Идеалниот зимски тренд за секој хороскопски знак

6 ноември 2017

Последната астро содржина ја посветивме на есенските трендови, а во овој меѓу период, во пресрет на зимата ќе обрнеме внимание токму на зимските трендови.

Во продолжение ќе имате можност да прочитате кој е идеалниот зимски тренд за вашиот знак (подзнак и месечина), а со тоа ќе се информирате и за актуелните модни тенденции генерално во однос на бои, комбинации и принтови.

Месецов роденден слават Скорпиите, па се надеваме дека нашиот моден астро приказ ќе внесе инспирација со што да се почестите месецов. Истото важи и за останатите припадници на зодијакот.

Уживајте!

 

Овен - пердуви

Со оглед дека зрачат со сексапил каде и да се појават, за Овните нема да биде проблем да најдат некое парче што ќе содржи пердуви. „Прада“ е еден од брендовите што го прегрна овој тренд и покажа дека мешањето текстури може да биде истовремено и забавно и луксузно. Креации со пердуви ќе најдете и во колекциите на „Бајленсијага“, „Александар Меквин“, „Соња Рикел“. Ако макар малку сте во тек со модната сцена, тогаш со споменувањето на овие познати имиња ќе сфатите на колку различни начини можете да го имплементирате споменатиот тренд. Колку за инспирација, тоа може да биде долга наметка што ќе ја комбинирате со панталони или џинс, свечен фустан, или пак да ги примените во модните додатоци.

 

Бик – плетенини

„Удобноста пред сè“ би бил одговорот на Бикот доколку го прашате што најмногу цени кај облеката. Но, на списокот би се нашле и елегантноста, безвременоста и квалитетот. Оваа зима, идеален тренд за претставниците на овој зодијак се плетенините. И со ова, тие имаат широк спектар на комбинации. Дали тоа ќе биде плетено здолниште или пак фустан, убав, топол кардиган или волуменозен џемпер, не е важно, сè ќе е добредојдено. Дури и да имате по едно од сите овие наброени, нема да биде лошо, бидејќи така ќе создадете основа за бројни комбинации. Кога се боите во прашање, исто така, сè ви стои на располагање, иако Биковите оваа зима со промените што им следат, ќе внесат и свежи и весели бои што не секогаш се својствени за нив, па ќе ги видите во портокалова, сина, жолта, златни нијанси....

 

Близнаци – крзно во боја

Многупати досега сме пишувале за темпераментот на Близнаците и нивните естетски афинитети, па веруваме дека тоа што тие оваа зима најдобро ќе знаат да го носат крзното во боја и не е некое изненадување. Секако, мислиме на еко-крзно и тоа во несекојдневни бои како на пример сина, розова, жолта, црвена, зелена.... Тоа може да биде крзнено палто или бундичка што би ја комбинирале со џинс, или пак џемпер со крзнени елементи, или пак да биде моден додаток – чанта, обувки, приврзоци.... Ние навиваме тоа да биде некое палто или бундичка, бидејќи никој подобро од вас тоа не знае да го носи, а со тоа уште еднаш ќе покажете дека зимата не е ни малку досадна, како што многумина ја доживуваат.

 

Рак – светки

Претставниците на овој знак знаат да одат во крајности – од минимализам до богати принтови и... светки! Да, ќе се задржиме на последниве, кои оваа зима Раковите ќе ги носат на различни начини, но со суптилен сјај. Тоа можат да бидат фустани, или пак наметки што дефинитивно ќе го свртат вниманието кон нив, или пак, по примерот на Сен Лоран, ќе се одлучат за чизми (иако тоа ќе биде допрва чудно за нив). Во комбинација со капут, или некое парче во неутрална боја, Раковите и овој храбар за нив тренд, ќе направат да изгледа софистицирано и посакувано, затоа и сметаме дека ќе го направат вистинскиот избор ако се охрабрат малку.

 

Лав – здолниште+џемпер

Здолниште и волуменозен џемпер е еден од трендовите и комбинациите кои владеат по светските метрополи. Од Коко Шанел до Џенифер Лопез и Мадона, во знакот на Лавот се родени бројни познати дами што денес или и денес важат за модни икони. Лавовите ги поставуваат трендовите. Затоа со плисе здолниште и волуменозен џемпер одозгора на пример ќе додадат и моден додаток со принт. Или здолништето ќе биде од кожа, или ќе стават шапка, или ќе вметнат тантела, но во секој случај ќе се издвојат од толпата, што е и целта на еден Лав. Затоа, нема сомнените дека припадниците на овој знак ќе се пронајдат во овој тренд и дека ќе го прегрнат без никаков страв.

