Зошто модната индустрија толку ја сака Мини Маус?

26 септември 2015

Иако модната недела во Лондон заврши, сепак за некои работи сè уште се зборува, како на пример за тоа зошто модната индустрија толку ја сака Мини Маус?

Повод за да се запрашаат многумина за тоа не се само бројните стајлинзи инспирирани од неа, или со нејзиниот лик, туку и изложбата што се одржа во Лондон неодамна, а се однесува токму на овој анимиран лик.

Изложбата на последниот ден од лондонската модна недела, беше спонзорирана од Дизни и Британскиот моден совет, а се прикажува стилот на Мини од 1928 година, па сè до денес, како една од инспирациите на бројни современи дизајнери.

Исто така, настанот вклучува и прикажување на познати личности од Наоми Кембел, преку Мадона, Твиги, па сè до Џорџија Меј Џегер кои носат креации инспирирани токму од еден од омилените ликови на Дизни.

Џорџија Меј Џегер

-Таа секогаш ќе биде Мини Маус и луѓето и дизајнерите можат да земат дел од тоа и да направат нешто свое, да направат и тие да бидат Мини Маус. Секој сака да го задржи детството. Овој легендарен лик и облик, може да биде прикажан на многу различни начини, а сметам дека една од поентите на модата е токму тоа – вели Џегер.

Таа додава дека за љубовта кон Мини и влијанието врз стилот, многу придонела и нејзината мајка, Џери Хал.

-Мајка ми секогаш беше екстравагантна како и сите нејзини икони, како Меј Вест и знаеше да се облече од глава до петици како нив. Тој начин на облекување, да бидеш речиси како карикатура, остави трага и кај мене. Јас не сум тип на личност која постојано се држи до еден ист изглед, што е исто така дел и од Мини Маус – објаснува моделката.

Ако се спореди Мини со икони како Одри Хепберн или Брижит Бардо, таа не бара специфично следење на нејзиниот стил. Познатите личности често знаат комплетно да се сменат (во модна смисла), да се појават во скинати фармерки и балетанки, нивниот стил е сочинет од многу парчиња, но кај Мини се знае: дезенот на точки, пуфкастите ракави, панделката или оригинална шапка е она што во секој момент може да биде инспиративно за вашиот стајлинг.

Стилската врска помеѓу Џорџија и Мини започнува на петгодишна возраст, со една кожена чанта што ја добила на подарок, а која сè уште од време на време знае да ја извлече од плакарот, а низ годините се разви во нешто многу попрофесионално. На неколку фото-сесии таа сосема го изрази влијанието од Мини. За тематското издание на Love Magazine, требала да слика заедно со Мини Маус, што за неа било нешто големо.

 

-Беше неверојатно надреално. Бевме во куќата на Мини што ја изнајмивме за фототсесијата. Немаше деца, не бевме во Дизниленд, бевме само ние и беше прекрасно. Сè што работевме ја вклучуваше и Мини Маус. Ако ние се смеевме, се смееше и Мини. Таа не трча, само потскокнува, па самото присуство до неа ве тера да се смеете – раскажува низ смеа Џорџија.

Во продолжение погледнете дел од инспирацијата што овој анимиран лик ја шири:

Објавено:
26 септември 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.194 пати