Идеалниот тренд за 2018 за секој хороскопски знак

5 јануари 2018

 Со почетокот на новата година, во модниот свет се врти и календарот на трендови. Со некои ќе се збогуваме, некои ќе останат и оваа 2018, а ќе ни дојдат и нови кои секој на свој начин, помалку или повеќе ќе ги имплементира во својот изглед. 

Токму затоа и ние месецов го започнуваме со моден хороскоп кој ќе ви открие кој е трендот за 2018 година што најдобро ќе ви прилега во однос на зодијачкиот знак односно подзнак.

Бидете модерни, но и свои оваа 2018 година!

ОВЕН - мантил

На Овните во 2018 година најмногу ќе им прилегаат мантилите. Дали ќе се одлучите за единечно парче или ќе биде фустан-мантил изборот е ваш. Во секој случај, убаво е тоа што ова парче ќе можете да го примените во секоја сезона, секако ќе го прилагодите на временските услови. Во него ќе излегате модерно, софистицирано и моќно, а вие сте токму такви.

 

БИК - сомот

Сомотот се враќа на модната сцена на голема врата. Тој, како и кашмирот или кадифето потсетува на луксуз, па секако дека на Биковите и најдобро ќе им прилега. Оваа зимска сезона, а уште повеќе следната вклучете го во вашиот стил, дури и ако досега не сте го носеле. Имајте во гардероберот некое сомотско палто, тие секогаш изгледаат прекрасно, или пак панталони, здолниште... Кога се боите во прашање, земјените, зелените како и розовите комбинации се идеална комбинација за вас + сомот. 

 

БЛИЗНАЦИ - тул

Тулот е присутен веќе неколку сезони. Некогаш повеќе во преден план, некогаш помалку, но сè уште се котира одлично. Во 2018 Близнаците се тие на кои најдобро ќе им прилега овој тренд. Ако сте од оние што сакаат забава, дури и кога е облеката во прашање, тогаш здолниште од тул во различни бои е она што треба да го имате, а ќе ви се најде за бројни пригоди. Доколку пак преферирате преку деталите да ја прикажете својата модна смелост, тогаш здолништата или маичките од тул во една боја се подобро решение. Таков е и нашиот предлог, а веруваме ќе ве инспирира на вистински начин!

 

РАК - принт со точки

Ракови веројатно ќе се израдуваат што оваа година повторно во центарот на модното внимание, барем кога се принтовите во прашање ќе бидат точките. Вие ја сакате романтиката, па ова ќе биде еден од супер начините како тоа да го сторите. Кошули на точки, фустани како во нашиот пример, па дури и панталони такви ќе направат да изгледате модерно со ретро шмек, а тоа одлично ви прилега. Не плашете се да пристапите и кон посмела комбинација на бои, освен стандарната црно-бела. Супер ќе изгледате и во нешто што има сини, виолетови, жолти точки, или дури и комбинација од сите. 

 

ЛАВ - модерна романтика во портокалово

Кога ќе се спомене Лав, тоа значи дека мора да е нешто впечатливо. Оваа 2018 година ќе излезете малку од сигурната зона и ефектот ќе го постигнете со портокаловите нијанси. Згора на сè, покрај моќноста, ќе сакате и ќе треба да ја покажете романтичната страна, па освен Раковите и вас ќе ве гледаме во романтични парчиња. Со оглед дека портокаловата сама по себе е топла и впечатлива боја, кога ја вклучувате во изгледот, нека тоа биде преку едноставни парчиња - кошула, едноставен фустан, маица, блуза... Но, бидејќи вие мора да се издвоите некако, сторете го тоа преку модните додатоци и играјте си со боите и принтовите. Вие умешно го правите тоа, бидејќи ја сакате моќната појава и ќе сторите сè за да ја постигнете.

 

Девица - боја на лаванда

Супер избор за Девиците! Тие не сакаат големи експериментирања кога е модата во прашање, па пастелно виолетовата, односно лаванда нијансата ќе биде суптилен начин да направат модна промена. Сепак, се работи за нежна нијанса која лесно ќе можете да ја имплементирате во секојдневниот стил, без разлика дали е деловен или лежерен. За какво и парче или моден додаток да се одлучите во ваква нијанса нема да згрешите. Од една страна ќе ја “омекне“ вашата острина, но од друга страна нема да ви го намали авторитативниот изглед. Она што секако е сигурно е дека ќе внесе свежина во вашиот изглед и гардеробер, како што тоа го прави и мирисот на лаванда.

