Елена Лука ви предлага дневен и вечерен стајлинг #12

9 јуни 2014

Повторно сме на стартот на уште една работна недела која ќе биде исполнета со многу сонце и позитивни вибрации. Доколку единствениот проблем кој го имате е комбинирањето на изгледот во текот на денот и ноќта, тогаш дозволете модната куќа Елена Лука да ви помогне во тоа.

За денеска, брендот ви предлага дводелна комбинација на маичка и здолниште со висок струк во бела боја. Овој модел е дел од најновата летна колекција „Златни узди“ и навистина плени со голема софистицираност и елеганција. Горниот дел е маичка изработена од двослоен жоржет на кој што има аплицирано златна тантела. Здолништето е со висок струк и должина до колена изработено од органтин со рачна апликација на златна тантела. Инвентивната игра на дизајнот презентира мекост во структурата, строгост во однос на кројот и богати текстури на материјалите. Кога станува збор за обувки, модната куќа Елена Лука  ви предлага да одберете модел од нивната најнова колекција чевли, специјално изработени за да бидат во склад со летната колекција облека. За овој стајлинг тие ве советуваат да се одлучите за сребрените сандали, украсени со златно синџирче, „крунисано“ со кружно златно лого со иницијалите на куќата. Сандалите се изработени од високо квалитетна сјајна кожа и му овозможуваат неверојатна удобност и женственост на вашиот чекор.

За вечерниот стајлинг, модната куќа за денеска одлучи да ви презентира долга елегантна тоалета во сивкаста нијанса. Фустанот е корсетиран се до пределот на колковите, а во долниот дел лелеаво паѓа по должината на силуетата. Композицијата на горниот дел од фустанот е целосно во знакот на гламурот и е изработена од светкав материјал, додека долниот дел го краси прекрасен брановиден тул. Корсетот и здолништето дискретно ги спојува рачна апликација на тантела.

Бидете секогаш во центарот на случувањето и пленете со  вашата појава.

Објавено:
9 јуни 2014
Категорија: 
Без категорија