кои ќе се адаптираат и на нивниот сензибилитет но и на атмосферата. Во нашите продажни салони како еден вид на новогодишен подарок за клиентите е попустот од 50%. Имаме навистина голем избор без разлика дали се работи за прослава во погламурозен или поедноставен амбиент и затоа интересот секогаш постои, вели за Fashionel Елена Пандева - Китрозоска и додава дека македонската девојка и жена е модно храбра, но и строго адаптирана кон одреден истенчен вкус.

-Помладите секако може да си дозволат да експериментираат и тоа е сосема во ред, се додека е соодветно на нивната возраст и личен имиџ. Тоа се луѓе кои уште го дефинираат својот стил, па затоа забележувам големи варијации во нивните барања. Некои се одлучуваат за поедноставни, чисти линии и минимализам, додека други преферираат похрабар избор кој вклучува микс на бои дезени и форми. Повозрасните луѓе во основа знаат што бараат и нивните барања секогаш ги адаптираат на нивниот стил, но и на фигурата, што е од исклучително значење. Доминираат едноставните кроеви, миди и макси здолништата најчесто во црна, сива, бела боја, Но, сепак постојат исклучоци кои отстапуваат од мнозинството со својот избор, изјави Елена.

Дизајнерките Мила Кардиу и Олгица Ѓеоргиева го делат мислењето дека начинот на кој се дочекува новогодишната ноќ ја одредува и насоката кон тоа какви креации бараат нивните клиентки. Овој период велат дека во нивните алтелјеа се бара облека која ќе лесно нослива и за други пригоди.

-Мислам дека еуфоријата околу нова година добива еден малку поинаков концепт во последниве години и прославата се гледа на еден малку поинаков начин. Нарачките се претежно креации кои во исто време го задоволуваат и моментот на практичност. Помладите бараат претежно едноставни фустанчиња изработени од материјали кои имаат доза на свеченост, додека повозрасните, повеќе размислуваат практично и мултифункионално. Како и да е ништо не е премногу натрупано и пресвечено. Секако изборот многу зависи и од тоа како и каде ќе се дочека Новата година, вели Олгица.

-Сменет е начинот на прославување, сега  се повеќе приватно се слави, а во однос на облеката се носат попрактични парчиња. Помладите девојки почнаа повеќе да експериментираат, бараат креации за смели индивидуи, а повозрасните бараат елегантни креации, но сепак тоа зависи и од статусот кој го уживаат во општеството. Според мене оваа година доминираат кратките фустани, но и макси тоалетите без многу детали. Панталоните во комбинација со светкави парчиња се исто така едни од најпосакуваните, се надоврзува и Кадриу.

Ние ќе завршиме со тоа дека каде и да ја дочекате новогодишната ноќ, а и празниците што следат, е да бидете она што сте вие. Да ја носите облеката на ваш начин, а не таа вас! Ако се уште не сте смислиле што ќе имате на себе, почнете да ја создавате еуфоријата во вашиот плакар. А момент да се подновите со нешто, секогаш може да се најде.

Објавено:
29 декември 2013
Категорија: 
Стории