Доколку сакате да изгледате како безвременската модна икона Одри Хепберн во филмот „Појадок кај Тифани“, тогаш изборот за вашата матурска креација нека биде мал коктел фустан во црна боја. Модната куќа Елена Лука на идните матурантки им предлага за својата матурска ноќ да одберат коктел фустан низ кој што контрастно се брануваат црно-белите нијанси.

Денешниот моден израз, дело на Елена Лука, е комплетно во знакот на монохроматските рапсодии. Корсетираниот горен дел е прицврстен со елегантна рамка на рамото и е комплетно изработен во бел сјаен сатен низ кој што суптилно е аплициран рачно изработен цветен вез. Долниот дел го краси лелеав крој, изработен од црн жоржет. За да се нагласи модната естетика на женската силуета, креацијата има вграден ремен на струкот.

Заводливата и провокативна нота што софистицирано се проткајува низ целата креација заслужува нежен избор на модни додатоци. Енергичниот стимуланс и женствената вибрација ќе ги доловите доколку оваа креација ја комбинирате со мала клач-чанта во црна боја, со впечатливо копче во форма на паун изработено од ситни светкави камчиња во неколку бои и црни сандали со вкрстени ремчиња низ кои дискретно светкаат мат црни камчиња.

За да ја нагласите убавината на целосниот стајлинг, одберете гламурозни обетки во средна големина со црвен рубин, надополнети со сребрени камчиња. Сензуалноста нека биде вашето тајно оружје со кое ќе крадете воздишки на вашата матурска ноќ.

Објавено:
11 април 2014
Категорија: 
Без категорија