Во присуство на голем број пријатели, соработници и клиенти, Елена Лука вчеравечер го отвори својот нов продажен салон во Струмица.

Автентичниот ентериер го реализираше Elena Luka Home

Официјалното отворање беше проследено и со пригодна забава, на која  гостите не ја криеја возбудата што брендот конечно се врати дома. Забавата ја отвори актерката Весна Петрушевска која им посочи на струмичани дека воопшто не е едноставно кога еден бренд кој веќе успеал надвор, да се врати дома и да ги задоволи највисоките критериуми и очекувања на својата, домашна публика.

„Едно девојче имаше сон да направи многу повеќе од другите девојчиња, а за тоа вечерва сите сведочиме“ кажа Весна посочувајќи на сопственичката и генерален менаџер, Елена Пандева.

„Струмица одамна ми беше на агендата, дека треба овде да отвориме едно претставништво на нашиот моден бренд. Но, сега дојде соодветно време, со обврски, распореди... Инаку, нема друга причина. Сакав и порано да се реализира, но ете сега се случува. Неодамна една новинарка од Битола ме праша, дали тоа што не се одлучив да отворам салон таму, туку прво во Струмица е поради тоа што Струмица ми е роден град. Да, една од причините е и тоа, но и поради тоа што струмичанки се навистина профилирани жени, точно знаат што е стил, знаат што е убава облека, ја следат нашата работа, носат наши модели, така што мислам дека се достојни за да се претставиме тука“, изјави Елена Пандева за Fashionel.

Светските стандарди кои Елена Лука ги практикува не само во своето производство туку и во однос на уредувањето на ентериерот , беа максимално испочитувани и во ова ново ателје на брендот.

„ Елена Лука има само една философија на функционирање. Ние сме еден тим, без оглед каде ќе бидеме лоцирани, со една заедничка идеја, модна замисла... Тимот можеме локациски да го зголемуваме, но философијата воопшто нема да се разликува, туку одиме по патот што сме го зацртале на глобално ниво, дизајнерски, креативно, во секоја смисла....“, додаде Елена.

Кога ќе влезете во новиот продажен салон ќе ве пречека пријатен и топол амбиент, комбинација на пријатни бои – симбиоза помеѓу пригушена златна и кафена, ненаметлив луксуз и се разбира голем избор на уникатни креации што го носат печатот на модната куќа.

Помеѓу големиот број присутни гости беше и младиот и талентиран Трајче Георгиев кој пошироката јавност имаше да го запознае на еден актуелен натпревар за млади музички таленти. Воопшто не е случајно тоа што токму и тој беше на отварањето со оглед на тоа дека Струмица ги спојува сите што беа присутни.

Од  денеска Струмичани се побогати со една нова уникатна приказна која ќе им го облагороди секојдневието со префинетост, уметност, автентичност и избор да бидат свои.

Во галеријата во продолжение, погледнете дел од амбиентот на официјалното отворање на ателјето на Елена Лука во Струмица.

 

Објавено:
19 март 2015
Категорија: 
Фото галерија