Познатата актерка и режисерка Анџелина Џоли денеска го прославува 45. роденден. Со титула на една од најубавите жени во светот, таа секогаш се соочуваше со товарот да изгледа и да се однесува беспрекорно.
Некогаш обожувана, денеска оспорувана поради турбулентната врска и брак со Бред Пит и одлуките во однос на здравјето и децата.
Некогаш постојано присутна во јавниот живот, а денеска со стремеж да биде што подалеку од неа. Без разлика што да и направи, нејзиното име и појава секогаш привлекуваат внимание.
Ако ги анализираме нејзините појавувања од моден аспект, Џоли секогаш предност му дава на минимализмот. Посебно во последната деценија. Нејзините комбинации се најчесто во црна, бела, сива и беж нијанса.
Но, не може да се рече дека отсекогаш било така. Во 1990-тите имаше фаза кога кожата беше нејзиниот омилен материјал. „Опасниот изглед", во кој до израз доаѓаат тетоважите, кои исто така се дел од нејзината препознатливост, беше пропратен со црна и провокативна облека.
Низ годините ја менуваше и фризурата. Ја гледавме и со долга црна коса, каква што носи и денес, но и со сосема куса, „машка" фризура, беше и блондинка, имаше и шишки.
Ако во периодот на адолесценција и во своите 20-ти години, важеше за бунтовничка што како темперамент се отсликуваше и во нејзиниот стил, сега оваа дама е вистински симбол за префинетост и сведена елеганција.
Има свои модни правила од кои не се откажува - елегантни чевли, неутрални нијанси, очила за сонце, големи чанти и природен изглед на лицето.
Нејзината убавина беше секогаш впечатлива, но посебно заносна во нејзините 20-ти и 30-ти години. Години наназад, видно слаба, таа сепак успешно ја прилагодува облеката на себе и служи како моден пример.