Винтиџ и second hand облеката е безвременска модна машина

21 ноември 2013

Парчињата облека кои припаѓаат на една мината епоха или пак оние кои се веќе носени, никогаш не губат од својата актуелност. Секогаш постои начин и модифицирана варијанта, тие да најдат место во нашиот плакар.

 

Продавница во Лондон за second hand облека

 

Една од ветеранките која го популаризираше овој тренд беше Џулија Робертс на доделувањето на Оскарите во 2001 година. Во поново време оваа тенденција стана дел од секојдневието на Џенифер Лопез и Рене Зелвегер. Винтиџ стилот се покажа како вистинска зараза за голем број познати ѕвезди, меѓутоа вистинската кралица која ја однесе круната за највинтиџ личност отиде во рацете на познатиот модел Кејт Мос. Таа купува многу винтиџ парчиња од најразлични места со цел да промовира оригинална модна визија. Но, што е со облеката таканаречена second hand. Винтиџ и second hand се два различни термини, кои што понекогаш луѓето знаат да ги помешаат.

 

Миланската продавница за винтиџ облека

 

Поимот винтиџ, доаѓа од англискиот збор за старо вино, кое е чувано во бочви и укажува на облека која датира од дваесеттите години и раните осумдесетти. Додека пак, буквалниот превод за терминот second hand, би била половна облека која веќе некој ја носел. Од претходно кажаното следува дека винтиџ облеката може да е носена, а може да и нова, додека second hand може да биде стара облека или винтиџ, но во никој случај не може да биде нова. Тоа е главната разлика помеѓу овие два термина. За да се носат и комбинираат двете потребно е да имате веќе изградена класа на стил, која ќе ви овозможи со леснотија да ги миксате овие два стила.

 

Винтиџ базар во Павија Италија

 

Стилистите напоменуваат никогаш да не се облекувате целосно во винтиџ стил или пак во second hand, за да го избегнете ефектот на „евтин изглед“. Одберете да носите на пример некој моден детаљ како чанта, накит, чевли или марама кои ќе бидат во винтиџ или second hand стил. Доколку одберете вашиот моден додаток да биде во винтиџ стил вие важите за личност која сака на својот изглед да му вдахне уникатност, додека оние кои ќе се одлучат за половно парче, тоа го прават најчесто поради економски причини, односно бидејќи нивниот буџет не им дозволува истиот модел да го купат по регуларна цена. Како и да е општиот заклучок е дека и двете тенденции се лукав начин со кој сакате да изгледате убаво и впечатливо без разлика дали носите облека која припаѓа на раните седумдесетти или доцните деведесетти години.

 

Кејт Мос

 

Покрај првичното, но и денешното колебање и предрасудите кои владеат во светот како резултат на се поголемиот замав кој го зема трендот на носење винтиџ и половна облека, сепак да кажеме дека Италија е една од земјите која го има најдобриот пазар за изложување на винтиџ или second hand облека. „Fashion Next Vintage Show“ кој секоја година се одржува во Замокот Belgioioso во Павија е клучен настан каде можат да се најдат чанти кои некогаш шетале низ модните писти на ревиите на Гучи, Хермес и други познати дизајнери.

 

Винтиџ базар во Павија Италија

 

Во земјата каде модата е приоритет број еден, Италија, треба да имате на ум една адреса: Vintage Palace, Corso Garibaldi 59, во градот Равена. Вистински историски архив чија посебност е во тоа што обезбедува изнајмување на винтиџ модни парчиња. Исто така во предвид треба секогаш да ги имате големите продавници и базари во светските модни престолнини кои исто така имаат што да понудат, а како што споменавме погоре во текстот се омилено место за шопинг на супермоделот Кејт Мос. Лондон, Париз, Милано и Рим се градовите кои ќе ве нурнат во светот на винтиџ модата, а ќе ви понудат и половна гардероба од пистите на најголемите дизајнерски умови кои творат токму во овие модни престолнини. Вие добивате безвременско парче облека кое ќе го носите долго време, а тоа ќе остане во убав спомен кај некој член од вашето семејство.

 

 

Објавено:
21 ноември 2013
Категорија: 
Стории