Збогување со Стен Ли - таткото на најголемите суперхерои

13 ноември 2018

Спајдермен, Дардевил, Халк, Ајронмен, Капетан Америка, Икс Мен - за уживањето во овие суперхерои можеме да му заблагодариме на Стен Ли. Светот вчера го потресе веста за смртта на легендарниот американски стрип-автор, Стен Ли. Тој почина во 95-тата година од животот, а зад себе остави непроценливо богатство.

фото извор: peopledotcom.files.wordpress.com

Стенли Мартин Либер е роден во сиромашно семејство на еврејски мигранти со романско потекло. Детството го минува со мајката Силија, таткото Џек и братот Лари во мал стан на Менхетен, во време на големата економска криза позната како „Големата депресија“. По завршувањето на средното училиште во Бронкс, одлучува да стане писател, а првото работно место го добива во „Тајмс комикс“ (денешна Марвел комикс) и тоа благодарение на неговиот вујко Роби Соломон. 

Првин ќе работи како како помошник - бришење скици од молив од готовите страници на стриповите, полнење на шишенца со масло, варење кафе за цртачите на стрипови... Но, ќе му се укаже шанса и во третиот број на стрипот „Капетан Америка“ ќе излезе неговиот прв текст насловен како „Капетан Америка ја спречува одмаздата на издајниците“, напишан под псевдонимот Стен Ли. 

Бргу потоа, ќе го осмисли и својот прв суперхерој насловен како „Уништувачот“ (Destroyer), кој ќе се бори против диктаторите. Во златното доба на американскиот стрип ќе ги осмисли и суперхероите Џек Фордс и Фадер Тајм. 

фото извор: wamu.org

Џо Сајмон и Џек Кирби, како последица на несогласувањата со издавачот Мартин Гудман, во 1941 година ќе го напуштат „Тајмли комикс“ и одат да работат за „Нешнал комикс“ (идниот ДС). Тоа ќе биде во полза на Стен, кој ќе добие повеќе простор и одговорности, односно Гудман го поставува за уредник. Со текот на годините Ли ќе стане и главен и одговорен уредник на Марвел, за во 1972 година да го замени и Гудман на местото на издавач.

Во текот на педесетите добива многу шанси да пишува стрипови и тоа во разни жанрови - романси, вестерн, хумористични, хорор итн. Но, кон крајот на декадата, станува сè понезадоволен, па дури и размислува да престане да се занимава со оваа работа. 

фото извор: www.syfy.com

Но, токму во овие години ДС комикс, почнува да воведува новитети кога се суперхеројските стрипови во прашање. Џулиус Шварц „враќа во живот“ многу ликови популарни пред Втората светска војна, па во тие години ќе се чита нов Флеш и лига на суперхероите под името „Лига на правдата на Америка“. Тоа ќе биде причината поради која Гудман ќе побара од Стен да внесе нови моменти во својот пристап. Со оглед на тоа дека идеите никогаш не биле проблем за Ли, тој првин го менува концептот на карактерот на суперхерите.

Така, некогаш речиси совршените херои, без страв и недостатоци, сега добиваат човечки карактеристики. Како и обичните луѓе, и тие имаат секојдневни проблеми - грижа, страв, љубов...На тој начин Стен ги приближува суперхероите до обичниот читател, кој може да се поистовети со омилените јунаци.

 Првиот тим суперхерои Стен ги осмислува во соработка со колегата Џек Кирби. Со него ја создава Фантастичната четворка, Успехот ќе биде огромен, па затоа соработката ќе продолжи и од неа ќе се создадат уште неколку супер херои, кои ќе станат ултра популарни, меѓу кои и Халк, Ајрон Мен, Икс Мен. 

Со Били Еверет ќе го креиера Дердвил, додека со Стив Дитком ќе ги создадат Доктор Стрејндџ и Спајдермен. 

