Елена Лука ви предлага дневен и вечерен стајлинг #15

12 јуни 2014

Припадничките на понежниот секогаш ги мачи „фаталната реченица – немам што да облечам“. Немојте да паничите вредниот тим на модната куќа Елена Лука  е добро запознаен со тој „проблем“, па затоа и денес е во служба на сите дами кои имаат модни главоболки.

Предлогот за дневна варијанта е коктел фустан со контрастна игра на црни и црвени тонови. Страничните делови од фустанот се изработени од памучен сатен, а предниот дел од фустанот е со строго сечење во форма на песочен часовник за да ја нагласи фигурата на телото. Интересна е апликацијата на странични џебови што на моделот му даваат нота на лежерност, но и доза на едноставна елеганција. Овој дизајн комбинирајте го со црни чевли на висока потпетица.

За вечерниот изглед, Елена Лука ве советува да одберете дводелна комбинација на златен корсет и црно здолниште. Горниот корсетиран дел е целосно изработен од златна свила и на едната страна има инвентивна конструкција на кројот во форма на цвет. Детаљот е изработен од рачно аплицирана златна тантела која ја нагласува романтичната вибрација на композицијата, а додатокот на златни кожни ленти го истакнува моќниот бунтовнички дух на жената што го носи.

Здолништето со висок струк е изработено од црна свила која соодветно на корсетот на страничниот дел има аплицирано мулаж техника. Оваа креација комбинирајте ја со сандалите од најновата колекција на куќата, насловена „Златни узди“.

Бидете вистински моден камелеон и носете ги моделите на Елена Лука.

 

 

Објавено:
12 јуни 2014
Категорија: 
Без категорија