Спектакуларен „судир“ на модата и трките со коњи во Мелбурн

5 ноември 2014

Најгламурозниот настан во Австралија, Мелбурн Купот за трки со коњи или попознат како „Трката што запира една нација“,  четири дена пулсираше во полн ек. Секоја година традиционално австралиската елита се собира покрај тркачката патека Flemington, од каде почнувајќи од храната, па се до облеката на присутните, го носи суперлативот Нај. Стартот на четиридневниот настан беше означен во саботата и тоа со посебен монохроматски дрес-код.

Подготвени да одговорат на предизвикот, лавината присутни на себе ги облекоа најлуксузните парчиња, најчесто од висока мода, а на главите пак’ традиционално ги ставија авангардните шапки на милинерите. На дерби карневалот во Мелбурн покрај што се ужива во трките со коњи, се прославува раскошната и отмена мода и префинетата забава.

Во знакот  на воздржана елеганција, присутните најчесто беа инспирирани од класичните силуети  од 50-тите, волуменозни и „молив“ здолништа, фустани од свила и богата тантела. Посилниот пол,  исто така импресионираше со беспрекорноста од спојот на колоритните и монохроматски отмени  костуми, украсени со најсофистицираните детали, меѓу кои секако и шапките.

Доказ дека дизајнерот со македонско потекло, Тони Матичевски е еден од омилените меѓу австралиските високи кругови, е сеприсутноста на нековите креации токму на најважниот настан во Мелбурн. Неколку австралиски актерки и манекенки се појавија на трките имајќи ги на себе црно-белите креации на дизајнерот од последната ресорт колекција.

Jodi Gordon; Anasta & Tanja G; Anna Heinrich Jodi Gordon; Anasta & Tanja G; Anna Heinrich

Покрај авангардните креации на Матичевски, присутните своите изгледи ги комплетираа со парчињата од висока мода и на: Долче и Габана, Вивијен Вествуд, Александар Меквин и многу други. Бидејќи настанот  е во знакот на шапките, речиси ниеден не се појави без шапка на главата, а на истите најчесто стоеше потписот на британскиот милинер Стивен Џонс, оној на Григориј Ладнер, Наташа Бауер, а не заборавија да ја испочитуваат и австралиската милинерка Даница Ерард.

Инаку, првата трка со коњи во Мелбурн е одржана во далечната 1861 година, а наградата за победникот во купот, секогаш изнесува цифри во милионски суми.

 

 

 

Објавено:
5 ноември 2014
Категорија: 
Фото галерија