Заборавена уметност- изработка на чадори

26 ноември 2013

Лесно се кршат, а уште полесно се губат- скромните чадори ретко се сметаат за луксузни аксесоари, но за Французот Мишел Ертол, чии уникатни чадори се продаваат за илјада евра, ова не важи. Овој 48 годишен уметник за изработка на своите чадори користи најквалитетни материјали, што траат за повеќе генерации. Неговата работа привлекува многу клиенти од целиот свет. Принцезата на Катар купила токму ваков чадор со кожна рачка за цена од 8000 евра.

-Чадорите секогаш биле моја страст, тие се мојата омилена играчка. Јас сум фасциниран од нив, а уште како мал ги расклопував и од два чадори правев еден, раскажува Ертол.

 Официјално своето ателје го отвора во 2008 година, а одредени алатки што ги поседува се стари дури 100 години. Просторот каде работи е сместен покрај стара железничка станица во Париз каде на исто место има повеќе уникатни работилници.

-Речиси сите чадори се изработуваат во Кина. Тука секој чадор се изработува рачно, вели Ертол кој исто така поправа чадори, но и прави уникати за филмската индустрија.

Работата на овој уметник е доста популарна кај Јапонците кои ги обожаваат чадорите за на сонце, а пак Американците и Европејците повеќе ги сакаат оние за дожд. Најефтиниот женски чадор чини 250 евра и е направен од свила и кожна рачна. Цената на машките чадори почнува од 490 евра па нагоре. Ерол е очаен поради денешната навика на фрлање на чадорите и преку својата изработка на чадори сака да ги поттикне луѓето дека порационално и од финансиски и од естетски аспект е да се купи квалитетен и модерен чадор, отколку кинески кој нема да ви трае долго и ќе го фрлите.

 

Купувањето на чадор од продавницата на Ертол е во неколку чекори: клиентите го бираат обликот на чадорот, рачката, материјалот и дезенот. Меѓу една од уникатните рачки е онаа од слонова коска прекриена со бисери. Чадорите на овој Парижанец последен пат беа реквизити на филмот „Пеперуга“ во кој игра Кејт Бланшет, како и за новиот филм на Вуди Ален.

-Костимографите се обраќаат кај мене зашто и немаат друг избор. Традиционалниот метод за изработка на чадори е изгубен, вели Ертол кој својата кариера ја почнал како костимограф во опера, а изработувал и корсети за Диор. Досега своето најголемо признание го добил на Француското доделување на награди за уметници, каде ја понесува титулата за маестро на чадорите.

Објавено:
26 ноември 2013
Категорија: 
Стории