 

ВАГА - колор-блок комбинации

Има ли подобар начин Вагите да ја искажат својата модна креативност од комбинирањето бои? Како претставници на зодијакот кои ја сакаат бојата, нив ретко ќе ги видите во црно, овој тренд кој ќе биде хит и во 2018 година, сосема ќе се пронајдат во него. Уште поинтересно е тоа што, за колор-блок комбинациите не постојат ограничувања. Може да изгледа минимално и софистицирано, но од друга страна живописно и несекојдневно, зависи што сакате да постигнете и каков е вашиот естетски сензибилитет. Колор-блок комбинациите не се резервирани само за облеката, туку можете да го примените и кога се модните додатоци во прашање.

 

Скорпија - PVC парчиња

И PVC парчињата облека се присутни веќе неколку сезони, но посрамежливо. Модните стручњаци велат дека во оваа 2018 година ќе задоминираат на сцената, а претставниците на овој зодијачки знак ќе знаат најдобро да се справат со овој тренд. Скорпиите ја имаат потребната доза смелост и сексапил и едноставно знаат како ова да се носи. За оние похрабрите, здолниште, мантил или панталони во овој стил ќе бидат од оние парчиња што треба да ги додадат во гардероберот. За оние што не се сигурни дали PVC-трендот  е добар избор за нив, нека го имплементираат преку чевлите или чантите, така е многу помала шансата да згрешите. Она во што сме сигурни е дека и оваа 2018 ќе блескате со сексапил.

 

СТРЕЛЕЦ - сатен

Стрелците не сакаат премногу сјај, па затоа доминантноста на сатенот на модната сцена и во нивниот гардеробер нема да биде веднаш прифатена. Сепак, осмелете се и нурнете се оваа 2018 во морето можности што ги нуди модата. Ако слип-фустан или некој друг крој на фустан е премногу “сатен“ за вас, тогаш можете да одберете комбинација како оваа нашава, каде лежерноста доминира, во комбинација со суптилниот сексапил. Инаку, без разлика дали љубите или не вакви комбинации, ќе ви кажеме дека сатенот ќе ве “омекне“ и ќе открие една ваша страна која често и знаете да ја криете од другите - онаа во која царуваат нежноста и емотивноста. 

 

ЈАРЕЦ - карирано

Традиционалниот Јарец годинава ќе треба да го обнови гардероберот со карирани парчиња. Тоа може да бидат палта во различни кроеви, капути, мантили, блејзери, па дури и здолништа или панталони (иако тоа можеби е и похрабар избор). Не морате да го менувате стилот, но ете внесете разиграност преку овој дезен. Нашиот предлог во случајов е карирано во земејни нијанси што совршено ќе ви прилега, бидејќи помеѓу другото сте и земјен знак, но слободно посегнете и по некои други - жолти, сини, црвени, зелени варијанти... Карираното последниве неколку сезони не се симнува од врвот, па инспирација нема да ви недостасува.

 

ВОДОЛИЈА - Џинс

И тука мислиме на џинс во секоја варијанта и секоја нијанса. Тесни или широки фармерки, здолништа, широки, долги, кратки или тесни јакни, модни додатоци од џинс - сето ова можете да го додадете на постоечките комбинации и да бидете модна кралица во 2018 година. Имате среќа да идеалниот тренд за годинава биде токму трендот што никогаш не излегува од мода, па оттаму и не мора премногу да го отстапувате од некои парчиња што веќе ги поседувате, туку само да ги надградите. Нашиот предлог е џинс здолниште со асиметрично предно закопчување и сандали од џинс со принт на пета, кои ги комбинираме со бела блуза и чанта, но изборот што вие можете да го направите е бескрајно голем, па затоа и тешко дека ќе можете да потфрлите. Важите за креативци, па во оваа 2018 година, еден од начините да ја покажете нека биде и токму овој тренд.

 

РИБИ - реси

Уметнички расположените Риби оваа година ја имаат можноста да уживаат во трендот реси. Ова е супер вест бидејќи ресите може да направат да се чувствувате слободно, а тренди, а исто така спектарот на можности на кои можете да ги имплементирате во индивидуалниот стил е навистина голем. Благодарение на ресите, нивната должина и материјалот од кој се направени, можете да изгледате како вистинска елегантна дама, но и како бохо кралица. Сè зависи од тоа каков впечаток сакате да оставите и во што се чувствувате најдобро. Модното тркало се врти, па влијанието на 1920-тите и добата на чарлстон повторно се ин, затоа не стравувајте да ги испробате. Барем вие нема зошто да се грижите.

Објавено:
5 јануари 2018
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
2.556 пати