По започнување на комерзијализацијата на Интернет сајтовите од 1991 година, последователно се развија и првите онлајн продавници. Така, во 1994 година се појави можноста за online banking, потоа пица шоп (Pizza Hut), а Intershop е првиот оналјн шопинг систем. Многу бргу потоа, Amazon.com ја лансираше својата онлајн продавница во 1995 година во чии рамки се продава и облека, а истата година подоцна се појави eBay.
Дека светските модни куќи веќе одамна во рамки на нивното модно царство, имаат и онлајн продавници, нема потреба да се потенцира.
-Колку повеќе им ја приближувате својата марка на купувачите, толку е подобро - изјави во една прилика дизајнерката на Гучи, Фрида Џанини.
Салваторе Ферагамо, Роберто Кавали, Луј Витон, Долче и Габана се само дел од модните имиња и куќи кои се одлучија да ги искористат поволностите што ги нуди Интернетот. Така, Прада дури и планира во онлајн продавниците да ги пласира моделите кои сè уште не пристигнале во класичните продавници.
И додека во светот веќе 18 години овој начин на купување е еден од најчестите, па и најомилените, кај нас сè уште е во зародиш.
Кога е модата во прашање, особено е деликатно прашањето. Многумина стравуаат од виртуелното купување. За сега имаме само неколку онлајн продавници што ги третираат овие продукти. Онлајн продавницата на Елена Лука, како и „Бастет Ноар“ каде можат да се најдат дизајнерските парчиња на наши дизајнерски имиња, Ирина Тошева, Ивана Кнез и Маја Кикириткова и Инд Ог, а зад кој стои Даниела Милошеска. Се чини овие две жени се најхрабрите и најиновативните кога е овој сегмент на модата , но и маркетингот во прашање.
- Со оглед на тоа дека денеска технологијата брзо чекори, секогаш си во предност доколку ја следиш во чекор. Елена Лука размислува и од аспект на своите клиенти, како на наједноставен и на најпрактичен начин да воспоставиме комуникација. Интернет продавница е една многу успешна форма за едноставна релација помеѓу брендот и клиентот. Комплетната услуга е пренесена на таа Интернет платформа која нуди многу можности и заштеда на време. Следејќи ги светските тенденции решивме дека воопшто не е рано тој тренд да почне да функционира и кај нас и веќе идејата и практично ја реализирав отворајќи ја онлајн продавницата на Елена Лука. Мојата визија е барем виртуелно да ги срушиме постоечките физички граници, и како бренд да функционираме на глобално ниво и тоа на еден современ начин – објаснува сопственичката Елена Пандева Китрозовска.
Желбата за промоција на македонската мода ја поттикнала Даниела Милошеска, да создаде онлајн продавница. Даниела посочува дека кај нас модната индустрија најчесто се сведува на шиење за познати куќи во странство, каде дизајнерите пред сè работат како контролори на квалитет, а немаат простор да ја изразат својата креативност.
-Македонија нема богато модно минато, како што е случај со некои други европски земји. И покрај тоа што кај нас се нуди квалитет за многу ниска цена, Македонија како дестинација е се чини добро скриена, па никаде не пишува дека изработката е наша. Така дојдов и на идеја за Бастет Ноар. Главната цел на страната е промоција на самите македонски дизајнери надвор од границите на Р.Македонија преку понуда на нивните дизајни кои пред сѐ се изработени од природни материјали и материјали кои не се штетни за природата. Поседуваме доста квалитетни дизајнери чии идеи би останале само на хартија доколку не постои нешто како Бастет Ноар. Самиот недостиг на вакви платформи кои ќе им нудат на дизајнерите отскочна даска е причината поради која и почнавме да работиме – вели Даниела.
На прашањето, каде сметаат дека е проблемот кај нас и зошто толку ни е тешко да го прифатиме овој начин на пазарење, Елена и Даниела наведуваат неколку причини.
-Зародишот е секогаш најтежок и најпроблематичен и затоа чекорот кој Елена Лука го направи како бренд го карактеризирам како храброст и визионерски потег. Факт е дека постои проблем кој можеби е разграден на повеќе нивоа. Основниот хендикеп е можеби тоа што пазарот тешко прифаќа новости и бавно се интегрира целата процедура на интернет продажба. Од друг аспект, поради нелојалната конкуренција и интернет малверзациите, луѓето се скептични при остварувањето на онлајн нарачки плашејќи се да не бидат изманипулирани. За жал и финансиските опструкции ги скратуваат основните права на современ начин на комуникација и едукацијата околу остварувањето на истата и тука е можеби е најсуштинскиот проблем – потенцира Елена.
