Времето брзо одминува, а вие сè уште имате дилеми околу вашиот изглед за матурската ноќ. Без паники, модниот портал fashionel.mk во соработка со модната куќа Елена Лука повторно го имаат вистинското решение за сите вас што сè уште немате одбрано матурска креација.

Елеганцијата во комбинација со едноставноста се одлично решение со кое што ќе блеснете на вашата матурска забава. Затоа за денешниот предлог стајлинг се одлучивме за краток, коктел фустан во црна боја, целосно изработен од високо квалитетен памучен сјаен сатен. Горниот дел од фустанот е корсет, а долниот дел, пак, е здолниште со принцес конструкција кое што волуменозно се бранува по должината на вашите нозе. Впечатливоста на оваа префинета креација е доловена со апликацијата на половината која што претставува рачна изработка на светки и се провлекува низ појасот во форма на инвентивна игра со кругови.

Со овој коктел фустан ви предлагаме да искомбинирате ѓердан со црни сјајни камења сместени во сребрена рамка во форма на ливчиња од цвет, дискретно попрскани со мали камчиња во сребрен тон. Кога станува збор за модните додатоци, сигурен избор со оваа креација е клач-чанта во црна боја испрскана со светкави пигменти во вид на ѕвездена прашина и сандали исто така во црна боја со ремчиња на глужд, украсени со колажни цветови посипани со сребрени светки за да соодветствуваат со комплетниот стајлинг. Бидете и вие една од ретките ѕвезди која ќе блесне со сиот свој сјај, убавина и елеганција на матурската ноќ.

 

Објавено:
9 мај 2014
Категорија: 
Без категорија