За моќта на црниот фустан сме пишувале во неколку наврати. Тоа е можеби најсигурната варијанта, за избор на вашата матурска креација. Црната боја идеално ќе ја нагласи вашата силуета, а во зависност од вашата конституција и визуелно ќе ви ги издолжи нозете. Креативниот тим од модната куќа Елена Лука повторно го има вистинското решение за вас.

Најновата колекција за актуелната пролетна сезона „Златни узди“, потпишана од вредните раце на Елена Лука, повторно ни послужи како инспирација за стилски и луксузен старт на оваа нова работна недела. Денешниот предлог стајлинг е долга црна тоалета изработена од тафт, сатен и органтин. Горниот дел е корсет од тафт материјал, фокусиран со фина линија која го истакнува деколтето што е дискретно украсено со метална златна плочка во кружна форма на која е врежано логото на модната куќа. Долниот дел на тоалетата претставува инвентивно стилизирана  игра на форми и должини, предниот дел е рачно моделиран сатен со пократка должина, а задниот дел е со подолга должина со цел да се нагласи провокативноста на моделот. Органтинот е искористен во задниот дел за да и се даде брановиден волумен на креацијата.

Со овој дизајн ви предлагаме да комбинирате модел на сандали и плик-чанта од истата колекција на модната куќа. Сандалите се во црна сјајна кожа, украсени со златни впечатливи синџирчиња, асоцијација на уздите на кои им е додадена плочка со логото на етикетата. Чантата е изработена од истиот материјал како и сандалите во едноставна правоаголна должина која што се закопчува со златно копче на кое е врежано логото на брендот. Додадете му гламур на вашиот чекор и бидете ѕвезда на вашата матурска забава во креацијата на Елена Лука.

Објавено:
21 април 2014
Категорија: 
Без категорија