Даниела пак смета дека главниот проблем е неинформираноста.
-Луѓето не се информирани за начинот на кој функционираат онлајн продавниците. Кај нас, најчесто се соочуваме со проблемот на перцепцијата на онлајн шоповите, а исто така, голем број од потенцијалните купувачи се плашат да ги остават своите податоци на картички на Интернет – вели Даниела.
Но, не можеме да кажеме дека сме единствените. Имено, една канадска модна блогерка, Ребека Еклер го сподели своето искуство со онлајн продавниците.
-За некој што многу сака облека, аксесоари и генерално мода, неверојатно е дека никогаш не сум купувала облека онлајн. Но, отсекогаш размислував, што ако не ми се допадне кога ќе го видам? Мене ме учеа секогаш да пробувам нешто пред да купам. Исто така, стравував да не ми ја украдат кредитната картичка. Срам ми беше да признам, но се плашев да купувам на тој начин. А проблем беше и што не знаев како се купува онлајн – откри блогерката од Канада.
А се чини дека сето она што неа ја мачело, ги мачи и повеќето потенцијални купувачи кај нас. Сепак, после позитивното прво искуство во онлајн продавницата на нејзината најдобра другарка, Ребека дава неколку совети:
-Не мора да се буткате во метежот и да се борите за парчето облека што ви се допаѓа. Во удобност на вашиот дом, можете да земете колку време сакате и да размислите за парчето. Но, за тие што се плашат, најдобро е да започнат со купување накит. Исто така, прочитајте ги сите детали на сајтот врзани за купувањето. На тој начин ќе дознаете сè за начинот на кој функционира продавницата и што треба да правите. Приватноста е загарантирана. Кога еднаш ќе купите производ вака лесно, ќе нема да посакате да се откажете од онлајн купувањето- вели Ребека.
За дел од предностите се согласуваат и нашите соговорнички. Особено во тоа дека времето во денешното секојдневие е скапа категорија, а онлајн купувањето овозможува да заштедите време.
-Денешното, модерното секојдневие налага: не си на Интернет, не постоиш како идентитет и тоа особено важи за бизнис секторот. Позитивниот аспект пред сè е тоа што го градиш имиџот на брендот во еден безграничен простор каде публиката е со еден широк профил и широко распространета. Од аспект на клиентот, е-комерцијата значи функционален пристап кон животот. Првин, комплетниот асортиман на брендот јасно го имаш изложен на екран со сите квалификации за продуктот кои во принцип го интересираат потрошувачот: од изработката, материјалите, достапните големини, па сè до цените. И самиот принцип на он-лајн шопинг е многу едноставен без никаква филозофија во неговото практикување и токму поради неговата рационалност верувам дека секој заинтересиран може да си дозволи таков начин на интеракција – објаснува Елена.
Таа додава дека она што е мошне поволно е што комуникацијата на Интернет е двонасочна и секогаш брзо и лесно може да се добие одговор за евентуалните прашања и нејаснотии.
-Олеснителните околности вклучуваат и брза нарачка и брзо доставување на производите и елиминирање на притисокот при изборот на соодветниот производ. Единствена аномалија можеби на нашиот пазар е тоа што современите трендови бавно се интегрираат. Меѓу другото и отворањето на модна интернет продавница, како визионерскиот чекор на Елена Лука за нашиот пазар е сепак храброст и можеби тој скептицизам од прифаќањето на новото, современото и практичното е причината поради која нема многу модни интернет продавници кај нас - смета сопственичката на брендот „Елена Лука“.
Даниела пак, потенцира дека Итернетот е простор што дава многу поволности, како за купувачите, така и за оние од другата страна.
-Со добра ПР стратегија и маркетинг кампања, како и вистински луѓе на вистински места, онлајн продавницата може многу брзо да се развие во позитивна насока. Никогаш не е досадно, затоа што самата работа е мошне динамична и никогаш не е иста. Најголемиот недостаток на онлајн продавниците е тоа што во ниеден случај не може да го заменат чувството кое го добивате кога ќе допрете нешто. Колку и да е напорно пресоблекувањето по соблекувални во продавниците, сепак тоа некако ви дава реално чувство. Меѓутоа, светот во кој живееме станува сѐ подинамичен, времето станува сѐ поскапо па затоа сѐ повеќе луѓето се одлучуваат на шопинг преку интернет- објаснува Даниела.
Сепак, со оглед на тоа дека ние сме на почетокот, во Македонија сепак владее интерес за онлајн продавниците.
