Вчеравечер, на Денот на шегата со моден максенбал во клубот Станица 26 стартуваше единаесеттото по ред издание на Моден викенд Скопје.
Меѓу присутните гости беше и легендарниот креатор Карл Лагерфелд, се разбира само како успешна маска-една од оние кои најмногу го привлекуваа вниманието на маскенбалот.
Ревијалниот дел на Модниот викенд ќе го отвори колекцијата на Росица Мршиќ на трети април во катната гаража „Солунски конгрес“, а викендот ќе продолжи со ревии на студентите од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ и изложба на професорите од истиот факултет наречена „Артерија-Антерија“.
Младите дизајнери Ивана Цветковска и Алмир Мили на презентацијата на своите колекции ќе ја поддржат и кампањата „ ДА СТАВИМЕ КРАЈ НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈЧИЊАТА – СЕГА! “ кон која годинава се приклучи и Моден викенд Скопје. Ново име на модниот настан е Дејан Тодоровиќ кој повеќе години се занимава со дизајн но сезонава за прв пат ќе се претстави на Моден викенд Скопје.
На изданието за пролет/лето 2015 ќе ги видиме и најновите колекции на модните куќи „Линеа“ и „Хера“ а „Фешн Груп Македонија“ ќе презентира капсулна колекција маички дизјанирани во соработка со познатата македонска блогерка Јована Зука.
Регионалната соработка на Моден викенд продолжува па така Ирина Тошева поддржана од My Time по ревијата кај нас колекцијата ќе ја претстави и на модната недела во Љубљана на 13 април.
Повторно гостуваат реномираната дизајнерка Флутура Дедиња и модната куќа „Менакон“ од Косово. За прв пат на Моден викенд ќе ги видиме и креациите на една од најталентираните млади српски дизајнерки Јована Марковиќ која освен во Србија своите креации ги продава и во Велика Британија и Москва.
Единаесеттото издание на Моден викенд Скопје ќе го затвори моден перформанс на Олгица Ѓоргиева .
Овој моден викенд се одржува под мотото: Запрете, размислете и уживајте во моментот!
Во продолжение погледнете каква беше атмосферата на маскенбалот.