Нов тренд на повидок: Познатите се откажуваат од социјалните мрежи

12 јануари 2021

Британската монархија отсекогаш била скандалозна, иако се стремела кон поставување позитивни примери, па се надеваме дека овој пат и навистина ќе го сторат тоа. Гласнините шепотат дека Меган и Хари засекогаш ќе ги напуштат социјалните мрежи. 

Пред две години во април, Војводата од Сасекс и неговата понежна половина го претставија во јавноста својот заеднички Инстаграм профил, @Sussexroyal. За неполни 6 часа успеаа да соберат 1 милион следбеници. Можеби Хари и Меган замислуваа дека со светот ќе ги споделуваат фотографии како се држат за раце и како уживаат во времето минато со својот син, а следбениците ќе се радуваат на нивната среќа. Но, луѓето знаат да бидат сурови па профилот многу бргу беше преплавен и со негативни коментари, најмногу упатени кон Меган. 

,,Ми кажаа дека сум најисмејувана личност онлајн за 2019 година. Не можете да замислите какво е чувството. Без разлика дали имате 15 или 25 години, кога луѓето за вас зборуваат невистини, тоа го оштетува вашето ментално и емоционално здравје," изјави Војводката во една прилика.

На 30 март 2020 ја ставија својата последна објава дека го напуштаат кралското семејство, а според The Times of London од пред неколку часа, двојката воопшто не планира да им се врати на социјалните медиуми. 

Имајќи на ум дека подготвуваат неколку проекти за Netflix, подкаст на Spotify и бројни појавувања и јавни обраќања во 2021 година, секој би помислил дека е лудило да се откажат од социјалните мрежи.

Но, не и Даниел Ли. Креативниот директор на италијанскиот бренд Bottega Venetta на 5 јануари го исклучи светлото за своите 2.5 милиони следбеници. Ги остави подзинати колегите, моделите, медиумите и сите вљубеници во модата. Во ерата на коронавирусот, кога брендовите во најголема рака зависат од работата на социјалните мрежи, на само неколку недели откако ја презентираше новата колекција за пролет 2021, Bottega паѓа во мрак. Идејата е дефинитивно оригинална, без разлика која е намерата зад неа. Можеби Ли едноставно посакува да го крене нивото на луксуз кој го носи брендот, правејќи го потаинствен и со тоа и поинтересен. 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Panache (@panachesociety)

Во секој случај, да побарате од некој припадник на помладата генерација да се откаже од својот мобилен телефон, веројатно е како да побарате од родител да ви го даде своето првородено. Секоја чест на исклучоците кои не се зависни од социјалните мрежи, но според некои истражувања направени минатата година, човекот во просек минува 2  часа дневно на социјалните мрежи или 5 години  и 4 месеци во еден животен век! За адолесцентите, дневниот просекдостигнува и до 9 часа дневно!

Но, имајќи предвид дека минатата година беше непредвидлива и луда, а и дека младите генерации често земаат пример од познатите личности, се наметнува прашањето, дали имаме на повидок нов тренд на откажување од социјалните мрежи? 

Објавено:
12 јануари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.368 пати