Запознајте ја девојката што ја однесе модата во височините

18 декември 2013

Насловот не е метафора, Азијатката Џесика Мин Ен е глобален организатор на модни шоуа и модел што направи прогрес во модатата, со тоа што буквално ја качи високо во небото. Освен што е манекенка, Џесика е образован професионалец од областа на маркетингот, кој изгради сопствена визија и ја внесе и во реалноста.

Од 2011 година па досега, таа организираше неколку модни ревии, презентирани на писта поставена од неколку стотици па до неколку илјади метри надморска височина.  Тогаш, во месец октомври над реката Темза во Лондон односно на Тауер Бриџ, Џесика Мин креираше писта токму на мостот, долга 61 метар, каде беа презентирани 15 колекции на врвни дизајнерски имиња од пет континенти.

Веднаш потоа, светските медиуми кренаа прашина околу неа, кога го запознаа нејзиниот екстремно креативен потег. Медиумските публикации за Џесика се најдоа како на познати светски телевизии, така и на модни магазини како: Мери Клер, интернационални изданија на Вог и Ел,  Харпер Базар и многу други.

 

Следното модно изненадување од височините, таа го приреди во месец март 2012 година, со ревија на мост поставен на височина од 175 метри, кој ги спојува двете кули близначки Петронас во Куала Лумпур во Малезија, каде беа претставени колекции на дизајнери од 12 држави.

Истото лето 2012 година, Џесика Мин Ен се надмина себе си, со креирањето на гигантски стаклен брод во реката Сена,близу Ајфеловата кула, каде ревиите репризно беа одржани  и во месец мај.

 

Изминатиот месец јануари, инспирација на Мин Ен беа Обединетите Арапски Емирати. Оваа ревија беше симната малку пониско, но повторно со уникатна идеја за писта на брод кој крстари. Ова шоу беше проследено од многу медиуми, а престижот да се биде токму таму, се потврди и со присуството на амбасадори, шеици, еминентни менаџери на брендови и модни дизајнери.

Пред само еден месец, на Големиот Кањон во Аризона, Америка, на писта поставена на надморска височина од 4000 метри, над реката Колорадо, моделите чекореа во небото, облечени во креации од висока мода на дизајнери од десет земји.

 

Џесика Мин Ен ќе ги прекрши стандардите на 5-ти март од новата 2014-та година,кога  таа ќе биде првата личност што има дозвола да го употреби воздушниот простор во Сингапур, каде планира да постави писта од 128 метри во форма на огромно дрво. Очекувањата на сите е дека оваа ревија ќе биде најекстремната после онаа во Аризона.

Објавено:
18 декември 2013
Категорија: 
Стории