Фотогалерија: Скопје танцуваше во ритамот на Виена

21 март 2015

Вечерва Скопје танцуваше во ритамот на австриската култура на 16-от по ред Виенски бал, кој се одржа во хотелот „Александар Палас“ во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус”,  а под покровителство на  амбасадата на Република Австрија во Македонија.

Присутните гости имаа можност  да уживаат во настапите на стотина врвни уметници: оркестарот Јохан Штраус со триесет професионални музичари под диригенство на маестро Саша Николовски-Ѓумар, танцовите точки на грациозните танчари на Танцовиот клуб „Прима данца“, музичкиот перформанс на маестралниот Џон Илија Апелгрен, секогаш инспиративниот Петар Ренџов, како и Свингерси Бенд, првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски и уште многу други.

Водителката на настанот, Јована Стојменовиќ, изгледаше грациозно во свечена тоалета на модната куќа Елена Лука.

„Јас пред неколку години бев дел од една фантастична ревија на модната куќа Елена Лука, Fashion Force и можам да кажам дека секогаш е задоволство да се носи фустан на Елена, тоа е едно совршенство, едно сосема посебно чувство што секогаш наликува на нешто друго, како што може да забележиме, и затоа ми е многу драго што соработувам со нив“, вели Јована за нејзиниот избор на стајлинг за оваа посебна вечер.

Јована Стојменовиќ во раскошна тоалета на Елена Лука Јована Стојменовиќ во раскошна тоалета на Елена Лука

Ја прашавме Јована и како таа лично го доживува Виенскиот бал во Скопје.

„Виенскиот бал претставува една авангардна, музичко – уметничка манифестација на највисоко ниво која е привилегија Скопје да ја има, да е една од метрополите каде што се организира. Програмата е универзална, значи кој бал и да го посетите, во било која метропола, ќе го доживеете истото – културниот дух на Виена во кој сите ќе уживаат“, додаде водителката на манифестацијата.

Она што е специфично за овој настан е прецизно дефинираниот дрес код: долги свечени тоалети за дамите и смокинг или костум во темна боја за господата.

Јована го кажа своето мислење во однос на тоа колку присутните гости годинава внимавале на соодветниот дрес код:

-Според ова што го гледам овде, веројатно традицијата си го направила своето, Балот се организира веќе 16 години и сметам дека и дамите и господата навистина покажуваат многу вкус и дека вечерва се е на ниво на еден вистински бал.

Концизниот дрес код, секоја година  на некој начин е барометар на нашата лична култура и свесност за туѓата култура и традиција. Во прв ред, почитувањето на дрес кодот значи и почитување на австриската традиција, па гостите кои присуствуваат на Виенскиот бал секогаш треба да го имаат тоа во предвид.

Стилскиот избор останува сепак индивидуална одлука на гостите, но водењето според правилата на протоколот веродостојно зборуваат за нашата личност.

Помеѓу присутните гости имавме прилика да забележиме голем број дами и господа кои го испочитувале дрес кодот, па неизбежно е да упатиме позитивни критики за долгите лелеави тоалети во светли и пастелни тонови, класичните црни тоалети во сирена крој како и минималистичките фустани потенцирани со впечатлив накит.

Она што е главно обележје на Виенскиот бал е магичниот и грациозен танц. И оваа година танчарите на танцовиот клуб „Прима данца„ го имаа главниот чекор на подиумот. На таа тема разговаравме со Илија Карадакоски, еден од најпознатите танчари во клубот.

„Ние како „Прима данца“ сме веќе осум години на балот, подготовките ни се веќе рутина и секоја година се полесно и полесно се подготвуваме, а се повеќе  имаме потешки точки и настапи. Како и секогаш, после Нова година почнуваме со подготовки, почнувајќи од влезот, од отворањето со танцот па се до сите останати. Конкретно, оваа година завршната шоу точка ни е песна од Мајкл Џексон“, вели Илија за Fashionel.

Бидејќи Илија веќе осум години е присутен во програмскиот дел на балот, го прашавме што се сменило пред неговите очи во текот на годините.

„Најчесто доаѓаат истите луѓе, амбасадори и слично, а тоа што се менува се најверојатно само нашите точки, бидејќи мислам дека и протоколот и забавата е иста, односно секоја година е се позабавно и поинтересно“, додаде тој.

Преку фотографија ви пренесуваме дел од амбиентот на 16-от по ред Виенски бал во Скопје.

 

Објавено:
21 март 2015
Категорија: 
Фото галерија