Македонските дизајнери предлагаат нивни креации за новогодишната ноќ

25 декември 2013

Модниот онлајн магазин Fashionel овој понеделник приреди предновогодишна забава за паметење со која ја заокружи успешната 2013 година.

На забавата меѓу другото, се случи и одличен моден перформанс од кој дел беа некои од најпознатите македонски дизајнери кои прикажаа свои креации како предлози за новогодишната ноќ.

Модниот перформанс вклучуваше вкупно 13 подеднакво уникатни и прекрасни креации на дизајнерите за сечиј вкус. Тие ни подготвија куси и долги тоалети, светкави и транспарентни фустани, класични и шик, модерни и тренди парчиња, а секоја креација посебно раскажуваше своја, единствена приказна.

Модната куќа Елена Лука за новогодишните празници на нашите читателки им предлага безвременска, црна долга тоалета со специфичен крој. Таа совршено ја следи фигурата на телото, а дополнителните светкави моменти ја прават вистинската за новогодишните празници.

Елена Лука

Дизајнерот Ненад Секирарски за новогодишната ноќ предлага свечена долга тоалета во портокалова боја и специфичен материјал. Истата е сосема соодветна доколку Новата година ја поминете на некој елегантен собир со вашите пријатели и познаници. Марамата во иста или слична боја ќе биде вашиот совршен моден додаток за вечерта.

Ненад Секирарски

Шармантната дизајнерка Мила Кадриу сака Новата година да ја поминеме во танцувачки дух. Таа предлага прекрасен ретро фустан во кој ќе посакате да танцувате цела вечер. Бојата на фустанот е беж во комбинација со златна, а ресите се вистинскиот избор за весели празници.

Мила Кадриу

Младата дизајнерка Маја Кикириткова за девојките со храбар дух предлага една неверојатно секси комбинација. Таа вели дека кусото, тесно здолниште со карнер во комбинација со краткиот топ во црна и златна боја, е нејзината вистинска, добитна комбинација за новогодишната ноќ.

Маја Кикириткова

Олгица Ѓоргиева за Новата година на девојките им предлага кусо фустанче во непогрешливата, црна боја. Истото е доволно секси во пределот на рамената, а самиот крој на фустанот му го дава потребниот волумен и раскошност потребни за блескава Нова година.

Олгица Ѓоргиева

Дизајнерката позната по прекрасните, долги свечени тоалети, Антонија Ристовска и за Новата година ни предлага нешто слично. Овој фустан во бојата на љубовта, на виното и на среќните празнични денови е совршениот избор за вас. Тантелата во предниот дел и ременот што неверојатно ја истакнува половината, се неповторлива и совршена комбинација за вас.

Антонија Ристовска

Дизајнерот Бобан Илиевски познат под брендот Chic Undercowear, за најлудата ноќ ни предлага тесен, кус фустан во црна боја со црвен, пепито дезен. Прекрасната и раскошна бунда што е дел од целиот стајлинг, ќе ви даде печат на секси и гламурозна девојка за новогодишната ноќ.

Бобан Илиевски

Одличниот Роберт Ивановски за оваа Нова година предлага раскошна едноставност. Кусото црно фустанче со светки и интересен вез во горниот дел, надополнето со волуменозна тантела одозгора, ќе ви даде печат на стилска и самоуверена девојка која е подготвена да ги освои сите околу себе.

Роберт Ивановски

Младата дизајнерка Сара Сековска за оваа Нова година предлага девојките да бидат вистински снежни кралици. Долгото здолниште во бела боја во комбинација со транспарентната блузичка се дефинитивно вашиот избор доколку сакате да оставите впечаток на нежна, тренди и шик девојка подготвена за забава.

Сара Сековска

За дизајнерката Билјана Ѓоргиовска новогодишната ноќ е во знакот на црвената боја. Материјалот на нејзиниот предлог – фустан е раскошен плиш во комбинација со мали, цветни детали од тантела и интерес ремен што на одличен начин ја истакнува женската половина.

Билјана Ѓоргиовска

Билјана Каран за оваа Нова година ни предлага класичен миди фустан со рачен вез во црно – бели мини коцки. Тој одлично му прилега на женското тело и го истакнува најубавото од него. Совршен е за класична новогодишна забава, во комбинација со задолжителна интензивна шминка.

Билјана Каран

Младата дизајнерка Ведрана Панева ни носи ултра забавен и модерен модел на кус фустан за новогодишната ноќ. Разиграниот материјал на фустанот со светки во комбинација со реси во иста боја, е како создаден за забава. Бидете сигурни дека со овој фустан ќе бидете една од најзабележителните девојки на новогодишната забава.

Ведрана Панева

Шик предлог за новогодишните забави ни даде и дизајнерката Тања Кокев која за сите тренди девојки предложи интересна верзија на подолго палто во розова боја. Интересниот крој на истото кое се проширува од половината надолу што ќе направи да изгледате навистина гламурозно и ќе ја издолжи вашата фигура.

Тања Кокев

Сите уникатни креации на македонските дизајнери ги носеа прекрасните девојки од модното студиот Мак Моделс без кое истите дефинитивно немаше да бидат прикажани во сиот свој сјај.

Објавено:
25 декември 2013
Категорија: 
Фото галерија