Жени ги заменија мажите на челните позиции на највлијателните модни брендови

6 март 2020

Доминантно мажи во улога на креативно водство на највлијателните модни куќи, до не така оддамна, беше вообичаената слика во модната индустрија.

Последниве неколку години за прв пат во историјата, таквата генерална слика значително се промени од тој аспект, отстапувајќи го креативното лидерство на женските креативни директори.

Сега креативното водство на челните позиции на куќи од профилот на Диор, Живанши, Шанел, Александар Меквин, им припаѓа на жени – дизајнери кои што важат за респектабилни, талентирани, важни, со богато портфолио и ценета кариера.

Некои од нив долги години работеле како десна рака на своите претходнци, некои биле креативни директори во своите брендови, некои работеле во сенка, но оваа генерација жени креатори постави нов вредносен систем во модниот свет и ја промени неговата историја.

Со нивното доаѓање на највисоките функции, на врвот на светската мода, се промени и модниот дискурс и начинот на кој модата комуницира.

Марија Грација Кјури на пример, направи витална трансформација во Диор, со јасен феминистички јазик обраќајќи и се на својата публика, обработувајќи ја модата во сите нејзини слоеви – како уметност, како јазик, како значаен социјален и општествен фрагмент, а на крајот од денот и како бизнис. Остана доследна на суштината на Диор, но направи храбар подвиг со додавањето на својот личен светоглед каде треба да се движи брендот во иднина. А нејзината последна колекција за брендот за следната сезона есен-зима е јасен приказ на нејзината визија, револуционерна, храбра, достоинствена и женствена.

Клер Вејт Келер е првата жена-дизајнер која ја носи улогата на креативен директор во модната куќа Живанши од неговото основање од култион дизајнер Убер де Живанши во 1952 година. Три години е на оваа позиција, доволен период за да се воочи нејзината моќ и влијание не само во одржувањето на култниот статус на брендот, туку и во неговиот прогрес и популарност особено откако ја дизајнираше венчаницата на Меган Маркл.

Шанел по смртта на легендарниот Карл Лагерфелд, се врати на женски лидер. Вирџини Виард голем дел од својот работен век како дизајнер, беше десна рака на Лагерфелд. По сите логични параметри, таа беше вистинскиот наследник на креативната челна позиција, што според досегашните колекции на Шанел под нејзино водство, се покажа како точно.

Објавено:
6 март 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
569 пати