Во 1950 фотографката Жизел Фројнд го посетила Мексико со цел да остане две недели. Но, во суштина таа не ја напуштила земјата следните две години. Во тој период таа се запознала со познатиот уметнички пар Фрида Кало и Диего Ривера во чиј дом престојувала. Додека била нивна гостинка, таа била импресионирана од секојдневниот живот на двајцата уметници поради што постојано ги фотографирала, дури и во нивните приватни, семејни моменти.
Интимните портрети што ги правела Фројнд, се меѓу последните фотографии од животот на Фрида Кало. Во тој период таа била многу болна, страдала од гангрена и починала во 1954 година на возраст од 47 години.
Во новата книга насловена „Фрида Кало: Фотографии од Жизел Фројнд“, се прикажани стотици, ретки фотографии од оваа фотографка на кои се пресликани последните две години од животот на славната Кало. Голем дел од овие фотографии претходно воопшто не биле јавно објавени, што ја прави оваа книга вистинско културно богатство.