Знаевте ли дека оригиналните блузи на пруги имаат 21 пруга?

9 јуни 2017

Кога ќе се спомене лето, една од првите асоцијации, барем кога е модата во прашање се белите парчиња и пругите.

За нивното популаризирање посебно придонесе Коко Шанел. Дизајнерката се вљуби во сино-белиот принт при посетата на француската ревиера и во 1917 година претстави колекција инспирирана токму од тамошните морнари. Пренесено во денешно време, се работи за „круз“ или ресорт колекција, која доживеа голем успех.

фото извор: Wikimedia Commons

Но, приказната за морнарскиот принт, или пругите не започнува тогаш. На 27-ми март 1858 година, во Бретанија се донесува закон морнарите да носат униформа, составена од плетена бела блуза со сини риги. Тогаш не била естетиката во преден план, туку сигурноста. Тогашните власти сметале дека доколку морнарите носат таква облека ќе бидат послесно воочливи, особено ако се случи да паднат преку палубата.

фото извор: Gaston Paris/Roger Viollet/Getty Images

Оттаму и називот „бретон пруги“, односно „бретон маици“, „бретон блузи“...

Во овој дизајн се крие уште една тајна.  Оригиналниот „бретон“ дизајн има 21 пруга – по една за секоја победа на Наполеон. Но, тоа ретко кој го забележал или знаел.

Сепак, точно е дека Коко Шанел придонела за популаризирање на овој принт, применувајќи го на лежерните парчиња, поточно класични ѕвонарки, како задолжителен дел од францускиот шик стил.

фото извор: Archive Photos/Getty Images

Во 1953 година „пругите“ за првпат се појавија и во холивудски филм. Се работи за „The Wild One“ со Марлон Брандо и Ли Марвин.

И Џејмс Дин ги сакаше „бретонките“ и ги носеше во „Rebel Without a Cause“ во 1955 година.

Пет години подоцна, пругите се поврзуваа и со Новиот бран во француската кинематографија, бидејќи голем дел од омилените ѕвезди од екраните, вклучувајќи ја и Џин Себерг во „Breathless“ носеше токму парче со овој морнарски принт.

фото извор: Hulton Archive/Getty Images

На пругите не им одолеа ниту Енди Ворхол, како ниту Пабло Пикасо, имплементирајќи ги не во својата работа, туку во личниот стил.

фото извор: Getty Images

Во 2009 година, француската актерка Одри Тоту беше дел од остварувањето „Coco Before Chanel“, каде ја толкуваше улогата токму на дизајнерката и повторно се потсетивме на нејзината љубов кон овој принт.

фото извор: stylecaster.com

Кога сме веќе кај дизајнерите, и Жан Пол Готје е голем вљубеник во „пругите“ и ги имплементира не само во личниот стил, туку и во својата работа, па честопати сме можеле да видиме реплики на култното парче и во неговите колекции.

фото извор: stylecaster.com

И ако го сметаме времето од појавувањето на ригите кај униформата на француските морнари, тие опстојуваат во модниот свет цели 159 години. Со оглед на тоа дека се работи за култен принт и парче, кое нема да исчезне од модната сцена, тогаш оваа бројка само ќе се зголемува, а ние ќе бидеме сведоци на нови реплики и дизајни инспирирани токму од овој култен принт.

фото извор: cashmereandcotton.co.uk

Објавено:
9 јуни 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.231 пати
Извор: 
http://stylecaster.com