Се чини дека последната колекција на модната куќа Елена Лука  „Златни узди“, која што беше презентирана за време на модниот викенд во Скопје е уште еден оригинален пристап концепиран според правилата  на светската мода со цел да се задоволат специфичните женски модни апетити. Затоа, денешниот предлог стајлинг  во себе вклучува дводелна долга црна тоалета комбинирана со модни додатоци што креативниот тим на брендот ги дизајнираше за да претстави целосна модна композиција.

Станува збор за специфична конструкција на мошне раскошна креација проткаена со гламурозна линија и чиста форма, резултат на внимателната посветеност, употребата на луксузните материјали и посебните техники, што овие модели ги рангираа во редот на високата мода.

Горниот дел од комбинацијата е засебен корсет изработен од тафт материјал со рачно навезени правоаголни камчиња во црна и златна боја, а долниот дел пак е здолниште во А-силуета со широк волуменозен крој, чиј појас е изработен од сатен, а во долниот дел се претопува во брановидна игра на органтин. Автентичноста и екстравагантниот пристап на префинетата линија во дизајнот и сензационалниот гламурозен изглед на композицијата романтично го заокружува изборот на модни додатоци. Сандалите и чантата изработени од високо квалитетна лакирана кожа украсени со златни детали, исто така дело на модната куќа Елена Лука, одлично се вклопуваат со креацијата и ја доловуваат женската елеганција и убавина.

Земете ги и вие уздите во ваши раце и бидете вистинска кралица на вашата матурска ноќ.

Објавено:
14 април 2014
Категорија: 
Без категорија