За Том Форд, мистериозноста и неговите совети за мажите

27 август 2021

Американскиот дизајнер Том Форд денеска го прославува 60 роденден. Во нашата перцепција тој е застанат некаде околу 30-тата, а за тоа веројатно придонесува фактот што секогаш е беспрекорно дотеран, килажата му е иста со децении, а оделата ги соблекува само кога спие и вежба.

Некои дури велат дека постојано е и исто облечен, но тој е само од оние што уживаат во беспрекорноста на класиката.

Мошне присутен во модниот свет, на чело на здружението на американските дизајнери, неуморно ја одржува креативноста, а не ја остава да мирува ниту онаа насочена кон филмската уметност. 

Сепак, за неговото име се врзува и мистериозноста. Неговиот израз на лице е речиси идентичен без разлика каде се појавува, но со својата работа секогаш предизвикува коментари, бидејќи сака да биде контроверзен.

Не зборува многу за приватниот живот, но оние што добро го познаваат сепак во една пригода ќе откријат неколку интересни податоци за дизајнерот кој во голема мера влијаеше и на појавата на сексот и сексапилот во модата индустрија.

 Том Форд е роден „стар"

Неговите најблиски велат дека кога имал пет години сакал да има педесет. Уште како мал знаел што сака да биде кога ќе порасне и каков ќе биде. Сакал да оди на забавите на своите родители и да живее во луксузен стан. Тогаш на листата желби било тој стан да биде во Њујорк, но сега дефинитивно не би го одбрал тој град.

Ако изгледаш лошо, Том Форд ќе ти го каже тоа

Некој пат кога ќе види жени што имаат стил или мислат дека го имаат, а облечени се лошо или на нив нешто едноставно не е како што треба, знае да претера. Ги фаќа за јаката, ќе ги сврти, ќе им смени неколку работи и ќе каже: „Е, вака е ок, сега уште само малку да ја скратиш косата", а тие запрепастено го гледаат и го прашуваат: „Кој си ти?"...

Не се дебелее

Ако некој води сметка за себе, број еден работа на која треба да внимава е да остане виток. Том има иста килажа уште од 33 години. Се мери секој ден и ако се здебели повеќе од 1,5 кг, два или три дена јаде зеленчук и повторно ја има истата килажа.

Бил добро облечен уште како дете

Носел мало одело и чанта уште во трето оделение. Отсекогаш бил сосема поинаков.

Том Форд е човек со скриено значење и двосмисленост

Благодарение на Интернетот, таинственоста денес речиси и да не постои. Мистериозноста сосема се изгуби. Тој тоа се обидува да го врати. Вели дека веќе никој не обврнува внимание на зборовите и нивното занчење. Пораките денес честопати и не содржат зборови, само букви и скратеници. Но, постоеја и времиња кога зборовите внимателно се бирале и кога речиси се' било двосмислено. Дури и кога се праќало цвеќето, секое цвеќе имало посебно значење.

Алергичен на краставица

Тоа го дознал на многу необичен начин. Кога имал 14 години, легнал во када со вода и на очите ставил крукчиња од краставици. Мајка му морала да го носи во Ургентен центар и да им објасни на докторите како нејзиниот син добил силна алергиска реакција на очите. Веќе на таа возраст тој се интересира за козметика, па мислел дека има подочници кои треба да ги санира.

Има агенда за цела година однапред

Самиот вели дека тоа е патетично, но тој знае што и кога ќе работи во наредната година.

Модни совети - негови заповеди

-Ако би морал да се одлучам за едно машко модно правило, тогаш тоа би било - секогаш закопчувајте го сакото. На тој начин ќе ја нагласите и издолжите силуетата.

-Кога веќе ќе навлезете во позрели години, добар трик е да си земете очила со темна рамка. Сè и сешто доаѓа и си заминува во светот на модата, но пар темни очила засекогаш останува.

-Еден тренд посебно ме ужаснува. Кога еден човек влезе во мојата канцеларија така облечен, веднаш го замолив да си замине дома. Тоа е трендот на скратени ногавици до средина на листовите или над глуждот. Се појави пред осум години и со неоправдана гордост почна да шета по улици. Да се разбереме, немам ништо против глуждови, но само на терен за фудбал.

-Не сум пораснат во богато семејство. Бевме средна класа во Америка. Но, ги познававме правилата. Знаевме дека попладневните венчавки бараат внимателно испеглано одело, а дека црни чевли се носат со сино одело, а кафени со сиво.

--Сознанието дека навистина изгледате добро ви дава некој чуден вид самодоверба и удобност. Тоа се нарекува психолошки комфорт. Погледнете ги фотографиите на мажите од 1925 година. Изгледале комплетно и исполнето во триделни одела и шапка. Изгледале како небото да им е граница и за нив не постои ништо невозможно.

Објавено:
27 август 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
898 пати