Уметник

Тамара Забазноска: Доколку сакаме магијата да биде во нашите животи, ќе имаме магија

29 август 2022

Од хипнотизирачки дела изработени со клинци на медијапани во кои се отсликува фасцинацијата со природата, космосот и човечката свест и подсвест, па сè до уникатни дигитални илустрации, најчесто инспирирани од источноазиската култура, на Инстаграм профилот на Тамара Забазноска, која повеќето ќе ја препознаат како klin.ka, ќе наидете на дела кои ќе ве пренесат во еден нов, необичен и фантастичен свет.

Техника: Медијапан

Тамара е интердисциплинарен уметник и архитект, родена во Скопје, 1987 година. Своите први знаења таа ги стекнува преку енциклопедиите и бајките, а во подоцнежните години, нејзините интереси се прелеваат во полињата на математиката, геометријата и релациите во просторот. Токму тоа ја буди љубовта кон архитектурата, па во 2011 година, Тамара завршува на Архитектонскиот Факултет, а во 2018 таа се здобива со втора Магистерска титула, магистрирајќи на тема Архитектурата во природата и Природата во архитектурата.

Разговорите со Тамара секогаш имаат моќ да го просветлат соговорникот, да отворат нови хоризонти, но и да го натераат и самиот да погледне кон и во себе. Уникатниот пристап кон уметноста на Тамара, буди желба да посакаме да ја запознаеме подобро.

Локација: The Dude Specialty Coffee

1. Локалната уметничка сфера те познава како илустраторка, дигитален уметник и архитект, па и оној кој не е добро запознаен со твојата дејност најверојатно во одреден момент веќе дошол во допир со некои од твоите дела. Како би се претставила себеси и твојот уметнички стил на оние кои сакаат да дознаат која е klin.ka.

- Како црно-бел карактер со целиот спектар на видливи бои околу себе. Стилски, делата се одраз на моменталната состојба и интереси, откритија кои во одреден период ме преокупираат, митологија, бајки и сцени од цртани, сместени во некоја фиока на меморијата, кои преку секојдневни случувања кликнуваат и испливуваат на површина во свесната меморија. Различниот технички аспект на изработка на делата е само алатка како идејата во даден момент сум сакала да ја реализирам. Дали преку цртеж како мека, исенчана форма, без видлива контура, лелеава или како јасно дефинирани форми и бои склопени во приказна. Уметничкиот стил сакам да го третирам како прашање на став, дух и емоција.

Техника: Медијапан

2. Доаѓаш од семејство на медицинари, и твојот допир со науката од најрана возраст на некој начин го детерминира твојот пат. Како ја донесе одлуката да студираш архитектура и можеш ли да се сетиш во кој момент започна да се занимаваш со уметност?

- Причината зошто одлучив да ја учам архитектурата е затоа што сакав да го разберам светот околу себе, вклучително и природата и човекот во својот детаљ со поинаков јазик. Деталите ја чинат целината. Ја сакав идејата за рационалност во креирањето која ја чувствував кога гледав што еден човек може да проектира. Колку убавина има во чинот на оформување на просторот – градот во кој егзистираме. Додека студирав немав допир со „лошите луѓе" кои сакаат околината да ја стават во рамки да зависи од финансиската придобивка. Бев наивна, а ја имав среќата и можноста да научам многу од асистентите и професорите. За да не го уништам чинот на креирање одлучив да работам во поле каде дизајните се многу помалку диктирани од финансиската придобивка на инвеститорот, а примарно е дарувањето на мало парче од себе на светот.

Локација: The Dude Specialty Coffee

Техника: Дигитална илустрација

3. Се чини дека не постои јасна поделба помеѓу овие две твои страни. На кој начин познавањето стекнато за време на студиите влијае врз твојот уметнички развој и креативен процес?

