Колекцијата „Златни узди“ новото „чедо“ на модната куќа Елена Лука претставува навистина инспиративна плејада на модели што сосема заслужено го брануваат модниот и медиумскиот етер. Уникатноста и инвентивниот спој на техники и форми се заштитниот белег на пролетните дизајни.

Затоа и денеска, понесени од неверојатната софистицираност со која зрачи оваа колекција одлучивме да ви презентираме елегантна црна тоалета со златни везови, која што ќе биде одличен избор за вашата матурска ноќ.

Фустанот е изработен од тафт материјал. Горниот дел од фустанот, односно корсетот е со автентични конструкциски форми, додека долниот дел од фустанот централно го краси отворениот шлиц и богатиот вез од срма кој што се повторува низ ширината на фустанот креирајќи огледало ефект.

За колекцијата да раскаже целосна и единствена модна приказна, модната куќа Елена Лука создаде и соодветна линија на модни додатоци, чевли и чанти, што комплетно соодветствуваат со моделите. Со оваа креација ви советуваме да одберете плик-чанта, чиј облик е интересен спој на геометриски форми, изработена од црна сјајна кожа украсена со златна плочка на која што суптилно е исткаен потписот на брендот. За оваа пригода одлучете се за сандали во златна боја, со дискретен сребренкаст сјај , украсени со златно синџирче со потписот на куќата. Поради гламурозната визија, немате потреба од накит. Блеснете како грациозна филмска дива на вашата матурска ноќ.

Објавено:
17 април 2014
Категорија: 
Без категорија