Холандскиот фотограф Ханс Ејкелбом, веќе дваесет години го следи истиот предизвик. Имено тој веќе две децении ги зумира стиловите на луѓето кои секојдневно се движат низ градските улици со цел да ги селектира нивните сличности во поглед на стиловите. Неговите „фото забелешки“ како што сам ги нарекува се потврда дека некои модни додатоци и трендови едноставно никогаш не излегуваат од мода. Мутираат во однос на кројот, дизајнот или изгледот, но секогаш се дел од секојдневието на голем број граѓани, особено кај мажите.

Во неговата неодамна објавена книга насловена : „People of the Twenty-First Century“, Ејкелбом ја презентира својата фотографска колекција и откритија на 500 - тини страни. Фотографиите прикажуваат секвенци од случувањата на улица. Луѓето кои се појавуваат изгледаат секојдневно и носат невпечатливи парчиња, како тексас кошула, јакна или карирана кошула закопчана од горе до долу, но заедно групирани оставаат впечаток на униформираност и едноличност.

Познатиот ликовен критичар Дејвид Кериер, кој напиша и краток есеј за книгата, тврди дека гледани поединечно фотографиите се банални и еднолични, меѓутоа додава дека Ејкелбом го користи методот на повторување за да ја нагласи разликата помеѓу моделите. Според него, во оваа книга може да се забележат различни луѓе, облечени на сличен начин што всушност е и целта на мисијата која си ја поставил фотографот.

Можеби само навидум нагласената идентичност  и недостатокот на светкавите, урбани и трендовски аутфити кои сме навикнати да ги гледаме во фото стрит албумите на блогерите и трендсетерките овозможува да се фокусираме на личноста и да се види колку истовремено овие изгледи се специфични и уникатни.

Користени информации www.esquire.com
Објавено:
11 ноември 2014
Категорија: 
Фото галерија