Различните стилови на творење дефинирани преку една заедничка емоција го создадоа проектот Heartcore како соработка помеѓу модната дизајнерка Мелани Димитровска, илустраторката Ем Елефантски и модните блогерки Mарија и Кристина од Design&Berries.
„Проектот Heartcore е соработка помеѓу креативци кои имаат различна стилска експресија, но ја носат истата емоција. Токму тоа не’ предизвика да креираме нешто што ќе ги синхронизира нашите различни форми на изразување во една заедничка слика. Па така, многу спонтано, речиси природно се создаде Heartcore! Концептот и самата колекција имаат кул, но истовремено и емотивен израз. Направена е за силни, слободни, луѓе со свој идентитет. Луѓе од Heartcore генерацијата кои веруваат во уникатна улична мода“, велат од Design&Berries.
Колекцијата е обоена во сино-розово и содржи елеци во асиметрични форми со илустрации извезени на грбот, што упатуваат интересни пораки, додека пак нивната внатрешна страна е со флорални принтови. Беџовите поврзани со синџирчиња повторно се присутни како препознатлив печат на Design&Berries.