- Архитектурата ми овозможи многу нови знаења, дисциплина, рационалност, фокус, истрајност. А архитектонските знаења особено ми влијаат на детерминираноста на линијата и посветеноста во изработката. Тие знаења ме научија како да гледам во празниот простор наместо во полниот. Да научам да го перцепирам и разбирам оној дел од невидливиот свет за човечкото око кој нè опкружува. Архитектурата ја разбирам како синтеза на уметност, занаетчиство и технологија. И ме научи дека внатрешните „природни рељефи" можат да се менуваат и обликуваат како ветерот кој ги обликува карпите – формите, а дождот патеките – линијата во цртежот. Потребата за истражување, желбата за изразување на природните сили, новите научни знаења и учења се постојан поттик за репрезентација на шемите во микро и макро светот на природата и човекот.

Техника: Медијапан

4. Твојот пристап кон уметноста покрај тоа што е уникатен, е и експериментален. Во кои сè техники твориш денес? Дали во некоја од нив се пронаоѓаш повеќе или пак ги користиш како различна супер моќ за себеизразување?

- Бев тврдокорен поборник за традиционалната уметност, особено техниката на мастило на хартија. Најверојатно и затоа што за време на студирањето првите две години ни беше забрането користење на компјутер, се исцртувавме на рака со технички молив и рапидограф. Раката научив да ја смирам, да бидам сигурна во исцртувањето на линиите, без разлика дали се долги или кратки, рамни или извиени. И се чувствував удобно и сигурно. Дигиталната уметност наверојатно заради безбројните можности кои ги нуди ме збунуваше. Затоа од пред 3 години таблетот ми стана како продолжен екстремитет. Еден екран - портал кон нови светови. И ми е многу драго дека одлучив да направам промена и да почнам да истражувам сосема нов дел од себе. Медијапаните со клинци се начин на кој можам рационално и фокусирано да креирам со звук и физичка енергија на сосема друго ниво. Уживам додека ги работам. Имаат посебен ритам при создавањето.

Локација: The Dude Specialty Coffee

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Дигитална илустрација

Техника: Медијапан

5. Креирањето string art со клинци е техниката која те прослави. Што претставува најголема инспирација при креирањето на едно вакво дело? Што се надеваш дека набљудувачот ќе препознае во него?

- Инстинктот!

Локација: The Dude Specialty Coffee

Техника: Медијапан

6. Како изгледа процесот на изработка на овие дела, од аспект на времетраење, прецизност, потребни материјали?

- Создавањето на делата бара трпение и фокус, како и физичка и умствена подготвеност, бидејќи со часови се прават репетитивни движења. Оваа репетитивност во движењата заморува физички, но во исто време го одмара умот. Осознав дека ова што го работам е форма на медитација – чекориш во замислено место кое си го градел со години. Процесот започнува со идеја која ја исцртувам како скица после љубопитно истражување и анализа. На скицата и давам живот со исполнување на полните и празните делови со детали – клинците кои создаваат форми. Преку нив комуницирам со друг јазик - оној на геометријата, претставен преку заедништво на елементите кои сугерираат дека секоја идна точка/акција е резултат на сите претходни точки и акции. Делата во себе носат ритуал на дејствување – оската на симетрија како имагинарна линија околу која формите ротираат, свесни за дуалитетот и екстремите. Сè повеќе тежнеам кон употреба само на клинци (без конец и стакла) во разни големини со чиј распоред се создаваат различни релјефи, слики што раскажуваат приказна. За самата техничка изработка на делата, од досегашното искуство, најкус временски интервал бил 30 работни часа.

Локација: The Dude Specialty Coffee

Техника: Медијапан

7. Покрај делата со клинци, се занимаваш и со дигитална уметност, а како најчест мотив во твоите илустрации може да се забележат женски форми, елементи од фантазија, митологија, природа, како и елементи од источноазиската уметност. Што најмногу ја потхранува твојата фантазија? Какви сè приказни раскажува твојата илустрација?