 

Девица – етно мотиви

Смелите, но сепак традиционални Девици оваа есен ќе го збогатат својот изглед или плакар со парчиња во едно мотиви. Нема сомнение дека кроевите ќе бидат јасни и точно нагласени, кај Девиците сè мора да биде јасно, па и стилот. Но, токму овие етно мотиви ќе ја покажат нивна страна. Ќе покажат колку и како ќе си играат на веќе дадена основа. Во прв план ќе бидат истакнати фустаните, но ништо помалку привлечни нема да бидат ниту капутите со везени етно апликации, или пак здолништа во етно принт и некоја класична кошула. За што и да се одлучат, крајниот впечаток ќе биде класична и женствена комбинација, бидејќи тие и не умеат поинаку.

 

Вага – циклама

Есенскиот тренд за Вагите беа парчињата во црвена боја, а сега неа ја менуваат за циклама. Но, тоа за претставничките на овој знак не е проблем, бидејќи тие ги обожуваат интензивните бои. Циклама ролки или фустани се нешто во што најдобро ќе се снајдат Вагите. Во комбинација со класичен џинс и џизми, тоа ќе изгледа свежо и модерно, а сепак и топло. Ако пак, тоа е премногу (иако не би требало), тогаш шал или капа во циклама нијанса, кармин или чанта ќе бидат супер избор. Вагите го сакаат домот и традиционалноста, но не и здодевноста, па затоа ќе најдат начин и оваа зима да ја „разиграат“.

 

Скорпија – истакната половина

Модните стручњаци велат дека истакнатата половина ќе биде зимава еден од најактуелните трендови. Не е важно дали ќе се одлучите за тенок ремен или широк, дали тоа ќе биде ремен во кинески стил (што супер оди со кимоно) или пак за импровизиран со марама, важно е на овој начин да го нагласите вашиот изразен сексапил. Овој тренд можете да го аплицирате и кога се капутите или долгите елеци и мантили во прашање. Во комбинација со високи чизми и соодветна чанта, вие ќе бидете впечатливи, тренди и секси, онакви какви што речиси и секогаш сте!

 

Стрелец – точки

Стрелците се интересен спој на забава и скромност. Затоа за нив идеален зимски тренд се парчињата на точки. Тоа може да биде елегантна, женствена кошула. Може да биде и фустан или доколку сте похрабри и панталони. За оние уште посмелите, и капутите со ваков принт доаѓаат предвид. Без разлика кое ќе биде парчето што ќе го одберете во таков принт, остатокот од комбинацијата ќе биде сведен, минималистички, неутрален. На тој начин ќе го истакнете она што го потенциравме уште во првата реченица. Кога се боите во прашање, основна е комбинацијата на црно-бели нијанси, но и да се одлучите за некоја друга боја (виолетова, сина, зелена, црвена), нема да згрешите, бидејќи со тоа уште повеќе ќе дадете на знаење дека сте ведри и храбри.

 

Јарец – одело

Има ли некој што знае да носи одело подобро од Јарецот? Претставниците на овој знак имаат среќа да веќе неколку сезони оделата се тренд број еден, а така ќе биде и претстојната зима. Тоа може да биде некое деловно, со кариран или пепито принт, но подеднакво актуелни се и оние од кадифе на пример, што имаат и посвечена нота. Во зависност од пригодата, може да се комбинираат со кошула, или пак некоја свилена маичка на прерамки со апликации од тантела, што ќе внесе доза сексапил. Оваа зима Јарците ќе се бидат свои на своето, а модата само ќе им помогне да се чувствуваат уште подобро.

 

Водолија – сино+црно

Комбинацијата сино-црно или уште повеќе тегет-црно честопати беше оспорувана. Сепак, последните сезони и тоа веќе не важи, па ако знаете како да го комбинирате, а притоа добро ви стои воопшто не треба да имате грижа на совест. А Водолиите се едни од тие што сосема добро ќе се вклопат во трендот за претстојната зима. Тоа може да биде комбинација од две или повеќе парчиња – на пример панталони и џемпер или здолниште и кошула, но уште повеќе внимение привлеквуаат нијансираните парчиња како фустани или капути. И Зухаир Мурад во една колекција се поигра со оваа комбинација бои, алудирајќи на ѕвезденото небо, па видовме дека и свечените креации одлично изгледаат во овој контекст. Затоа, не стравувајте оваа зима да излезете од шаблонот, а со оглед дека Водолиите се естети и уметнички настроени, сигурни сме дека тоа нема да е проблем.

 

Риби – сребрена

Кога зборувавме за идеалната боја за секој хороскопски знак, сребрената ја врзавме со Рибите. Претставниците имаат среќа што и оваа зима сребрената е во модниот фокус. Уште поолеснително е тоа што спектарот на комбинации и можности е преголем. Без разлика на тоа каква естетика ве привлекува – спортска, елегантна, урбана, уметничка..., сребрената ќе го најде своето место. Дали ќе се одлучите за јакна, фустан, здолниште или панталони, или пак ќе ја имплементирате преку модните додатоци – чанта, ранец, чизми, капа... – не е важно, бидејќи сè е дозволено и во сè одлично можете да се снајдете. Оваа зима навистина ќе биде магична за вас и кога е модата во прашање!

Објавено:
6 ноември 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
2.758 пати