Претпоследниот ден од 12 – тото издание на Модниот викенд Скопје ја имаше честа да го затвори дизајнерот Роберт Ивановски со неговата „Feelings“ колекција.

Ако зборуваме за секси парчиња, тој дефинитивно го прикажа тоа вчеравечер. Речиси кај секој од моделите имаше по некој секси, женствен дел кој иако можеби не откриваше многу, беше доволен да ја разбранува фантазијата.

Во неговата колекција, тој прикажа парчиња како за девојки, така и за момци, изработени со слични техники и бои.

„Колекцијата ‘Feelings’ е инспирирана од природата и нејзината обоеност, поп културата и моите чувства низ годината. Доминантни бои се белата и зелената, збогатена е со апстрактни принтови изработени од  сликарите Елена Чемерска и Бојан Ковски. Колекцијата е за двата пола и е наменета за следната сезона, пролет-лето 2016“, вели дизајнерот.

Презентацијата на колекцијата започна со уникатно елече во бела боја, чиј заден дел беше целосно насликан од споменатите уметници, чија работа остави навистина голем впечаток кај публиката.

Речиси кај сите парчиња од колекцијата на Ивановски, можеше да се види рачната работа на уметниците, што дефинитивно парчињата ги однесе на едно повисоко ниво.

Дизајнерот понуди комбинезони во бели и зелени нијанси со транспарентни делови, потоа интересни цветни здолништа комбинирани со смели горни делови, тесни фустани над колената, но и малку подолги од две комбинации на бои.

Тој прикажа и навистина уникатни и поинакви парчиња за храбри мажи, од истата палета на бои и слични детали како и кај женските.

„Иако колекцијата има младешки урбан дух, не сакам да таргетирам и да кажувам за кого е наменета, а за кого не. Едноставно за секој храбар поединец кој е љубител на уметноста. Засега сум фокусиран на презентацијата на Модниот Викенд во Скопје, потоа се е можно... но за тоа, потоа“, вели дизајнерот запрашан за таргет групата и иднината на колекцијата.

Објавено:
25 октомври 2015
Категорија: 
Мода
Прочитано:
1.690 пати