stailing13baner

Модните преференции на младите матурантки во поглед на нивниот изглед за големата матурска ноќ мошне често знаат да содржат барања што навидум изгледаат неостварливо. Модниот бренд Елена Лука веќе пет години ткае возможни модни мисии за сите девојки со истанчен вкус. За таа пригода, денеска одбравме да ви презентираме креација која што е „две во едно“ - коктел фустан и панталони заедно. За девојките чиј моден дурбин е ориентиран кон освојување на подалечни модни хоризонти, овој дизајн на фустан ќе биде правилниот избор.

Станува збор за креација каде провокативно контрираат црвениот трико сатен и транспарентниот црн органтин. Текстурата на материјалот и композицијата на моделот ја следат линијата на силуетата, а кратките панталони имаат задача да го нагласат вашиот сексапил. Горниот дел од фустанот промовира игра на бои и геометриски линии што ја нагласуваат линијата и формата на дизајнот. Смелоста е одлика на храбрите, па затоа бидете смели и цврсто чекорете облечени во овој елегантен и моќен фустан.

Оваа инвентивна модна креација би можеле да ја комбинирате со плик чанта во правоаголна форма во сјајна црна боја. Детаљот со блескавите квадратчиња на чантата ќе го разбуди духот на диско кралицата во вас и вие ќе блеснете со својата оригинална појава. За уште посилен ефект во модната интерпретација на вашиот матурски стил ќе ви помогнат и црни мрежести сандали со извртено ремче што на глуждот завршува со масивна тока. Поради впечатливоста на самата креација и дизајн, за избор на накит ви советуваме да одберете мали правоаголни обетки на штипка со златен детаљ на нив, за да го потенцирате овој трендовски стајлинг.

Објавено:
9 април 2014
Категорија: 
Без категорија