Во Србија секоја година се продаваат околу 80.000 тони облека

13 октомври 2020

Центарот за унапредување на животната средина во Србија направи истражување кое во фокус го става животниот циклус на парчињата облека.

Нивното истражување покажало дека секоја година во Србија се продаваат преку 80.000 тони облека, односно 12 килограми облека по личност.

Граѓаните најмногу купуваат хулахопки и чорапи, боксерки и гаќи, а потоа маици и поткошули. Останатите парчиња облека, како кошули, блузи, панталони и фармерки се купуваат поретко, 2 до 3 парчиња годишно, а јакните, капутите, мантилите се купуваат најретко.

Најмногу облека се купува во продавниците на глобалните брендови (60.5%), “секнд хенд“ продавници (16.2%) , продавници на домашни произведувачи (13.4%), а помалку од 10% (збирно гледано) купуваат преку интернет, пазар или на некои други места

Кај најголемиот број испитацини квалитетот на облеката е пресуден за купување (54,5%), додека на 41. 2% цената им е најважен фактор. Можеби изненадувачки, но 4.3% од испитаниците купуваат облека поради некој тренд.

Интересни се податоците и за тоа колку долго се носи облеката.

Така, истражувањето покажало дека речиси секој трет испитаник носи панталони, фармерки, тренерки и маици и до 12 месеци. Од Центарот сметаат дека овој податок е загрижувачки, особено ако се има предвид дека за производство на една маица се потребни 2.700 литри вода, додека за еден пар фармерки и 10.000 литра.

Просечно, најкратко се носат чорапи и долна облека. Нешто повеќе од 73% од испитаниците ги носат чорапите помалку од година, а слично е и со долната облека (57.5%)

Од друга страна пак, најдолго се носат ски оделата (58 месеци), а потоа капути и бањарки (52 месеци). 

Кога веќе не носат одредени парчиња облека, повеќе од 55% од испитаниците ги подаруваат, 16% најчесто ги чува, речиси ист процент на луѓе ја донира. Најмал број на испитаници ја продава (2.2%), а околу 7% ја менува намената на облеката, додека пак 4% се одлучуваат да ја фрлат.

Кога се во прашање условите во кои се произведува облеката, нешто помалку од 49% се запознаени со неповолните услови. Секој трет испитаник вели дека има одреден увид во енергетското расипување на модната индустрија. Повеќе од половина се запознаени со феноменот на брза мода, но повеќето не знаат како се рефлектира (позитивни и негативни страни).

Со оглед на тоа дека истражувањето се одвивало во време на пандемијата на Ковид-19, резултатите покажале дека во пандемијата купувањето на облека се намалило за дури 48% во просек. 

Интересно е што се смета дека жените повеќе трошат, но истражувањето покажало дека двата пола го имаат истиот просек на купување облека, што резултира со заклучокот дека полот не е пресудна карактеристика за потрошувачките навики на испитаниците.

Впечатлив е и резултатот кој покажува дека мажите генерално, облеката ја носат пократко отколку жените.

Од Центарот за унапредување на животната средина, велат дека од истражувањето јаснос е гледа дека јавноста во Србија не е ни приближно запознаена и заинтересирана за сето она што модната индустрија (преку брзата мода) го носи со себе. Повеќекратните социјални спротивности, етичката неправедност на брзата мода, како и нејзината очигледна штета по животната средина не се доволно присутни теми во јавноста, особено во мера во која би требале и заслужуваат.

Истражувањето за животниот циклус на облеката во Србија е спроведено од 27 јули до 10 август 2020 година, а учествувале 1889 испитаници од целата држава.

Ваков тип на спроведени анкети и споделени резултати за истата тема во Македонија, не успеавме да најдеме, но секако стои како отворен повик и информација која би ја пласирале на јавноста.

Она што успеавме да најдеме доаѓа како информации и статистики од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, во контекст на онлајн-купувачките навики на Македонците.

Кон крајот на минатата година беа објавени резултатите на Државниот завод за статистика за онлајн купување во нашата земја во 2019 година, според кои купувањето онлајн и понатаму расте со забрзано темпо.

Спроведената анкета во првото тримесечие на 2019 година во државава во која испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува раст од 14%, односно купиле онлајн 35,9% од интернет корисниците, наспроти 31,6% од интернет корисниците во истиот период минатата година.

