Идеалниот избор на матурската креација зависи од вашите потреби, желби и стилска ориентација. За сите млади дами кои што не сакаат да изгледаат спектакуларно, туку достојно  и со стил да втиснат свој моден печат на матурската ноќ, денешната креација со потписот на етаблираната модна куќа Елена Лука е вистинскиот избор.

Станува збор за коктел фустан во сјајна беж нијанса, чиј горен дел е транспарентен, а остатокот е изработен од нежен свилен сатен. Едноставниот дизајн ја следи линијата на телото, а креативната модна конструкција која се состои од преклопени парчиња сатен му даваат по малку гламурозна нота на дизајнот.

Структурната композиција на креацијата има потреба од нежен накит, па во контекст на тоа мали топчести обетки украсени со блескави камчиња одлично би се вклопиле во модната визија. Стајлингот дополнително го освежува моделот  на клач-чанта во правоаголна форма на која има цветни апликации од мноштво блескави камчиња и мониста. Од аксесоарите  и сандалите со висока потпетица во боја на слонова коска  ќе направат да изгледате луксузно.

Објавено:
8 април 2014
Категорија: 
Без категорија