Ноќ на гламур и холивудски сјај: Оскаровска Гала во МНТ со моден печат на ЕЛЕНА ЛУКА

Холивудскиот гламур пристигна во Скопје, благодарение на втората Оскаровска Гала вечер која во саботата се одржа во Македонскиот Народен Театар во Скопје. На концертот наши познати пејачки облечени во раскошни, спектакуларни креации на ЕЛЕНА ЛУКА изведоа композиции кои влегле во филмската историја и биле номинирани и наградени со Оскар.

Настанот кој се одржа една недела пред 97-то издание на Оскарите, креираше неповторливо искуство за присутните кои уживаа во импресивната изведба на Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска (South Park), Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Јасна Димитровска, заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect, под диригентската палка на Владимир Димовски и Полифонија.

За значајниот придонес за реализација на оваа спектакуларна ноќ и уникатните дизајни инспирирани од холивудскиот гламур, кои внесоа  дополнителен сјај на сцената, реномираниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА доби специјално признание за креативен придонес и поддршка.

„Ова е втора година како учествуваме во овој импозантен, престижен настан. Од самиот почеток сме заедно со организаторите и со Миланка Рашиќ како автор и организатор на овој маестрален проект. Навистина, ваков настан досега немало во државата, вистинско ремек-дело, каде што уметниците не само што блескаа со своите вокални способности, туку и во свечените креации на ЕЛЕНА ЛУКА. Честа да бидеме дел од овој настан беше огромна. Благодариме на организаторите што ја препознаа нашата љубов кон уметноста и посветеноста на нашиот бренд. Голема е довербата што ни ја дадоа, уметниците што ги носеа нашите креации вечерва навистина добија нова димензија на сцена. Сето тоа, заокружено со одлични вокални интерпретации, беше вистинска магија. Пресреќна сум што добив признание кое не го очекував, сметам дека вечерва сум апсолутен победник и шампион. ЕЛЕНА ЛУКА продолжува понатаму, создавајќи и соработувајќи со овие прекрасни уметници, кои се наши блиски пријатели и чии таленти искрено ги почитуваме.“- изјави Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.

Миланка Рашиќ, коментатор на Оскаровското шоу и автор на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ, ја водеше публиката низ Оскаровските приказни, облечена во раскошна, гламурозна бледосина креација на ЕЛЕНА ЛУКА.

„Само неколку минути по завршувањето на втората Оскаровска Гала, преплавена сум со различни емоции. Пресреќна сум што публиката уживаше во вториот концерт посветен на оскаровските песни. Имавме врвни пејачи, врвни музичари, прекрасни танчери и балетска двојка, сето тоа гламурозно искуство допре до публиката, а доказ за тоа се овациите и аплаузите. Особено магичен е оскаровскиот шоу-блесок, таа вечер кога сите ѕвезди се на едно место е неповторлива. Но, филмската магија е уште посилна со филмската музика. Мислам дека дел од најубавите и најживописни рефрени ги донесовме на сцената на МНТ на втората Оскаровска Гала вечер. Првите реакции на публиката покажуваат дека беа презадоволни, а тоа ми дава мотив да создадеме уште поубава трета оскаровска вечер. Поддршката од модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА навистина многу значи за нашиот настан. Таа го дополнува гламурот и нашата визија за една раскошна, музичко-филмска вечер. Јас се чувствував како принцеза, оваа бледосина боја е мојата омилена, а прекрасната креација ми даде дополнителна сигурност на сцената. Од срце благодарам за убавата соработка која започна со првата гала, продолжи сега и се надевам дека ќе трае и во иднина.“- вели Миланка Рашиќ, која е продуцент, сценарист и водител на настанот.

Познатите вокални изведувачи Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска и Јасна Димитровска ја освоија сцената облечени во гламурозните креации на ЕЛЕНА ЛУКА специјално избрани да ја отсликаат нивната автентичност и карактер, што им помогна во реализација на нивната впечатлива вокална изведба. Преку нивната интерпретација публиката имаше можност да ужива во едни од најголемите оскаровски хитови како: Golden eye, I don’t won a miss a thing, A whole new world, Time of my life…


„Секогаш ми е чест и задоволство да соработувам со ЕЛЕНА ЛУКА, бидејќи тоа е фантастичен бренд кој секогаш ја носи автентичноста на секој уметник до совршенство. За еден артист е многу важно да се појави во својот елемент, а ЕЛЕНА ЛУКА секогаш нè подготвува со отворени раце. Ова е посебно искуство – навистина совршено. Чувството во креациите е како да си вистинска ‘diva on the red carpet’.“- истакна Ана Петановска.

„Двете креации што ги носев вечерва се совршени. Само што ги видов на закачалка, се заљубив и во едната и во другата. Но, тоа не е изненадување, никогаш не сум имала поинакво чувство кога ќе влезам во атељето на ЕЛЕНА ЛУКА. Со години соработуваме, и секогаш сум имала професионално и прекрасно искуство. Чувството на сцена кога ќе излезам во нивна креација е апсолутно магично. Оваа облека не е само мода, таа помага во изведбата, во интерпретацијата. Знаеш дека ќе изгледаш како принцеза, како кралица.“- посочи Наде Талевска.

„За првпат носам креација на ЕЛЕНА ЛУКА, и сум презадоволна од целиот третман што го добив во ателјето. Вниманието што се посветува на карактерот, енергијата и сценскиот настап е неверојатно, како да се читаат мислите на уметникот. Кога ми ја предложија оваа креација, веднаш се согласив – беше љубов на прв поглед. Додека ги изведував песните вечерва, се чувствував прекрасно на сцената.“-  нагласи Светлана Јовановска.

Гламурот ми носи посебна емоција на сцена, навистина се чувствувам оскаровски. Носејќи го овој фустан, чувството е прекрасно, удобно и незаборавно.“-  истакна Јасна Димитровска.

Импресивната музичка изведба на безвременските оскаровски хитови ја оживеа магијата на филмската музика и ја преточи во незаборавно сценско искуство. Со врвни вокални интерпретации, емоционална длабочина и симбиоза меѓу музиката и гламурозниот сценскиот настап, изведувачите ја воодушевија публиката, која возврати со овации и стоечки аплаузи.

Во недостиг на вакви настани, каде се слави филмската магија, уметноста и модата, се чини дека Скопје со нетрпение ќе ја очекува третата Оскаровска Гала вечер.

Бојана Стевческа

Повеќе фотографии од втората Оскаровска Гала вечер се достапни тука:

Сè уште нема коментари

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

mk_MKMacedonian