Колку од Македонците имаат пристап и колку често го користат интернетот?

Интернет пенетрацијата во првото триемесече од 2019 година е зголемена на 81.8% опфат на домаќинствата, наспроти 79,3% во истиот период минатата година. Според резултатите, има подобрување и во начинот на пристап (фиксно широко појасно и мобилно) потребен за обавување на е-трговија. 81,4% од Македонците на возраст 15-74 години употребиле интернет во последните 3 месеци спрема 79,2% во истиот период лани. При тоа 72,9% од Македонците користеле интернет секој ден, наспроти 68,7% лани, при што мажите користеле интернет повеќе (74,9%) од жените (70,8%).

За што го користеле најмногу интернетот Македонците во 2019?

Македонците интернетот најмногу го користеле на социјалните мрежи и тоа: 70,4% за лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери итн.) на веб-страници за да бидат споделени, потоа 70,1% за инстант-пораки, т.е. размена на пораки, на пример, преку Skype, Messenger, WhatsApp, Viber и секако 68,4% за учество во социјални мрежи (креирање корниснички профил, испраќање пораки или други прилози на Фејсбук, Твитер итн.). И понатаму мажите се убедливо повеќе на социјалните мрежи, па така за ставката „ставање лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвери итн.) на веб-страници за да бидат споделени" учествувале со 73%, наспроти 67,8% од жените.

Што купувале најмногу нашите сограѓани?

Македонците како и во минатата година, најмногу купувале облека и спортска опрема или 35,8%, додека пак, купувале 10,5% производи за домаќинство и 10,4%. електронска опрема.

Од каде купувале најмногу?

Она што е особено значајно за е-трговците во нашата земја е дека Македонците најмногу купувале онлајн од продавачи од нашата земја (38,8 %). Ако во минатото доминантна онлајн трговија била од продавачите од другиот дел на светот, во 2019 година тоа учество е намалено на 20% и 11% учество на продавачите од ЕУ.

 

Согласно податоците за бројот на реализирани трансакции во текот првите шест месеци од 2020 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на минатата година покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст.

-Во текот на првите шест месеци од 2020 година реализирани се вкупно 4.300.584 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 3.161.899 онлајн трансакции во текот на првите шест месеци од 2019 година што претставува пораст од 36%. Од аспект на вредноста, исто така се забележува пораст. Во текот на првите шест месеци од 2020 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство, изнесува 104,5 милиони евра, што во споредба во првите шест месеци од 2019 година кога се реализирале 84,1 милиони евра претставува пораст за 24,3%.

Износот на трансакции кои се реализирани онлајн кон домашни е-трговци продолжува да расте

Пандемијата со корона вирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето наместо кон странски земји го пренасочија кон домашни е-продавници. Влијание кон ова секако имаше и затворањето на границите и комплексноста која се појави со доцнењето со испорака на производи купени од странство. Но, иако работите полека се враќаат во нормала, сепак навиките за онлајн купување остануваат кај граѓаните. Во оваа категорија, евидентно е дека Македонците во текот на првите шест месеци од 2020 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа може да се заклучи од растот на бројот и вредноста на онлајн трансакциите со домашни картички, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од онлајн трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници.

Конкретно, 70,6% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се реализирале во земјава, додека само 29,4% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство, што претставува нагорен тренд во однос на минатата година, кога вредноста на трансакциите кои се реализирани во земјава со платежни картички издадени во Македонија изнесувал 59,4% од вкупната вредност на трансакциите.

Во Македонија заклучно со 30.06.2020 година активни се 1.223 онлајн продавници

Согласно податоците за бројот на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 30.06.2020 година во Република Северна Македонија активни се 1.223 продажни места. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.

За период од шест месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 203 новоотворени. Доколку ја земеме предвид бројката на нови онлајн продавници за периодот од април до јуни годинава, истата се зголемила за 145 новоотворени, односно секој ден се отворале по 2 онлајн продавници што претставува одлична динамика на раст на онлајн понудата во земјава, која понатаму неминовно предизвикува раст на побарувачката и целокупната е-трговија.

Објавено:
13 октомври 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
531 пати