banerEL28

И месец мај почна да ги одбројува своите денови, сигурно и вие ги одбројувате деновите до матурската вечер, а Елена Лука повторно ви излегува пресрет со предлозите за тоа како можете да изгледате на оваа посебна ноќ за вас.

Фустан над колена, во розова нијанса е денешниот избор. Во горниот дел креацијата е корсет со срцевиден израз, изработен во комбинација од шантунг свила во крем нијанса и розов памучен сатен. Освен комбинацијата на материјали, корсетот е интересен и поради паспул лентите, што само ја зголемуваат динамиката на играта со бои и го прават горниот дел од фустанот впечатлив.

Долниот дел пак, е со фалти, со што здолништето добива на волумен, а благодарение на тоа пак, се акцентира пределот околу струкот. Кога се во прашање модните додатоци со кои ќе ја надополните оваа креација, ви предлагаме тоа да бидат сандали со висока потпетица во сребрена нијанса и чанта во нијанса на свилата од која е изработен корсетот.

При изборот на накит, ви предлагаме да се одлучите само за обетки. Поради богатиот горен дел, ѓердан не ви е потребен, а со обетки во комбинација на споменатите бои, само ќе ја истакнете свечената и софистицирана нота.

Со оглед дека волуменозните здолништа е апсолутен тренд оваа сезона, сметаме дека денешниот фустан од Елена Лука е вистински погодок со кој ќе бидете впечатливи и тренди на настан каков што е матурската вечер.

Објавено:
2 мај 2014
Категорија: 
Без категорија