
Ако гледаме низ оваа перспектива, во времето на овој телефон, сме немале мобилни. Сме се договарале однапред и сме биле точни.
Часовникот не бил само моден додаток. Ниту пак, за некого само симбол на статус.
Сме немале апликации, ниту ботокси, сме имале кармин, руменило и насмевка.
Во времето на овие телефони, знаевме броеви наизуст и тоа не само на најблиските.
Во време на овие телефони имавме слобода, па веројатно и една друга (без)грижност!
Вредност не се обетките крај телефонот, макар биле и најскапоцени.
Вредност е личноста на која ве потсетуваат. На која можеби копнеете да и се јавите. Или чиј повик чекате. Да заѕвони во соба, да заѕвони и во срце.
Во време на овие телефони копнежот се мереше во срцебиења.
За што денес копнееме?
Кому се јавувавме изминативе две години?
Кому посакавме да се јавиме?
Чиј глас да слушнеме?
Вредност е да имате кому да се јавите.
На дамата која си ги заборавила обетките крај телефонот. Или пак, сте ги купиле за некоја чиј повик го чекате. Или пак, ги добивте на подарок од човек чиј глас сакате да го слушнете и ви одѕвонува во ушите, собата... Или пак, тоа е спомен на некој што толку многу го сакавте, но знаете дека телефонот нема веќе никогаш да заѕвони...
Затоа, не одложувајте ги повиците, убавите зборови, чувствата...
Навистина постои само денес...