Доколку се искористи дизајнерската креативност и храбро се поигра со кроевите, тогаш класичното деловно сако може да добие повеќе варијанти кои соодветно се комбинираат со остатокот од вашите бизнис парчиња.
Бизнис колекцијата на Елена Лука понуди богат избор на сакоа изработени од различни материјали со различни дезени и кроеви во кој се препознава креаторската инвентивност прилагодена на современиот стилски израз на деловната жена.
Сако изработено од штоф во сина боја и јака со остар пресек во окер боја со која лесно се постигнува контраст, е идеално за оние бизнис дами кои претендираат да внесат колоритна свежина во својот деловен изглед. Па така, доколку повеќето парчиња ви се во доминантна црна, бела или сива боја, со вој тип на сако ќе ја разиграте колор палетата.
Со сакото изработено од брокат во кралско сина боја, на едноставен начин добивате отмен изглед. Може да го комбинирате со класични црни панталони или здолниште, но исто така лесно се адаптира и во вечерен изглед за коктел забава или свеченост од неформален карактер.
Доколку во вашиот деловен изглед приоритет им давате на светлите нијанси и пудрестите тонови, тогаш во го препорачуваме класичното сако од брокат во нежно розова боја со интересно превртување кај јаката. Со оглед на нежниот тоналитет, сакото комбинирајте го со едноставна бела кошула и финиширајте со нежен ѓердан со бисери.
Пепито дезенот никогаш не губи од својата актуелност и истовремено е тренди, урбан, но и соодветен за деловни стајлинзи. Па една од варијантите на класични сакоа од Бизнис колекцијата е токму тоа со пепито дезен со неконвенционална јака во длабок V израз и уникатен брош како механизам за закопчување.
Стандардното црно сако со струкиран крој е наједноставната варијанта на деловно сако, задолжително во плакарот на секоја бизнис дама. Комбинациите во кои може да се имплементира се неограничени: одлично се спарува со џинс, класични панталони и здолништа, па дури и со свелени тоалети.