За сите девојки кои што нетрпеливо ја очекуваат својата матурска забава, а сè уште немаат одбрано соодветна креација денес модната куќа Елена Лука има вистинско изненадување. Темно виолетовите нијанси според последните модни статистики ќе бидат вистински летен хит, затоа и денешниот предлог стајлинг решивме да биде токму во таа боја.

Станува збор за композиција која што е целосно дизајнирана од сатен и тантела. Горниот дел од коктел фустанот не е корсетиран и целосно е изработен од виолетов сатен на кој што има аплицирано бела нежна тантела низ која романтично се провлекуваат сатенски ленти. За да се нагласи идеалната фигура на телото, креацијата е стегната на половината со сатенско ременче. Долниот дел е целосно изработен од тул во бела и темно виолетова боја, за да се долови ефектот на волумен но и за да се нагласи принцес кројот кој што е навистина голем тренд оваа сезона.

Со оваа комбинација ве советуваме да комбинирате мала клач-чанта во темно виолетова боја изработена од сатен и тул на која што се адаптирани рачни апликации на цветови. Што се однесува до чевлите, одлучете се за модел на сандали со ремчиња чија структура е споена во украсен детаљ изработен од светкави камчиња во форма на цвет, во иста боја како и чантата. Изгледот заокружетего  со избор на впечатливи обетки со продорни светкави камчиња во темно виолетова боја, во форма на ливчиња од цвет. Разбудете ги пролетните сетила и бидете слатка принцеза на вашата матурска забава.

 

Објавено:
13 мај 2014
Категорија: 
Без категорија