-Во овие неколку месеци откако постоиме, прилично сме задоволни од Македонија како пазар. Имаме доста развиена база на клиенти тука. Меѓутоа кај нас концептот за купување онлајн баш и не е јасен. Многу од нив се плашат да купат преку Интернет, притоа не знаејќи дека вршиме бесплатна замена во случај бројот на нарачаното парче да не одговара.. На почетокот се соочувавме со голем број на повици од клиенти заинтересирани да купат нешто кои инсистираа да го пробаат. И сега има доста такви клиенти иако морам да признам дека нивниот број е значително намален. Секако дека има дел на клиенти кои веќе нарачувале преку интернет и точно знаат како сѐ функционира иако таквите се многу поретки – открива Милошеска.
Иако сè уште не е доволно популаризиран и масовно интегриран овој начин на пазарување, и Елена смета дека работите се придвижуваат во позитивна насока.
-Радува фактот што сепак кај луѓето постои интерес и љубопитство за овој начин на купување, што секако е добра основа за практично остварување на комплетната интеракција. Со оглед на тоа дека Елена Лука во Скопје има два продажни салони каде клиентите лично може да дојдат и да си купат или нарачаат модел, за почеток овој принцип на “виртуелна” работа најчесто го практикуваат оние клиенти кои се спречени физички да ги посетат продажните салони дали поради географската оддалеченост или поради други причини. Но, со оглед на тоа дека општеството масовно се дигитализира, мислам дека не е далеку времето кога онлајн купопродажбата ќе стане дел од сечие секојдневие, барем ако ги следиме западните трендови.
Предноста на Интернет-продажбата модните креатори ја гледаат во тоа што своите дизајни можат да им ги нудат на купувачите директно не зависејќи од медиумските критики на нивните ревии, а можат и да заштедат и на реклами.
А еве што може да се најде на актуелните онлајн продавници за облека кај нас.
- Моментално постојат колекции од три дизајнерки Ивана Кнез, Ирина Тошева и Маја Кикириткова. Акцентот засега е ставен врз облека и аксесоари. Пред извесно време на нашиот тим се приклучи и Горан Костовски, дизајнерот кој стои позади ИндОг брендот. Следниот месец ќе се вклучат и други дизајнери. Во моментов сме во преговори со неколкумина од Македонија и неколкумина од околните балкански земји – објаснува Даниела.
На онлајн продавницата пак на Елена Лука може да се најде сè што содржат и двата продажни салона.
-Интернет продавницата на Елена Лука е еден огромен виртуелен експонат на комплетната понуда на брендот. На еден многу фин и функционален начин, во неколку категории се подредени сите производи на брендот: фустани, свечени и коктел тоалети, венчаници, здолништа, панталони, горни делови, капути, палта, посебна категорија за тематските колекции, аксесоари итн. За секој производ има основен опис, достапност на цена, величини, бои и различни други опции кои би можеле да го интересираат клиентот. Секако има и детална листа со објаснување на чекорите на интернат нарачките, начинот на доставување односно комплетниот принцип на кој продавницата функционира од изборот на моделот до доставувањето на истиот на Вашиот дом – истакнува Елена.
Но, не само модните дизајнери ги следат овие трендови. Неретко и музичките ѕвезди отвораат онлајн продавници, со што нивните музички материјали, но и облека и реквизити им се уште подостапни на обожавателите.
За таков чекор се одлучија и Стефан и Мартин од дуото „Некст тајм“. Во нивната онлајн продавница може да се најдат маици, блузони со логото на нивната група, како и нивните музички материјали.
-Речиси една година постои оваа онлајн продавница за спортска облека. Главната идеја започна оттаму што ние самите си направивме дуксери и маички со логото на групата, што на многу наши обожаватели им се допаднаа, па сакаа да имаат исти такви. Оттука се роди и идејата веќе постоечкиот сајт на „Некст Тајм“ да го надоградиме со онлајн продавница, од која засега сум задоволен како тече продажбата, која се надевам со тек на времето ќе се зголеми. Ова е продажба по пат на интернет, а луѓето кај нас не се многу навикнати да купуваат на ваков начин. Но, оние што сакаат да имаат автентичен спортски изглед со нашето лого, го прават тоа уверено – ни изјави Стефан.
Светските креатори дотолку ги следат предностите на технологијата, со што и онлајн продавниците сè повеќе се надоградуваат.
Така на пример, дизајнерот Џорџо Армани, има платформа на мобилна телефонија за електронско купување, преку која корисниците можат да купуваат негови производи и од своите мобилни телефони.
Иако се плашиме од новото, добро е што сепак сме љубопитни и нè интересира да бидеме во чекор со светот. Затоа и сопствениците на веќе постоечките онлајн проданици за облека, а и активните купувачи се сигурни дека набргу ова нема да биде иновација, туку наше секојдневние.