фото извор: legionofleia.com

Подоцна ќе се појави и правиот одговор на „Лигата на правдата“ - „Марвеловите одмазници“. Оригиналната постава е Ајрон Мен, Човекот-мравка, Оса, Тор и Халк, а потоа им се приклучува и Капетан Америка.

 Но, Стен ќе донесе новитети и во уредништвото. На првите страници од стриповите, покрај сценаристите и цртачите, им оддава почит и место и на сите останати што работат на стрипот - внесувачите на текстот, колиристите и тушери. Создавањето на непосредна врска помеѓу авторите на стрипови и читателите му било исклучително важно, па секое издание го следат и адекватни текстовиво кои има податоци и за авторите на стрипот.

Во текот на 60-тите години, Стен Ли е уредник на најголемиот број на Марвел серијалите, писател на сценарија, уредник на рубриките: “Писма на читатели“, а во тој период ќе започне и месечна колумна. Во секоја од нив го промовира изданието и колумната ја завршува со својот легендарен извик: „Ексцелзиор!“

фото извор:comicsalliance.com

Поради големата популарност на Марвел стриповите, се зголемил и обемот на работа, па Ли веќе не можел да пишува детални сценарија за цртачите. Тој осмислува метод со кој Стен ја смислува приказната и пишува кратка содржина. Врз основа на тоа цртачот го црта стрипот, а потоа Ли го пишува текстот во облачињата, за потоа стрипот се обои и да се внесе текстот. Оваа метода е наречена „Марвелова метода“, која ќе ја преземат и други издавачи.

Преку стриповите, Стен се бореше против расизмот, наркоманијата, социјалната неправда, дискриминација во сите облици и предрасуди. Во секој Марвелов филм тој имаше епизодна улога, а обожавателите секогаш го препознаваа.

Добитник е и на 2.428-та ѕвезда на Булеварот на познатите за неговиот придонес во светот на забавата.

Стен Ли работел и соработувал на повеќе од два милиони стрипови, објавени во 75 земји и преведени на 25 јазици. Ликовите што тој ги креираше се појавуваат во 24 цртани телевизиски серии и голем број филмови. 

фото извор:media.comicbook.com

Неговата сопруга Џоун почина минатата година како последица на мозочен удар. Ќерката Џоун Силија Ли веројатно ќе биде наследник на неговото богатство, бидејќи другата ќерка почина три месеци по раѓањето, а од семејството на Ли, единствено сè уште е жив неговиот брат Лари.

Инаку, во една пригода Стен ќе рече дека е „глупав кога се работи за деловни одлуки, и дека требал да биде повеќе алчен во аспект на кариерата“.

Филмовите базирани на Марвел стриповите и стрип јунаците доживеаја огромен успех, заработувајќи огромни пари, од кои Стен добивал едвај 10 проценти, што значи во просек по 10 или 15 милиони. Не дека тоа е малку, но ако се има предвид обртот на пари и заработувачката генерално од севкупната негова кариера, Ли требаше да биде милијардер!

Тој дури во 2002 година ги тужеше „Марвел Ентерпрајсес“, тврдејќи дека компанијата го измамила за 10 проценти од профитите од „Икс Мен“, „Спајдермен“ и Халк.

фото извор: www.bleedingcool.com

Ако се има предвид дека „Ајрон Мен“ оствари заработка од 2.4 милијарди долари, не може да се рече дека Стен Ли бил во лоша деловна позиција.

„Сите зборуваат за тоа на кој ќе ги оставам парите. Секако дека ќерка ми ќе го наследи богатството. Но, јас сакам да ѝ овозможам уште сега да има што подобар живот. Еднаш ми кажа дека прочитала дека имам богатство од преку 250 милиони долари, но тоа е тотална лага. Јас немам дури ни сто, ниту пак нешто приближно на тоа“, изјави авторот во една пригода.

Без оглед на финансиите, тој зад себе остави непроценливо богатство изразено преку творештвото, со кое си обезбеди бесмртност!

 

Објавено:
13 ноември 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
410 пати