- Патувањата низ светот, особено Азиските земји. Да не беа тие ќе бев некоја друга Тамара. Интересно е како кога имав 29 години ќе ме опседнеа идеи и мемории кога имав 6 години. Или сега кога имам 35 ме опседнува визијата кои приказни би ги креирала кога би имала 70. Како чуден континуитет напред-назад. Наративноста во приказните на илустрациите кои ги работам сакам да се гласни, но да не сугерираат од старт „ова е насоката", туку да почнат од скица како нешто различно од она претходно. И наоѓам нов координатен систем, со приказна каде се вкрстуваат мојата патека и онаа на приказната. Сакам истовремено брутални и нежни приказни, карактери свесни за својата сила, но и нежност. Елементите кои ги преставувам се артефакти од потсвеста, а служат како поттик да се погледне навнатре и да се види природата во нас. Таа крие тајни и нуди одговори. Можеме да ги примениме нејзините тајни и да ги прочитаме одговорите преку нови откритија како основа за иднината. Експеримент кој трае.

 

Техника: Дигитална илустрација

Техника: Дигитална илустрација

Техника: Дигитална илустрација

8. Зад себе имаш неколку самостојни изложби, бројни учества на натпревари и награди, а минатата година беше една од тројцата дизајнери чии колекции беа одбрани да ја презентираат 60 годишнината на познатиот бренд запалки Cricket Lighters. Можеш ли да издвоиш одредено искуство кое според тебе е особено значајно за самиот развој на твојата кариера?

- Миговите помеѓу проекти и цртежи, кога ја истражувам природата на човекот во рамки на природата - планините. Таму го наоѓам својот поттик. Таму сум во себе и вон себе низ природните релјефи и нивната конфигурација.

Локација: The Dude Specialty Coffee

Техника: Традиционална илустрација

9. Што значи да си успешен уметник во земја каде социоекономските услови го компромитираат постоењето на вистинска, искрена уметност? Сметаш ли дека е возможно да се биде успешен и среќен уметник во Македонија?

- Доколку сакаме магијата да биде во нашите животи, ќе имаме магија. Се работи за вербата во себе. Како минуваат деновите, доживувам многу повеќе мали апстрактни мигови на среќа кои не зависат од надворешните фактори туку од начинот на перцепција. Ако среќата ја ставам во категорија да зависи од надворешните фактори ќе излезе од својот контекст. Затоа и сакам да истражувам различни области и сакам да се истражам себе низ различни сфери на работа. Уметност наоѓам и во цртањето и во рутинската работа. А проектите за уметност во Македонија се како тесна инка. И проаѓаат нешта со „стиснати раменици". Браво за исклучоците!

Локација: The Dude Specialty Coffee

10. Работиш ли на некаков проект во моментов и што е следно што можеме да очекуваме да видиме од тебе во блиска иднина?

- Во областа на илустрација, освен личните дела, работата како freelance илустратор за клиенти, особено се радувам на финиширањето на детската книга за едицијата „Светулка" која треба да излезе во печат многу скоро. А во поглед на медијапаните и клинците, моментално работам на концептот за опус составен од 7 дела како 7 порти, посветени на 7те херметички принципи – универзалната вистина, дуалитетите каде екстремите се сретнуваат.

Локација: The Dude Specialty Coffee

Техника: Дигитална илустрација

Техника: Дигитална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

Техника: Традиционална илустрација

 

Фотографиите за време на интервјуто се направени во The Dude Specialty Coffe.

Фото: Ирма Башеска Ристовска | Локација: The Dude Specialty Coffee

Фото: Ирма Башеска Ристовска | Локација: The Dude Specialty Coffee

Фото: Ирма Башеска Ристовска | Локација: The Dude Specialty Coffee

Фото: Ирма Башеска Ристовска | Локација: The Dude Specialty Coffee

Фото: Ирма Башеска Ристовска | Локација: The Dude Specialty Coffee

 

Објавено:
29 август 2022
Категорија: 
Интервју
Прочитано:
369 пати